Шампионот Реал во ЛШ лани заработи 88,65 милиони евра, пред полуфиналистот Рома, со 83,8. Во ЛЕ, победникот Атлетико, но заедно со парите од ЛШ,
заработи 47,8 милиони, а финалистот Марсеј, кој играше само во ЛЕ, 22,9 милиони евра

Европската фудбалска унија (УЕФА) објави информација за парите исплатени на клубовите за настапите во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) во ланската сезона, 2017/2018. Најмногу заработи шампионот Реал Мадрид, 88.654.000 евра, вклучувајќи го и бонусот од 15,5 милиони евра за освојувањето на 13-та титула првак на Европа. Финалистот (го играше осмото европско финале) и петкратен првак Ливерпул е на врвот на листата меѓу британските тимови, со заработка од 81,283 милиони евра. Но пред Ливерпул на таа листа е тимот што токму Ливерпул го елиминира во полуфиналето, италијанската Рома, со заработка од 83,802 милиони евра. Уште еден полуфиналист, Јувентус, доби 80,057 милиони евра.
Понатаму на таа листа следуваат Баерн (70.494.000 евра), Челси (65.156.000), Манчестер сити (63.821.000), ПСЖ (62.058.000), Тотенхем (61.307.000), Барселона (57.439.000) итн. Најмалата заработка ја имаа Карабах (16,819 милиони), Бенфика (17,451), АПОЕЛ (17,699), Марибор (18,444) итн.

Вкупно 32-та тима што настапија во групната фаза натпревари, како и 10-те што беа елиминирани во плејофот, поделија 1,412 милијарди евра. Овие пари се од ТВ-правата, од спонзорите на УЕФА и од други комерцијални зделки.
Во второто по ранг натпреварување, ЛЕ, заработката на клубовите учеснички беше далеку под таа во ЛШ, што ја истакнува важноста од настап во најквалитетното натпреварување. Победникот Атлетико Мадрид заработи 16,1 милиони од ЛЕ, плус 31,730.000 од настапот во групната фаза во ЛШ (вкупно 47,8 милиони). Финалистот Марсеј заработи 22,9 милиони евра. Арсенал, кој стигна до полуфиналето, заработи 37,7 милиони евра, при што „лавовскиот дел“ или 2/3 од таа сума (28,9 милиони евра) доаѓаат од маркетиншките права.

На тимовите што лани играа во ЛЕ вкупно им беа исплатени 427,4 милиони евра (годинава 560), што е 30 отсто од парите што им беа исплатени на тимовите во ЛШ. Дел од тие пари се слеа и во касата на скопски Вардар, кој беше првиот тим од Македонија што играше во групната фаза натпревари во ЛЕ. Вардар во групата освои еден бод, кој се вреднуваше 120.000 евра, а за пласманот доби 2,6 милиони евра, објави УЕФА.

Кога се имаат предвид сите овие бројки, не е ни чудо што постои вистинска „тепачка“ меѓу клубовите во повеќето европски лиги за играње во ЛШ. Уште повеќе ако се знае дека во новата сезона наградите ќе бидат уште поголеми, речиси двојно повеќе. 


Првакот сезонава може да ја пробие границата од 100 милиони?

Годинава само за настап во групната фаза на Лигата на шампионите во фудбал клубовите ќе добијат по 15,25 милиони евра (лани 12,7 милиони). Победата се наградува со 2,7 милиони евра (лани 1,5), а ремито со 900.000 евра (лани 500.000). Ако се претпостави дека за пласман понатаму се потребни барем 10 бода, тогаш заработката на еден клуб од групната фаза би била околу 25 милиони. Кога на тоа ќе се додадат парите за пласман во осминафиналето, четврт-финалето, полуфиналето, финалето и за титулата, но со тоа и за пласманот во Суперкупот, тогаш новиот шампион само од настапите би можел да заработи околу 79 милиони евра. На оваа сума ќе се додаде и заработката од маркетиншкиот дел на УЕФА, кој, на пример, за полуфиналистите во ланската сезона во просек изнесуваше 39 милиони евра (најмалку зеде Ливерпул, 29,19).