Деновиве и официјално почнува божиќната сезона, еден од најубавите и најочекувани празници во годината, период кога со украсување на домот и градината го внесуваме новогодишниот дух во нашиот дом.
Улиците, плоштадите и дуќаните уште од почетокот на декември започнаа со празничното украсување, па време е и вие да почнете да размислувате за украсување на домот, дворот или балконот доколку живеете во зграда.
Ако немате време и креативни идеи за декорација, тука сме да ве инспирираме и да ве потсетиме на магијата што ја носи овој период од годината.
Започнете со влезот. Гостите пречекајте ги со божиќна магија. На вратата обесете венец што можете да го направите од гранчиња, малку зеленило и да го збогатите со некоја панделка или украс. За збогатување на божиќниот дух соберете ги сите новогодишни честитки што ги имате, закачете ги на конец или врвца и обесете ги на ѕидот над каминот или на кој било друг дел од собата.
Со божиќните светилки можете да украсите буквално сѐ: прозорците, мебелот, цвеќињата, вратите… Постои нешто посебно во светлината на тие мали светилки што трепкаат во ладите зимски ноќи.
За да ја помирисате божиќната магија, задолжително набавете етерично масло од цимет, ванила или портокал, а истата функција ќе ја постигнете и со мирисливите стапчиња. Испечете божиќни колачи со мирисливи зачини и дозволете нивната миризба да надвладее во целиот дом.
Ако самите подготвувате украси, користете природни елементи. Појдете до блиската шума или парк и соберете борови гранки, лисја, шишарки, разни бобинки и сѐ што би ви послужило во изработката на божиќните декорации. Освен што ќе изгледаат убаво, нема да ве чинат пари.
Црвените и зелените панделки може да се користат како евтин божиќен украс со кој ќе ги украсите прозорците, завесите, каминот, мебелот и гелендерите. Ако живеете во куќа и имате скали, гелендерите украсете ги со зелени гранки, ламбички, панделки и други божиќни декорации.
Немојте да ги заборавите ни божиќните бисери во златна и сребрена боја, кои каде и да ги ставите, ќе дејствуваат гламурозно.
Немојте да ги фрлате старите стаклени тегли! Од нив, со малку фантазија, можете да направите прекрасни божиќни и новогодишни декорации. Наполнете ги со различни комбинации од суви гранчиња, црвени бобинки, жолти лисја и шишарки. Можете да ги испрскате со спреј од вештачки снег или, пак, да додадете некоја панделка со која ќе ја збогатите декорацијата што нема да помине незабележително.
Но, сепак, впечатливо украсената новогодишна елка е центарот на новогодишната и божиќната магија.