На 27 јуни, во рамките на Месецот на гордоста, во градското кино „Милениум“, со почеток од 20 часот, ќе се одржи проекција на играниот филм „Пријателка“, кој ни ги доближува проблемите и предизвиците со кои се соочуваат геј-луѓето во општество каде што истополовата љубов е забранета, а хомосексуалноста е кривично дело што се казнува со затвор од 5 до 14 години. Во режија на Ванури Кахиу, „Пријателка“ е кениски игран филм за пријателството и деликатната љубов што се развива меѓу две млади жени, Кена и Зики. Филмот беше забранет за прикажување во сопствената земја, но ги освои срцата на луѓето низ светот и доби голем број пофални критики.
Се вели дека „добрите кениски девојки стануваат добри кениски сопруги“, но Кена и Зики копнеат за нешто повеќе. И покрај политичкото ривалство меѓу нивните семејства, девојките истрајуваат и остануваат блиски пријателки, поддржувајќи се меѓусебно во следењето на своите соништа во едно конзервативно и религиозно општество какво што е она во Кенија. Кога љубовта процветува меѓу нив, тие ќе бидат принудени да направат избор меѓу среќата и безбедноста. „Пријателка“ ја имаше својата интернационална премиера во една од програмите во рамките на официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал во 2018 година. Тоа беше првиот кениски филм прикажан на фестивалот. Досега има освоено десетина награди на повеќе филмски фестивали во светот.