По пауза од еден век се случи првата венчавка во возобновениот црковен храм „Света Петка“ во селото Осој, Кичевско. Судбоносното „да“ пред бога го кажаа младоженецот Горан Грозданоски и неговата сакана Елена Ангелеска. Пред голем број роднини и пријатели венчавањето го изврши свештеникот од Кичевскиот храм, Ристо Камбуроски.
Младенците беа пресреќни што имаа можност први да се венчаат во овој храм што датира од средниот век, кој беше возобновен во 1997 година, а во јули 2016 година беше извршен чинот на преосветување.
– Иако работам и живеам во странство, моја дамнешна желба беше да се венчам во црквата „Света Петка“ во родното село Осој. Последните неколку години откако работам во Австрија ми стана јасно дека домот ти е таму каде што те влече срцето. Токму срцето ме влечеше по корените од каде што потекнувам, затоа одлучивме светиот завет пред бога да го дадеме во возобновената црква „Света Петка“ во нашето село – ни рече по црковната венчавка младоженецот Горан Грозданоски.
И жителите од селото Осој се пресреќни што во оваа црква по стотина години се враќаат венчавките.
– Многу сме среќни и задоволни што младите им се враќаат на своите корени и ја продолжуваат традицијата. Очекуваме и се надеваме дека сѐ повеќе млади луѓе што влечат корени од нашето село ќе ја продолжат традицијата на црковни венчавки што денес ја почнаа Горан и Елена – вели Боге Петрески, жител на селото и епитроп во црквата „Св. Петка“.