Македонските шаховски репрезентации на три кола до крајот се под почетниот ранг на 43-та Шаховска олимпијада (ШО), во грузискиот град Батуми. Мажите по првото реми во 8-то коло со Канада (рангирана 28. пред ШО), се 58., а македонските шахистки, по триумфот со 3-1 над Данска (рангирана 49-та) се на 59-то место. И двете селекции имаа идентичен скор со по четири победи, три порази и по едно реми, со таа разлика што по табли дамите имаа еден поен повеќе (19-18). Вчерашните ривали Мјанмар (рангиран 72.) за шахистите, односно Алжир (рангиран 67.) за жените претставуваа реална можност да се поправат сегашните пласмани и со повеќе поени да се влезе во последните две кола.
Кај шахистите засега најуспешен е ВМ Кирил Георгиев на првата табла, со пет поени од можни седум, а кај шахистките, ЖФМ Моника Стојковска со пет поени од шест можни (83,3 отсто). Добивањето нови шаховски титули е комплициран процес, кој зависи од повеќе фактори (поени, рејтинг…), но Стојковска, на која ѝ недостига уште една норма за повисоката титула женски интернационален мајстор (на ШО 2016 освои две норми), се чини е најблиску да го оствари тоа. Сепак, сѐ зависи од последните три кола и силината на противничките. На ШО на три кола до крајот во машка конкуренција водеа САД (15 бода), пред Полска (14), а во женска, Кина и Украина (со по 14).