Теологот Стехан Гоговски пред две години беше забележан на заеднички фотографии со папата Франциск и со претставници на македонската делегација на 24 мај пред две години. За папата Франциск вели дека е скромен човек, но секогаш насмеан и подготвен да разговара и да им помогне на сите. Едноставно, за младиот теолог, папата е народен човек

Единствениот православен теолог од Македонија, Стефан Гоговски, кој неколку години му помага на папата Франциск при секој превод од италијански јазик на македонски јазик и обратно, при секоја посета на македонските делегации во Ватикан, деновиве е во Скопје. Доколку има потреба, тој повторно е расположен да му биде од помош на папата при неговата посета во Македонија, во делот кога тој ќе се сретне со претставниците на верските заедници во Спомен-куќата на Мајка Тереза, на 7 мај годинава. Теологот Гоговски четири години му помагаше на папата Франциск да се разбере со претставниците на македонските делегации што одат секоја година на 24 мај, по повод чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј, во Рим, Италија. Тој преведувал сѐ што ќе се каже на тие приеми од македонски на италијански јазик и обратно.

Гоговски има 29 години и од 2013 година бил на магистерски студии во Рим, кои ги завршил во 2015 година, а веднаш потоа се запишал на докторски студии на академијата „Алфонсијана“, гранка на Латеранскиот понтификален универзитет во Рим, каде што засега е единствениот православен теолог од Македонија што се образова таму. Оваа година го завршува целиот тамошен образовен процес. Желбата да се насочи на теолошка наобразба му потекнува уште од детството, кога ја посетувал парохиската црква во Чаир посветена на св. Георгиј Победоносец. Тогаш почувствувал потреба да открие сè што е поврзано со Бог, односно, како што вели, почувствувал побуда и внатрешен порив да открие што е можно повеќе со сето она што го правело да се чувствува како дома. Пред две години беше забележан на заеднички фотографии со папата Франциск и со претставници на македонската делегација на 24 мај.

За папата Франциск вели дека е скромен човек, но секогаш насмеан и подготвен да разговара и да им помогне на сите. Едноставно, за младиот теолог, папата е народен човек.

– Како личност, папата е скромен, но не е повлечен. Секогаш е отворен за разговор со обичните луѓе, зашто тој пред сѐ е народен човек. Многу е интелигентен, флексибилен и разумен во одлуките. Својот осумдесетгодишен роденден го славеше во друштво на бездомници, а не на кардинали. Од досегашните средби со него морам да напоменам дека ниту еднаш не сум го видел во лошо расположение, тој е секогаш насмеан, иако е преоптоварен со голем протокол и работни обврски. Тој ги тргна од употреба и црвените чевли, кои беа препознатливи обувки на сите папи. Носи најобични црни чевли, што говори дека не сака да се издвојува од народот. Чест ми е што лично го познавам и што сум во негова близина овие неколку години – додава Гоговски.
Вели дека како единствен студент на МПЦ-ОА во овие шест години во Рим, повеќе било прашање на среќа, отколку што можел самиот да издејствува да се најде во близината на папата Франциск во служба на официјален преведувач за македонски јазик.

– Врвот на Канцеларијата за прес на Светиот престол, односно тогашниот директор падре Федерико Ломбарди, сакајќи да му ја исполни желбата на персоналот на Ватиканското радио, кое се занимава со многубројни дејности речиси на сите јазици во светот, Ватикан да има и претставник преведувач за македонски јазик, како језуит собрат на језуитите од колеџот „Руссикум“, дојде до информација дека МПЦ-ОА има свој актуелен претставник, односно студент и исконтактираа со мене, понудувајќи ми ја таа функција. Така, од 2013 година досега ја извршувам таа функција со задоволство и голема чест. Првенствено ѝ го преведувам на нашата делегација сето она што го говори папата, а ако делегацијата не носи свој преведувач, тогаш преведувам паралелно на двата јазика – вели докторандот на МПЦ-ОА во Ватикан.

Според него, ватиканската држава има воспоставено стабилни дипломатски односи со нашата земја, кои траат повеќе од дваесетина години, што е доволен знак дека Македонија и Ватикан имаат стабилно долгогодишно пријателство, кое продолжува да расте.

– Папата Франциск не го гледам како соработник, ниту тој мене како преведувач, туку имаме развиено еден доста пријателски однос, однос на кој сум особено почестен – додава Гоговски.

Ги разбива предрасудите за тоа што како православен теолог се надградува на католички универзитет, момент за кој многумина сметаат дека на тој начин се врши влијание врз образованието и напуштање на православните фундаменти на христијанството.

– Наставната програма на Понтификалните универзитети не е само прозападно ориентирана. Постојат и цела низа источноориентални студии, кои се втемелени во наставните програми благодарение на таа екуменска политика. Нема ниту простор, ниту причина за напуштање на православните фундаменти на христијанството.

Изучувањето на западната теологија не е одвишок за ниеден студент, па ни за православниот, туку, напротив, се стекнува со пообемно знаење за западните отци, т.е. за католичката екумена, нејзино функционирање, еволуција и развој, знаење што повеќе ќе му помогне во иднина, отколку одмогне, така што не гледам никаква пречка зошто некој да не ја изучува и таа страна на теологијата. Секое мислење дека доколку си православен (по основа), по правило треба да студираш во православни образовни институции е погрешно – истакна Гоговски.


Живко Поповски-Цветин ќе му подари слика на папата Франциск

Сликарот и хуманитарец Живко Поповски-Цветин ќе му подари слика со цветен венец, како и копија од писмото што пред многу години го добил од светицата Мајка Тереза на папата Франциск, при неговата посета на Македонија, на 7 мај годинава. Ова не е првиот папа што ќе добие слика од сликарот Цветин, такви слики стигнале и до папите Јован Павле Втори и до Бенедикт Шеснаесетти. Поттик за неговата хуманитарна мисија му дала токму светицата Мајка Тереза, со што започнал преку своите слики со цветен мотив да ги шири пораките за мир, пријателство и хуманост.
– На Мајка Тереза, во почетокот на 1984 година, ѝ испратив писмо и слика, работена со маслена техника на дрвце пресечено од гранка од едно многугодишно дрво кај,,Беко“. Таа ми возврати со писмо истата година, во кое ми пишува: „Биди љубезен и прави им добрина на оние блиску до тебе. И чувај ја радоста на сакањето на Исуса во своето срце, бидејќи Тој е верен. Господ нека те благослови. Мајка Тереза!“ Во 2009 година, во организација на здружението „Скопјанката Мајка Тереза“ беше организиран настанот „По патиштата на Мајка Тереза од Скопје преку Приштина, Ниш, Белград, Загреб, Ново Место, Трст, Венеција, Фиренца, Пиза, Рим, Ватикан“, јас подарив мои 99 слики од мироносните цвеќиња, а во средината на сликата аплицирано писмото од Мајка Тереза, при што 99-то му беше подарено на папата Бенедикт Шеснаесетти во Ватикан – објаснува сликарот Поповски-Цветин.
Вели дека во текот на неговата дејност има добиено писма од Мајка Тереза и од голем број претседатели и значајни светски личности: Вили Брандт, Ла Пасионарија, Џорџ Буш, Михаил Горбачов, Бутрос Б. Гали, Кофи Анан, Перес Де Куељар, Индира Ганди, Сулејман Демирел, Кенет Каунда и други. Имам добиено писма и од Сандро Пертини.