Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Сѐ се сведува на учење техники како да се препознаат овие лажни информации, од кои подоцна ќе произлезат и одредени правила како да се препознае изворот, дали тој е верификуван и потврден од два или три извори и слично. Преку овие механизми новинарите, но и публиката, сами ќе може да ги оценат вестите, дали недостига нешто во нив, дали е променета содржината или, пак, тие се невистинити во целост, тврдат експертите

Ако за шнајдерите и кројачите постои изреката „трипати мери, еднаш сечи“, тогаш за веродостојноста на информациите пласирани во медиумите и социјалните мрежи може да се примени изреката „трипати проверувај, еднаш поверувај“.
Медиумските манипулации не се новина и тие постојат со години. Она што е актуелно во моментов се новите социјални медиуми и мрежи, кои се простор што често се злоупотребува и е преплавен со невистинити, полувистинити информации или манипулации, односно со т.н. лажни вести. Ваквата појава на лажно информирање нанесува огромна штета во сите сегменти на општественото живеење, а последици од тоа трпат сите држави или, условно кажано, и големите и малите. Токму во насока на превенирање и сузбивање на оваа опасност, неделава што е пред нас е прогласена за Недела на борба против лажните вести, во која се предвидени и низа настани. Активностите имаат цел да поттикнат критичко размислување и да ја издигнат свеста за штетата што лажните вести, манипулациите и дезинформациите ја нанесуваат во целото општество.

– Новите медиуми нудат простор за неограничена слобода на изразување, која, за жал, често се злоупотребува од поединци што не размислуваат или воопшто не им е грижа за етичките стандарди на информирање и одговорно искажување на ставовите. Сведоци сме на зголемен тренд на лажни вести и манипулации, кои некогаш не можат да ги препознаат ниту експертите. Преку Неделата против лажните вести сакаме да ги отвориме овие прашања, да им понудиме на граѓаните алатки да ги препознаваат ваквите медиумски манипулации и да реагираат – вели Жанета Трајкоска, директорката на Институтот за комуникациски студии.

Овој вирус на лажно информирање, според познавачите на состојбите во медиумите, е застапен и во домашниот етер и влијае врз публиката.

Александра Теменугова од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, но и членка на ИКС, вели дека многу е тешко да се препознае вистината што ја гледаме во медиумите, било да е тоа во печатените медиуми, на телевизија или на Интернет. Теменугова посочува дека во услови кога технологијата овозможува различни видови манипулација со публиката, од креирање лажни фотографии до создавање или преработка на лажна содржина, аудио и видеоматеријал, единствено решение за справување со овој феномен се медиумската писменост, построгата контрола на надлежните институции и издигањето на свеста кај граѓаните за лажните вести.

– Единствено со медиумска едукација можеме да се справиме со овој феномен, и не само со него туку и со сличните како него манипулативно пропагандни методи што сѐ повеќе нѐ засегаат. Сѐ се сведува на учење техники како да се препознаат овие лажни информации, од кои подоцна ќе произлезат и одредени правила како да се препознае изворот, дали тој е верификуван и потврден од два или три извора и слично. Преку овие механизми новинарите, но и публиката, сами ќе може да ги оценат вестите, дали нешто во нив недостига, дали содржината е променета или, пак, тие се невистинити во целост. Сите овие, но и други техники за кои зборувам се учат и публиката сѐ повеќе треба да биде свесна за овие ризици – вели Теменугова.

Тие се едногласни дека најдобра заштита од лажните вести се проверените и докажани медиуми со децениска традиција, углед и висок новинарски професионализам

За ситуацијата во домашните медиуми, Теменугова тврди дека пласирањето лажни вести или непотврдени информации е само еден аспект во трката со времето и борбата за поголема читаност и гледаност.
– Секундарниот момент на кој треба да се внимава е кога одредени информации се испраќаат со одредена заднина, без разлика дали се фаворизира определена политичка или бизнис-идеја – додава таа.

На оваа тематика е спроведено и истражување на Институтот за комуникациски студии, направено преку анонимна телефонска анкета, каде што повеќе од една третина испитаници одговориле дека поминуваат на Фејсбук меѓу еден и три часа во денот, а повеќе од една четвртина испитаници поминуваат повеќе од три часа во денот. Резултатите од истражувањето покажуваат дека дури 71 процент од младите од 15 до 24 години се согласуваат со изјавата: „Важно ми е мислењето што го споделуваат јавните личности што ги следам на социјалните мрежи“. Од овој процент, најмногубројни се младите од скопскиот регион.

– Тоа е особено загрижувачки за младата популација, која следи доста јавни личности, и алармантно е тоа што им верува на тие јавни личности што пласираат онлајн – наведува Теменугова од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста.
Во меѓувреме за поздравување е што Министерството за внатрешни работи, во функција на полесно детектирање и справување со овие асоцијални и антисоцијални појави, воведе и апликација на својата интернет-страница, на која граѓаните можат да пријавуваат какви било сознанија или информации од оваа област. Апликацијата може да се најде на официјалниот сајт на МВР и е насловена „Црвено копче“. Како што се наведува во објаснувањето за апликацијата, таа е наменета за пријавување какви било сознанија или информации од областа на злоупотреба на деца, криминал од омраза и повикување на насилство. Паралелно со ова, во моментов на Интернет во Македонија има неколку информативно-едукативни веб-страници, чија главна цел е да ги информираат граѓаните за повеќе аспекти поврзани со говорот на омраза и лажните вести, но истите тие слабо се обновуваат и содржината објавена на нив е скромна и неразбирлива за обичните граѓани. Една од многуте што се обновуваат редовно е веб-страницата http://stopdezinformacii.mk или фејсбук-страницата https://www.facebook.com/StopDezinformacii/. која го следи и препознава овој феномен, а во исто време ги едуцира граѓаните.


„Нова Македонија“ носител на проектот за медиумска писменост

Со феноменот на ширење невистинити информации не се соочува само нашата земја туку тоа станува своевиден глобален тренд, односно проблем. Тргнувајќи од сериозноста на проблемот и ризиците што ги носи оваа појава, првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ веќе неколку години, заедно Високата школа за новинарство, спроведува и организира голем број настани, предавања и работилници за медиумска писменост. Во рамките на тој проект досега се реализирани голем број активности со кои се едуцира јавноста како аналитички и критички да ги перципира медиумските содржини и да ги проверува понудените информации.

Aлександра Теменугова од Високата школа за новинарство
Фото: Маја Јаневска-Илиева