Идната сезона наместо 10 ќе играат 12 тима, поделени во две групи, а во план е и младинска лига со 16 тима
Во пресрет на финалето синоќа на осмиот фајналфор-турнир во Регионалната лига во ракомет што се игра во Брест, Белорусија, раководството на лигата одржа состанок со клубовите на кој претседателот на лигата Михајло Михајловски најави проширување на првенството и промена на форматот на натпреварувањето.
– Следната сезона 12 екипи ќе бидат дел од лигата и ќе бидат поделени во две групи. По десетте натпревари од групната фаза ќе следуваат плејоф-натпревари, а потоа фајналфор-турнир. Овој нов систем ќе го намали бројот на натпревари, а околу формирањето на групите ќе имаме само два критериума. Првиот е две екипи од иста земја да не играат во иста група, а вториот е балансирање на групите според квалитет, за да добиеме квалитетни и гледливи натпревари – рече Михајловски.
Меѓу другото, тој додаде дека унгарскиот вицепрвак Веспрем се враќа во лигата и дека со него е потпишан нов тригодишен договор. Лигата ја напушта романскиот претставник Стеауа, а преговори за приклучување кон регионалното натпреварување се водат со словенечкиот тим Целје и со унгарскиот состав Татабања.
Како една од новините што ги најави раководството на Регионалната лига е воведувањето натпреварување во јуниорска конкуренција. Екипите што во моментов играат во Регионалната лига ќе имаат привилегија да бидат дел од ова натпреварување, но нема по секоја цена да се инсистира да имаат јуниорски тим во натпреварувањето. Исто така, Регионалната лига ќе понуди можност за учество на квалитетни јуниорски екипи (за ракометари до 18 години) и на тимови што не се дел од сениорската лига. Предвидено е ова натпреварување да се игра турнирски со вкупно 16 екипи, поделени во четири групи, од кои победниците ќе играат на фајналфор-турнир.