Фото: Маја Јаневска-Илиева

По трагичното заминување на актерката Билјана Беличанец, Венко Андоновски и посвети песна. Се огласија и нејзините колеги од Драмскиот театар

Познатата театарска, телевизиска и филмска актерка Билјана Беличанец, која четири години беше и градоначалничка на општината Кисела Вода, на 6 април беше пронајдена мртва во стан во Скопје. Според информацијата на МВР, која вчера ја пренесе агенцијата МИА, Беличанец си го одзела животот со бесење, а телото, кое е предадено на обдукција, го пронашол нејзиниот сопруг С.М. по што од брзата помош констатирале смрт. Веста привлече големо внимание во јавноста, а вчера со ин мемориам се огласи и Драмски театар.
„Како актерка со непроценлив талент, работна пожртвуваност и професионалност, таа ги толкуваше главните улоги во пиесите и заслужено го заземаше местото на првенец актер во Драмскиот театар Скопје“, напишаа меѓу другото нејзините колеги од театарот каде што Беличанец работеше од 1997 година.

Билјана Беличанец беше родена на 25 јули 1973 година во Скопје, каде што дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности (1994) по што три години работеше во народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Градоначалничката функција ја извршуваше од 2013 до 2017 година. Како актерка во театарот, Таа настапуваше во голем број претстави и оствари забележителни улоги. Играше, меѓу другите, и во претставите „Заводникот од западниот свет“, „Свадбата на Фигаро“, „Платонов“, „Кандид во земјата на чудата“, „Тетовирани души“, „Три сестри“, „Грев или шприцер“, „Генетика на кучињата“, „Архелаос или Еврипид се враќа дома“, „Последните Македонци“, „Љубовници“. Забележани се нејзините улоги во филмовите „Мајки“, „Од денес до утре“, учеството во ТВ-проектот „Здраво генијалци“, а нејзиниот глас беше лесно препознатлив меѓу натсинхронизираните гласови во популарните турски серии во земјава.

Беличанец за своите актерски остварувања беше наградувана на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ (МЕСС) во Сараево.

Комеморацијата по повод прераната смрт на Билјана Беличанец ќе се одржи утре во 10 часот во Драмскиот театар Скопје. 


Лизгање од сплавот

На Билјана Беличанец

Пловеше со нас на сплавот
на очајот, занесот и стравот,
од кој секој ден понекој паѓа
во црниот вир, смртта кај се раѓа.

Пловеше и ти на сплавот,
камена, а стаклена и дребна.
На сплавот на гревот и срамот,
полн омраза, завист и пизма.
Ти не пловиш веќе, но знаеме сите:
ти не умре Бибе, ти само се лизна.

6 април 2019
Венко Андоновски