Дури ни крушата под круша не паѓа доколку веднаш оди за извоз!
Требаше сѐ да наредат под конец, само што немаа средства ниту за него!
Стегањето на коланот е полесно доколку и тој не е премногу стар!
Со избричена коса и пуштена брада секое лице изгледа наопаку!
Единствено за зајакот победата во трката со волкот е навистина од животна важност!
Дека криеницата е полезна игра можеме да утврдиме дури откако ќе пораснеме и притоа ќе си го спасиме животот со помош на неа!
Порано нѐ ставаа на тапет, а сега нѐ мачкаат со еколошки бои!
Добро е што успеа да си ја одржи главата на рамената, а особено што тоа го правеше на туѓите рамена!
Скапиот живот сѐ повеќе станува скапан!
За оние што одвај пливаат во морето со големи бранови од проблеми, единствен спас е цунамито!
Смеењето е најдобар лек, сѐ додека не почнеме да се смееме и на брашното!
Помалку му се исплати да биде илустратор, отколку лустратор!
Сосема нормално е сите рефлектори и блицеви повеќе да бидат свртени кон темните страни од медалите!
По сѐ судејќи, фотелјите се најефикасно средство за ублажување на болките во грбот и под него!
Луѓето на човекот му се доброволци!
Во ова брзо време најмногу средби се остваруваат при непочитувањето на црвеното светло од семафорите!
Во ова време на пазарна економија, на која било стока полесно можеше да ѝ порасне цената отколку нему!
Трнот кај розата е полесен за долго меморирање, отколку и што ѝ се убавиот изгледот, бојата и мирисот!
Морето од долгови обично се наоѓа на суво!
Успеа да ги врати сите долгови, па затоа повеќе немаше ниту тоа да го прослави!
Тој беше на толку висока функција, што веќе никој не можеше да го види!
Им го покажа патот, но само за да го изградат со доброволна акција!
Кај нас напролет сѐ е напупено, а најмногу во скриените делови од парковите!
Иван Русјаков