ФУДБАЛ
Нов трансфер-рекорд – Волш за 400.000 фунти замина во Барселона

Фудбалерката од средниот ред на Англија, Британката Кира Волш, го напушти Манчестер сити и се пресели во Барселона, за рекордна сума кога станува збор за трансфери во фудбалот за жени, за 400.000 фунти (460.800 евра).
Барселона цело лето преговараше со Манчестер сити, кој одби најмалку три понуди од каталонскиот клуб. Волш (25) беше прогласена за најдобра фудбалерка во финалето на Европското првенство (ЕП) годинава, во кое Англија ја победи Германија, на стадионот „Вембли“ со 2-1. Таа дебитира за Манчестер сити во јули 2014 година, досега одигра 189 натпревари за „граѓаните“ и постигна осум гола.
Зад Волш, на листата на најскапи фудбалски трансфери за жени следуваат Перниле Хардер од Данска, за трансферот од Волфбург во Челси за 250.000 фунти (288.000 евра) во септември 2020 година, потоа на Бразилката Милен Домингеш, од Фиама Монца во Ралјо Валјекано за 235.000 евра во 2002 година, на Британката Лорен Џемјс од Манчестер јунајтед во Челси, за рекордна зделка од 235.000 евра меѓу два клуба во женската англиска Премиер-лига во 2019 година итн. Л.Д.


СКИЈАЧКИ СКОКОВИ
По три години, „Четири скокалници“ пред публика

Почна продажбата на билети за традиционалната новогодишна турнеја во декември и во јануари „Четири скокалници“ во скијачки скокови, првпат по три години.
– По две години без гледачи, очекуваме многу голема побарувачка за билети зимава и можам само да ги советувам сите љубители на скијачките скокови да ги набават билетите порано, без разлика за кое место – рече претседателот на „Четирите скокалници“, Питер Крујер, од Оберсдорф, пренесе Интернационалната скијачка федерација на својата интернет-страница.
Организаторите очекуваат преполни стадиони и вкупно повеќе од 100.000 гледачи. Во минатите две години традиционалното натпреварување се одржа без присуство на публика поради ограничувањата поради пандемијата на коронавирусот.
Турнирот се одржува од 1953 година во германските Оберсдорф (вообичаено на 29 или на 30 декември) и Гармиш-Партенкирхен (1 јануари) и во австриските Инсбрук (3 или 4 јануари) и Бишофсхофен (6 јануари).


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ВУЕЛТА
Евенепул е пред прв триумф

Белгиецот Ремко Евенепул победи на 18-та етапа на годинашната 77. велосипедска трка Вуелта, со што го зголеми водството во генералниот поредок на 2,07 минути пред главниот ривал Шпанецот Енрик Мас и е многу блиску до конечен триумф на трката во Шпанија, првпат во кариерата. Тоа беше втора етапна победа за 22-годишниот Евенепул, по онаа на индивидуалниот хронометар во 10-та етапа. Патот кон триумф на Евенепул му се отвори по падот во 16-та етапа и откажувањето на победникот во минатите три години, Словенецот Примож Роглич.
– Уште не е готово. Претстои уште една тешка, завршна фаза и моите противници сигурно ќе ме нападнат. Но можеби сега ќе ми биде полесно да ги контролирам. Чувствувам дека моите нозе се навистина добри, последните три дена беа многу добри за мене и за тимот – вели Евенепул. Л.Д.


ЕП ВО ВАТЕРПОЛО
Хрватска и Унгарија ќе играат за златото

Селекциите на Хрватска и на Унгарија ќе играат во финалето на Европското првенство (ЕП) во ватерполо за мажи, кое се одржува во хрватскиот град Сплит. Хрватска, која има една титула европски првак, во финалето што се игра денеска се пласира откако ја совлада Италија со 11-10 (3-2, 3-3, 3-3, 2-2), пред 9.000 гледачи во „Спаладиум арената“. Унгарија, пак, која е и актуелен европски првак и освојувач на најмногу златни медали од европските првенства, во полуфиналето ја победи Шпанија со 10-8 (2-3, 5-2, 0-2, 3-1). Г.И.


ФУДБАЛ
Потер ќе биде четвртиот најплатен менаџер во Премиер-лигата?

Грем Потер е новиот менаџер на англискиот фудбалски премиерлигаш Челси, наследник на Томас Тухел, кој доби отказ. Потер (47), доскорешен менаџер на Брајтон, претходно на Свонси и на Остерсунд, потпиша петгодишен договор со „сините“, вреден 60 милиони фунти (околу 70 милиони евра), со што ќе биде четвртиот најплатен менаџер во Премиер-лигата, по Пеп Гвардиола во Манчестер сити (19 милиони фунти годишно), Јирген Клоп (16 милиони) и Антонио Конте (15 милиони), пишуваат британски медиуми.
Челси му исплати на Брајтон уште 21 милион евра за раскинувањето на договорот со Потер, кому во Лондон ќе му се придружат и неговите помошници. Тухел доби отказ по 20-те месеци на функцијата, иако освои три трофеи, во Лигата на шампионите, во Суперкупот на УЕФА и на клупското Светско првенство. Во минатите 19 години (од 2003-та), на клупата беа и Франк Лампард, Маурицио Сари, Антонио Конте, Жозе Мурињо (двапати), Рафаел Бенитез, Роберто ди Матео, Андре Вилјас Боаш, Карло Анчелоти, Гус Хидинк, Луис Фелипе Сколари, Аврам Грант и Клаудио Раниери. Л.Д.