Оваа есен во мода се враќа мебел што изгледа природно. Етно-стилот, кој вклучува светилки од ратан, теписи со шари, декоративни прекривки, ќе биде одличен сојузник во борбата против дождот и сивилото. Весела рамнотежа за кратките и поладни денови дава розовата боја, која го затоплува домот. Се вклопува со метал, потемни неутрални бои и со сиви тонови. За посилен впечаток, комбинирајте ја со енергична виолетова боја.
Оваа есен нуди нешто и за обожавателите на минимализмот. Тие среќно ќе го дочекаат враќањето на црните детали, како што се полиците, масичките, органчињата, кои треба да се сведат на елегантни линии. За шик-ефект, комбинирајте ја црната со големи цветни мотиви на фотелји, ѕидови, перници.
Иако се поврзува со морето и со топлите денови, сината боја ќе биде актуелна и со есенското сивило. За здив на свежина, романса и спокојство ќе се погрижи розовата боја, а љубителите на гламурозни детали имаат причина за радост бидејќи златото се враќа на голема врата (инвестирањето во тепих што изгледа како да е прелиен со злато е голем хит). Доколку не ви се допаѓа во комбинација со розовата, можете да изберете темносина боја. Таа е убаво за око, но исто така е одлична и за зимата, особено кога се комбинира со златни детали на тапетите. А токму златната е боја на годината. Беше актуелна во текот на пролетта и летото, а останува присутна и во текот на есента и зимата. Декораторите на ентериер предлагаат златен тепих, особено ако го комбинирате со модерните реставрирани парчиња стар мебел.
На љубителите на живописни и енергични бои, форми и текстури, ќе им се допадне трендот што се потпира врз бохо-стилот. Линии, точки, геометриски форми врз ткаенините, прекривките, завесите, па дури и фотелјите – слободно одберете нешто од ова и нема да погрешите. За да го следите овој тренд, сепак, не само што треба да бидете храбри, но исто така и внимателни, за да не биде сето тоа кич. Значи, ако не сте сигурни дека можете да го изведете ова, подобро држете се до едноставноста.
И уредувањето на кујните почна да претрпува промени. Нема повеќе еден стил, туку комбинација од различни стилови. Работната површина од кварц, кујнски елементи направени од дрво или од темни делови наспроти светлиот мермер – слободно играјте си, бидејќи различните текстури постојат за да се дополнуваат едни со други.
Совет: едноставен трик за есенскиот ентериер се меките и топли детали. Наредете ги прекривките и перниците на фотелјите и троседите, вратете ги завесите на прозорците, а ако имате мек тепих, сега е време да го ставите на подот.