Исто како и филмот, и модата отсекогаш се сфаќала како спој на магичното и реалното. Во вид на раскошни креации или едноставни дневни костуми, на улиците и на модните писти, на страниците на модните списанија и во плакарите, модата ги преминува границите на неопходното и практичното и навлегува во различни креативни експресии.

Спојот на двете уметности со кои сме секојдневно опкружени, модата и филмот, создава интересен запис за времето. Од романтичните комедии што се поиграа со идејата за гламурозниот свет на модата до документарци, кои ја отворија вратата на модниот свет и ја прикажаа неговата не толку блескава страна. Модните филмови создадоа истовремено интересна, забавна, неочекувана содржина во која уживаат не само вљубениците во модата туку и оние што се во потрага по нешто ново и свежо.
Според филмските критичари ова се најдобрите филмови, преку чија содржина можете да ѕирнете во светот на модата, кој за многумина е прекриен со превезот на мистеријата, бидејќи зад кулисите на модните писти и во редакциите на модните списанија понекогаш се случуваат вистински контроверзии.

„Предавството на септември“

„Предавството на септември“ се одвива во четирите ѕида на работното царство на уредничката на модниот магазин „Вог“, Ана Винтур. Токму тука се осмислени некои од култните мигови на модата и секој месец се потврдува финалната верзија на најпрестижниот и највлијателен моден магазин во светот. Овој документарен филм нѐ води низ ходниците на списанието и во бирото на Ана Винтур во текот на создавањето на најочекуваното модно издание секоја година, септемврискиот „Вог“.

„И ѓаволот носи Прада“

Она што во светот на документарните филмови е „Предавството на септември“, во светот на модните играни филмови е „И ѓаволот носи Прада“. „Писта“ е списание што неодоливо потсетува на „Вог“, а Мерил Стрип во улогата на Миранда Присли е копија на Ана Винтур, додека младата Енди Сакс донесува свеж поглед на модниот свет. Од моден аутсајдер, Енди се претвора во десна рака на уредничката на овој престижен магазин. Успеси помешани со разочарувања и убава гардероба, создаваат духовит филм со доза гламур и драма што треба да се погледне.

„Во Вог: окото на уредникот“

Документарниот филм „Во Вог: окото на уредникот“ е снимен во чест на 120-то издание на американскиот „Вог“ и ни раскажува приказни за неговите најзабележани и најталентирани уреднички.

„Зголемување“

Погледот зад камерата го донесе култниот моден филм од 1960-тите, „Зголемување“, во режија на големиот Микеланџело Антониони. Во фокусот е уште една модна приказна во која овојпат е лице од другата страна на камерата, фотографот Томас. Модниот свет, Лондон, рокенролот, дрогата, алкохолот и преубавите манекенки се сегментите што неговиот свет го прават истовремено прекрасен и трагичен, возбудлив и здодевен. Кога на снимањето на еден прекрасен модел на фотографиите ќе улови сцена што упатува на убиство, возбудата се враќа во неговиот живот.

„Девојката од фабриката“

„Девојката од фабриката“ е филм за музата на Енди Ворхол од 1960-тите и ѕвезда на неговите филмови, за девојка што ја маѓепса друштвената, модна и уметничка сцена на Њујорк, Еди Сеџвик. Таа своите пет минути слава ги проживеа брзо, интензивно и со стил, а нејзиното паѓање беше исто така транспарентно, јавно и драматично. Во главната улога се најде младата глумица Сиена Милер, која исто така беше на почетокот на кариерата.

„Коко Шанел“

За Коко Шанел се раскажани многу приказни, напишани се голем број биографии и снимени се многу филмови и серии. Инспиративната, горда, револуционерна и секогаш елегантна Коко Шанел, со доза ноншалантност и француски шик, засекогаш го смени светот на модата и создаде нови модни правила. Но на големото платно големата дизајнерка најдобро ја долови Одри Тоту.

„Сен Лоран“

Еднакво голем, иновативен и револуционерен како Коко Шанел беше Ив Сен Лоран. Неговиот приватен живот бил исто така мрачен и шарен, едноставен и комплексен, како и неговите креации, а најдобар поглед на неговите најуспешни години донесе филмот во кој славниот дизајнер го игра Гаспар Улие.