Идејата за ставање под заштита на Студенчишко Блато е стара со децении, но во последниве години повторно е актуализирана

Студенчишко Блато е единственото зачувано блато на македонскиот дел од охридското крајбрежје. Голем дел од неговите екосистемски услуги се добро познати, но дел и воопшто неискористени. Студенчишко Блато, и покрај делумното исушување и тампонирање низ годините, сепак во голем дел го има зачувано својот карактер. Преку својата пречистителна функција, директно влијае врз квалитетот на водите во Охридско Езеро и со тоа на зачувување на неговиот олиготрофен статус, основен фактор што ја детерминира биолошката разновидност во езерото, каде што припаѓаат над 200 ендемити. Блатото помага во одржувањето на биолошката разновидност на комплексните екосистеми, кои се карактеристика на древните езера, како што е Охридско. Исто така придонесува за регулирање на микроклимата и, многу важно, на концентрацијата на јаглероден диоксид во воздухот, што е многу битно за намалување на негативните ефекти од климатските промени. Не случајно, во најновиот извештај на ИУЦН за охридскиот регион од 2017 година, како приоритетна потреба на подрачјето се наведува: обнова на блатните екосистеми.

Важно е да се напомене дека, колку e поголема блатната површина, толку е поголема и моќта на блатото да ги врши овие помагачки и снабдувачки функции, но и го прави екосистемот поотпорен на надворешни штетни влијанија. Затоа е неопходно тоа не само да се заштити, туку и да се ревитализира на што поголема површина. Тоа може и многу лесно да се наголемува, со што неговата економска корист би била уште поголема, нѐ информираа активисти на граѓанската иницијатива „Охрид СОС“.
– Уште една, досега занемарена екосистемска услуга на блатото е културолошката, во развојот на еколошкиот туризам, имајќи предвид дека глобално блатата добиваат сè поголема важност од тој аспект. Меѓутоа, единствено решение за искористување на Студенчишко Блато може да се смета само одржлив развој на туризмот, што значи без никакви инфраструктурни интервенции повеќе од подигнати патеки и центар за посетители. Потенцијалите и економската вредност на ова последно блато се исклучителни доколку со него се управува паметно и одговорно – додаваат од „Охрид СОС“.

Во март, на 60-та седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои информацијата за потребата од репрогласување на Охридско Езеро и прогласување на Студенчишко Блато за заштитени подрачја и нивно номинирање во Рамсарската листа.
– За таа цел потребно е да се изработи студија за валоризација на природни вредности за Охридско Езеро, за што Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во соработка со општините Охрид, Дебарца и Струга, кои исто така треба да најдат средства за нејзина изработка. Планираната донаторска конференција на Владата наскоро, меѓу другото, треба да се искористи и за таа цел. Но со оглед дека во 2012 година веќе беше изработена интегрирана студија за состојбата на остатоците од Студенчишко Блато, новата студија би требало само да изврши ревидирање за евентуални промени што настанале во периодот од подготвувањето на старата студија до денес. Врз основа на новата студија треба да се утврди целокупната површина што треба да се стави под заштита, опфатот на секој од деловите според степенот на заштита и дополнително, заштитната зона околу него – ни сподели Соња Димоска од „Охрид СОС“.

Идејата за ставање под заштита на Студенчишко Блато е стара со децении, но во последниве години повторно е актуализирана.
– Иако со одлуката на Владата за прогласување на Студенчишко Блато работите конечно тргнаа во посакуваниот правец, сепак, од неодамна повторно се актуализира темата на изградба на марина, и тоа токму во блатото. Како и претходната локална гарнитура, за изградба на марина во Студенчишко Блато веќе зборува и новата власт, која дури најави дека веќе постои идеен проект. Проектот изработен од архитектонското студио „Тетрактис“, кој неодамна беше презентиран во медиумите, предлага целиот простор од брегот на езерото кај езерската полиција, заедно со објектите на АРМ, да се претвори во марина, но згора на тоа, уште толкав простор кон внатрешноста, односно токму просторот што се ревитализира во претходно споменатиот проект. Изградбата на што било во тој дел, според гореспоменетата СОЖС, би имало значителни негативни последици врз блатото – посочија од „Охрид СОС“.

Според нив, марината значи уништување на ревитализираниот дел и намалување на површината на блатото, а исто така ќе биде предизвикувач на низа други негативни ефекти преку изградба на придружни објекти.
– Не постои марина што може да нема еколошки последици и нејзиниот придонес за блатото не може да биде позитивен од никоја гледна точка – категорични се од „Охрид СОС“.


Охридско Езеро е на листата на чекање на Рамсар

Охридско Езеро е на шедоу-листата на Рамсар веќе 30 години, иако не постојат суштински пречки за негов влез во семејството на водните екосистеми од меѓународна важност. Поради тоа, „Охрид СОС“ самоиницијативно, уште од 2015 година, се заложи да го забрза овој процес, воспоставувајќи директен контакт со седиштето на Рамсар.
– Охридско Езеро ги исполнува скоро сите критериуми на Рамсарската конвенција, а треба да се знае дека доволен е само еден за неговото впишување на Рамсарската листа. За информација, Преспанско Езеро заедно со паркот Езерани и Дојранско Езеро се веќе на Рамсарската листа од 1995-1996, односно 2008 година. Поради тоа, во 2017 година „Охрид СОС“ и Е.Д.Е.Н. поднесоа формална иницијатива до МЖСПП за репрогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје, прогласување на Студенчишко Блато за споменик на природата и номинација на Рамсарската листа – информираат од „Охрид СОС“.
Впишувањето во Рамсарската листа носи можности за подобар публицитет и престиж, а со тоа и зајакнување на туризмот и инвестициите во регионот, води кон помудра и одговорна употреба на локацијата, понатамошни научни истражувања, задржување на еколошкиот карактер на подрачјето, како и можности за финансирање.