Со оваа спогодба со Грција се ставаме во позиција самите да си ускратиме некои основни права. За почеток самите си го суспендираме правото на самоопределување што е загарантирано со повелбата на Обединетите нации. Потоа, самите си го граничуваме суверенитетот и дозволуваме Грција да ни го преуредува Уставот и да ни наложува преземање членови од нејзиниот устав, вели професорката по Уставно право, Гордана Сиљановска-Давкова
Македонското собрание веќе ја започна процедурата за ратификација на договорот меѓу Македонија и Грција, потпишан во Преспа, на 17 јуни 2018, од страна на министрите за надворешни работи на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас. Пратениците во македонскиот парламент веќе на 19 јуни (бидејќи помина во Владата на РМ, на 18 јуни), со 69 гласа го изгласаа предлог-законот со кој Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција ќе се гласа по скратена постапка. Четириесет од присутните пратеници се изјаснија против овој предлог-закон. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ веднаш ја напуштија седницата. Веднаш по гласањето на пленарната седница, за 15 часот во вторник (19 јуни), беше закажана седница на комисијата за европски прашања. За договорот може да се дебатира на комисијата до среда (20 јуни). По дебатата во комисијата, предлог-законот за ратификација на договорот повторно ќе се најде на пленарна седница за да биде ратификуван. За ратификацијата е потребно просто мнозинство, односно 50 отсто плус 1 од присутните пратеници. Ратификацијата на преспанската спогодба меѓу Македонија и Грција треба да се случи пред заседавањето на Европскиот совет, кон крајот на јуни, кога ќе се одлучува дали Македонија ќе добие датум за почеток на преговори за членство во Европската Унија.
Очигледно е дека агендата за спроведување на сите процедури за усвојување на Преспанскиот договор е прединамична, оди прекутрупа, и се чини дека се „пресудни“ часови, а не денови. Со потпишувањето на договорот во Преспа, македонската влада се обврза дека сите законски процедури за негово спроведување ќе ги заврши забрзано, за да ги стигне ветените рокови за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ и покана за НАТО. Во таквото брзање можно е да се прекршат, дури и целосно да се пренебрегнат некои законски процедури, но се чини дека нивното спроведување за македонската влада и за креаторите и поддржувачите на Преспанскиот договор има само формално значење. Всушност, и самото потпишување на договорот во Преспа го надмина мандатот на министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, зашто според членот 119 од Уставот на Република Македонија, само претседателот на државата има ингеренции за потпишување меѓународни и билатерални договори со идентитетско значење.
– Како планирате да се запазат роковите од договорот, со јасно предвидливи институционални и процедурални пречки, кои не случајно постојат. Истите тие се дел од системот на кочници и рамнотежа, како клучен сегмент на претставничката демократија и постојат за да не се прават вакви глупости и егзибиции во креирањето политики и управувањето со државните ресурси – пишува Страшко Стојановски, професор на Правниот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во неговата анализа и посочува на одредени постапки што ги направила македонската влада во договорот со Грција.
Според правните експерти во Македонија, со првиот дел, односно првите осум члена од Преспанскиот договор сериозно се нарушени принципите на меѓународното право, а таквиот однос на сите инволвирани во неговото креирање, логично, повлекува и релативизирање на националниот правен систем. Во таков контекст на формално спроведување на законските процедури, многу лесно се носат одлуки за заобиколување и забрзување на постапките.
– Со потпишувањето на договорот со Грција, одеднаш станавме „најевропејци“! Владата, „во чест“ на г-ѓа Могерини и г. Хан, го закити законот за ратификација на договорот со европско знаме, „манифестирајќи“ европска посветеност. Во трката со времето, откако „превиде“ дека Комисијата за надворешна политика е законски надлежна за утврдување на потребата од започнување преговори за склучување билатерални и мултилатерални меѓународни договори, сега „заборави“ дека истата таа е законски надлежна за разгледување на предлог-законите за ратификација на меѓународните договори. Згора, не водеше сметка дека нејзин претседател е пратеник од опозицијата…. Попусто е мавтањето со европското знаме ако не се почитуваат опозицијата и парламентарната процедура. Без правата нема демократија, без втората – нема владеење на правото – вели професорката по Уставно право на Правниот факултет при УКИМ, Гордана Сиљановска-Давкова.
Според професорката Сиљановска-Давкова, Преспанскиот договор ѝ носи повеќе суштинска штета на македонската страна отколку придобивките што би ги стекнала со евентуална и не толку брза евроатлантска интеграција на Македонија.
– Со оваа спогодба со Грција, се ставаме во позиција самите да си ускратиме некои основни права. За почеток самите си го суспендираме правото на самоопределување што е загарантирано со повелбата на Обединетите нации. И македонската нација како демос (не како етнос) е дел од Обединетите нации и ги има правата од повелбата на ОН, од која со спогодбата се откажуваме. Потоа, самите си го ограничуваме суверенитетот и дозволуваме Грција да ни го преуредува Уставот и да ни наложува преземање членови од нејзиниот устав. Носител на суверенитетот на македонската држава е македонскиот народ, а со оваа спогодба дел од суверенитетот се пренесува и на грчкиот народ. Едноставно самите си дозволуваме мешање во внатрешниот поредок на државата. Со политика не може да се коригира историјата – вели Гордана Сиљановска-Давкова.