Столе Смилковски (до 60 кг) и Берат Јакупи (до 84 кг) се најуспешните каратисти што настапија викендов во турскиот град Истанбул, во рамките на турнирот од Серија А. Во конкуренција на 1.813 натпреварувачи во кати и борби од 101 држава, Смилковски и Јакупи, кои настапија во борби, остварија по четири победи и беа мошне блиску да се вмешаат во борбата за медал.
По три победи на татамите остварија Горан Николовски (до 60 кг) и Петар Спасеновски (до 84 кг). По две победи впишаа Сара Крстевска (до 55 кг), Ненад Келебиќ (до 67 кг), Давид Петков (до 67 кг), Азиз Исмаил (до 75 кг) и Доан Османи (до 75 кг), сите во борби.
Македонските каташки Маријана и Мишела Димоски и Киријана Камческа, кои ги бранат боите на Австралија, го освоија сребрениот медал, откако во финалето загубија од иранскиот состав.
Натпреварувањето беше мошне значајно, оти на него се освојуваа бодови за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио 2020 година. А колку освоиле најдобропласираните Македонци, ќе биде познато на почетокот на следниот месец. Следниот турнир во Серијата А е во канадскиот град Монтреал (21-23 јуни).
Засега од Македонците најдобро на листата за ЛОИ котираат Берат Јакупи (до 75 кг), кој е на 25-то место со 1.290 бода, Емил Павлов (до 67 кг) и Азиз Исмаил (до 75 кг) и двајцата на 43-то место со 922,5 односно 532,5 бода и Наташа Стефановска (до 61 кг) на 39-то место со 622,5 бода. Во кати, пак, Пуликсенија Јованоска, која е на 30-то место со 577,6 бода. На ЛОИ ќе настапат по 10 каратисти во три категории во машка и во женска конкуренција.
Теквондистите поразени во Манчестер
Македонските теквондисти Анамарија Георгиевска (до 61 кг), Филип Додевски (до 87 кг) и нашата најголема надеж во овој спорт и кандидат за настап на Олимписките игри (ОИ) во Токио 2020, Дејан Георгиевски (над 87 кг), се поразени уште во 1-то коло на Светското првенство (СП), кое се одржа во Манчестер, Англија.
Анамарија загуби од Кинезинката Зонгши Луо, Додевски од Сејду Гбане од Брегот на Слоновата Коска, додека Георгиевски од Русинот Рафаел Ајукаев.