(Кон поетското писмо на Роза Бојанова, истакната бугарска поетеса и преведувачка, културна работничка)

Рецензија

Карактеристично за поетското писмо на Роза Бојанова, (р. 1953) истакната бугарска поетеса и преведувачка, културна работничка, е проникнувањето во метафизичките сфери, во оној неразгатлив предел на мислата во која Бојанова се вѕира со неотстапност, со велика концентрација и со изострено чувство за преливите, за сенките и за насетувањата за природата на битието. Со други зборови, нејзината лирска суштина е сложенка од видливото и замисленото, од материјалната демонстрација, но и од одблесокот на овдешното, на она што наивно сме убедени дека ни е достапно, согледливо и податливо за толкување и за разгатка.

Роза Бојанова е авторка на осум поетски книги, како и составувачка на дваесетина книги со творби на деца од целата земја. По повод излегувањето на избор од нејзината поезија „Медот на поезијата“ во 2008 година во издание на „Макавеј“ од Скопје, гостуваше во Скопје и во неколку други градови на нашата земја. Учествувала на „Струшките вечери на поезијата“ и на „Карамановите средби“ во Радовиш.

Нејзината единствена поезија е со својства што ѝ овозможуваат да биде можна, видлива, но особено да биде насетувана, втемелена и во крепкото, но и во кревкото, сеедно што и двете определби се привидно онакви какви што на прв поглед ни се прикажуваат. Во таа смисла е карактеристична и нејзината песна со предизвикувачки и алузивен наслов „Ништо не е така како што изгледа“. Таква, флуидна и затоа на свој единствен начин отпорна и со својства на очигледна трајност, оваа лирика на Бојанова не се стеснува да се укрепува и на најневеројатни основи и подлоги: таа може да биде испишана на површината на морето или да биде кажана во ветерот, а сепак да не се доведува во прашање. Еве како му се љубува на морето, соблазнувајќи се од неговата можна книжевна употребливост:

И го слушам морето –
Шуми како хартија
Врз која некој пишува.
Станува јасно дека оваа чиста лиричарка светот го доживува како материјал, како основа врз која го втиснува текстот. Светот, со сите негови раскошни и противречни својства го пресипува во текстот и на тој начин ја укрепува својата пространа песна. Затоа е можно, затоа е единствено правилно и справедливо, во една вака кратка препорака да се наведат следниве автореферентни стихови:
Идат овие стихови
Од кои воздухот истрпнува.

* * *

Кога ќе пронајдам смисла,
ќе ја спакувам во пакет
(како питата на баба ми
со која ја обиколуваше нивичката
пред да ја раскрши).
И ќе чекам да се врати.
Ако ја познаам – таа е.
Може да е порасната,
може да се смалила како старец,
може да посака да ми биде сопатник
или да каже како здодевен љубовник:
Не ме барај повеќе.
Нема смисла.

Тогаш ќе се обѕрнам
и ќе го прегрнам првиот човек на улицата.
– Ти си бил – ќе му кажам –
смислата на мојот живот.
И ќе го уплашам.
Од товарот на таа одговорност
ќе се превие.
И ќе ме испушти.

(Белешка и препев од бугарски на македонски јазик: Санде Стојчевски)