Македонија е во групата А, заедно со Шпанија, Литванија, Финска и со Косово, во групата Б се Исланд, Полска, Белорусија, Турција и Летонија. Првото место на овој шампионат од дивизијата Б носи место на ЕП

РАКОМЕТ

Македонската женска кадетска репрезентација ги почна подготовките за учество на Шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) од дивизија Б за ракометарки до 17 години, од 7 до 15 август, во Литванија. Селекцијата на Македонија е во групата А, заедно со Шпанија, Литванија, Финска и со Косово. Во групата Б се Исланд, Полска, Белорусија, Турција и Летонија.
Паралелно со шампионатот во Литванија, 12 селекции ќе играат во Грузија и ќе се борат за првата позиција во разигрувањата, која носи место на ЕП (за двете најдобри селекции од двата шампионата).
Селекторот Љубомир Савевски за подготовките повика 21 ракометарка, од кои ќе го состави конечниот тим од 16 ракометарки со кои ќе се обиде да стигне до едно од првите две места во групата што носат место во разигрувањето за освојување на шампионатот и пласман во повисок ранг.
– Пред нас е уште еден важен и тежок турнир, во кој освојување на првата позиција и пласман еден ранг погоре се желба и цел на сите селекции учеснички. Уште со формирањето на младинската селекција, во тимот вклучивме поголем број кадетки за да уиграме тим со добра одбранбена и напаѓачка поставеност. Па, така, од младинскиот шампионат ги добивме Емилија Ризоска, Теодора Дукоска и уште неколку играчи со кои ќе можеме да ја градиме нашата игра. Подготовките во Маврово ќе ги искористиме за комбинирана физичка и техничко-тактичка подготовка, жал ми е што нема да бидеме во можност да одиграме контролни натпревари, но ќе се потрудиме од меѓусебните дуели да ги согледаме и елиминираме недостатоците и да ги направиме финалните корекции на играта – изјави Савевски.