Низ страниците на литературата за деца на писателката Јадранка Клисарова
„На одмор, на одмор, во нашиот рај… на учењето му дојде крај“, се слушаше весела детска песна во автобусот. Џагорот не стивнуваше, а сето тоа беше радост за крајот на учебната година и почеток на заедничкиот одмор. Учениците од петто одделение сакаа да ги крунисаат своето заедничко учење и дружење. Идејата за заедничко летување беше на поголем број деца, а, се разбира, родителите и наставниците со радост ја прифатија. Местото за летување беше избрано од самите ученици, тоа е нашиот бисер балкански – нашиот Охрид покрај Охридско Езеро. Децата седеа во автобусот и секое разговараше со своето другарче или во мислите си правеше планови за дневните лудории на вода или вечерните дискозабави, кои беа неминовни на заедничкиот одмор.
– Еве, погледнете ја Шар Планина – викна некој и покажуваше со раката. – Погледнете го Полог, нашата убава котлина, погледнете колку е богата – дофрли друго момче од задните седишта.
– Се наближуваме до селото Вруток – додаде наставничката.
– Да, да… не сме заборавиле. Таму е изворот на нашата кралица, на реката Вардар – дополнија девојчињата.
„Еј Вардаре македонски, ти ја красиш Македонија…“ – се разлеваше песна, на која ѝ се приклучија сите деца. Насмевката не се симнуваше од детските лица.
По долгото и забавно патување, пристигнавме во хотелот. Секое од децата сакаше соба со поглед кон езерото, секое сакаше во соба да биде со свето другарче со кое веќе беше договорено. А наставничката ја избра собата што е најблиска до момчињата, таа знаеше кој може да прави забави во доцните часови од ноќта. Момчињата велеа дека наставничката нив повеќе ги сака, а девојчињата не можеа да се изнасмеат на нивната досетлива изјава.
Не поминаа ни триесетина минути, а веќе сите беа подготвени за капење и возбудливо потчукнуваа со нозете во место. Тие ја чекаа „најглавната“, така ја нарекуваа наставничката. Кога се појави и таа во холот на хотелот сите, сите гласно извикаа:
– Подготвени сме, можеме да одиме на езеро – а таа само го стави прстот на устата.
– Шшш… зар заборавивте, ова е јавно место? Ве молам да бидете потивки и културни.
Сите се согласија и нежно ги клатеа главите во знак на разбирање. Како мали војничиња се подредија во колона и правец кон езерото. Кога дојдоа до брегот, сите деца застанаа и со широко отворени очи ја впиваа езерската убавина.
Ветрето им ги галеше косичките и милите лица, а сите стоеја до водата и
се огледуваа во неа. Ги гледаа своите весели и насмеани лица, понекое бранче ќе им ги искривеше ликовите во водата, а тие се смееја ли се смееја. Нивното љубопитство траеше само неколку минути, а потоа се нурнаа во бистрите езерски води, се прскаа, а некои се обидуваа да запливаат.
Будното око на наставничката беше секогаш подготвено да даде знак за повлекување или смирување. Само еден поглед, едно движење на нејзината рака беа доволни секое дете да биде на безбедно.
Сите деца уживаа во водата, а таа „најглавната“ стоеше на брегот и со мил поглед ги следеше нивните игри и лудории. Децата посакаа да се спуштат неколкупати по големиот воден тобоган, се разбира секое ветуваше дека ќе внимава. Секое спуштање носеше големи радости за децата, нивните извици се слушаа надалеку. Секој брзаше по скалилата, еднаш, двапати, трипати, а потоа веќе и не ги броеја вештите спуштања.
Во еден миг само едно мало невнимание и во водата го снема малиот Спире. Тогаш вештите раце на наставничката за миг го кренаа детето, кое беше многу исплашено. На брегот се слушна голем аплауз за херојскиот подвиг.
Со зајдисонцето се најавуваше и времето кога требаше да се вратат во хотелот и да се подготват за вечера. Сите брзаа, се тушираа, а не заборавија ни да ги подготват и најновите облеки за забавата. Вкусната вечера ја изедоа со сласт, не го изоставија ни слаткиот десерт. Додека го очекуваа почетокот на забавниот дел, девојчињата се договараа кои игри да ги играат.
Момчињата срамежливо седеа на столчињата како заковани, а девојчињата ја покажаа својата храброст и ги поканија момчињата на танцување. Сите беа весели, се радуваа, се смееја, а наставничката се радуваше заедно со нив. Хотелскиот часовник покажа 22 часот и само една крената рака го означи крајот на забавата, крајот на еден прекрасен ден.
Еден по еден во колона, со кренати глави, тивко се прибираа во своите соби. Ноќта ја минаа мирно, со убави соништа за уште поубави мигови на заедничкиот одмор.
(Од книгата „Децата од моето училиште“)