Како што светот продолжува да се бори со пандемијата на ковид-19, тој останува недоволно подготвен за идни епидемии и пандемии. Ова меѓу другото се наведува во новото истражување на Иницијативата за нуклеарна закана (НТИ), Центарот за здравствена безбедност при Школата за јавно здравје на Блумберг и универзитетот „Џонс Хопкинс“. Индексот за заштита од нова епидемија на една држава се фокусира на шест аспекти на подготвеноста на една земја, и тоа: превенција, откривање и известување, брз одговор, здравствени системи, усогласеност со меѓународните норми и ризично опкружување. Одговорот на ковид-19 покажа дека многу фактори, вклучувајќи ги капацитетите за јавно здравје и здравствена заштита, научното разбирање и употреба на контрамерки, како и социјалната и економската отпорност, играат клучна улога во тоа како земјите се способни да одговорат за време на пандемија.
Изданието на индексот за 2021 година открива дека и покрај тоа што ковид-19 ја издигна свеста за заканата од појавата на претходно непознати патогени, „сите земји остануваат опасно неподготвени да се соочат со идните закани од епидемии и пандемии“. Фактот дека дури и „најдобро подготвените“ држави не го достигнуваат највисокото ниво на индексот сигнализира дека „постојат значителни јазови во сите земји и меѓу категориите“, без разлика на приходите.
Подготвил: Дејан Србиновски