Издавачката куќа „Готен“ го објави македонскиот превод на романот „Сеќавањето на шумата“ од хрватскиот писател Дамир Каракаш. Преводот на книгата е на Владимир Јанковски. Тоа е еден од најнаградуваните хрватски романи во последниве години, книга што според критичарите еден ден сигурно ќе биде сместена меѓу класиците на хрватската книжевност.
Во „Сеќавање на шумата“ Каракаш со исклучително малку изразни средства, на концизен начин, компримирано го води човекот кон најдлабоките плодови на емоциите, од друга страна реалистично прикажувајќи го микрокосмосот на Лика. Според хрватскиот писател Роберт Перишиќ, „Сеќавањето на шумата“ е краток роман со поетско темпо, книга за едно необично растење под сенката на мистеријата што се крие во самото тело. Книга во која се натпреваруваат стравот и волјата, се допираат траумата, хуморот и поезијата. Книга од работ на шумата, целосно каракашевска, извртена во својата логика, точна и течна, поместена и разбирлива…