Во уметничката галерија во „Музеј – Куманово“ е отворена изложбата „Фемиграции“ – уметност за правата на бегалците, во организација на Македонското здружение на млади правници од Скопје и УСАИД. Изложбата опфаќа 21 ликовно дело и видеоарт-презентации, изработени од жени-уметници за жените бегалки, го разоткрива големиот наратив на бегалските кризи, за жената бегалка што мигрира на друго место во потрага по услови за подобар живот.
– Продукцијата нуди еден интересен, ликовно-концептуален аспект, организиран во 21 кутија (објект), кој говори како секоја од авторките различно, на свој начин, го третира феноменот за човековите права, за правата на бегалците, во прв ред правата на жените бегалки – вели Драгана Спасковска, кустос-историчарка од „Музеј – Куманово“.
На изложбата се презентирани дела од: Јана Јакимовска, Славица Јанешлиева, Елизабета Аврамовска, Маргарита Киселичка, Јана Манева Чупоска, Кристина Божурска, Шќипе Мехмети и др., кои различно, индивидуално со јасен и интересен ликовен јазик го прикажуваат проблемот на женската миграција.