Најмалку четворица руски војници се убиени, а тројца други се ранети, во напад на сириски бунтовници во провинцијата Деир ез-Зур во источниот дел на Сирија. Во соопштението на руското министерство за одбрана се наведува дека руските војници загинале кога во текот на ноќта неколку мобилни групи на терористите извршиле напад врз артилериска батерија на сириските владини сили.
Според министерството, при нападот биле убиени двајца „руски советници“, а петмина други биле ранети. Ранетите лица биле веднаш пренесени во руската воена болница, каде што двајца од нив подоцна им подлегнале на добиените повреди.
По нападот почнале борби, кои траеле околу еден час, при што сириските војници заедно со руските советници ликвидирале 43 бунтовници и уништиле шест џипа на кои биле монтирани тешки пушкомитралези. Руското министерство не соопшти дали има евентуални жртви во редовите на силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад.