Фото: Маја Јаневска-Илиева/ Aрхива

Забрзано подготвување за работа по сите основи: образовна, воспитна и сигурносна

Се дезинфицираат училишните клупи и столчињата, подовите, прозорците, вратите, ходниците во училиштата низ земјава. Наставниот кадар разгледува што ќе предава во претстојната учебна година, што би можело да се скрати од наставната програма, а што да остане за да се усвои како знаење.
Во тек се подготовките на училишните објекти за да почнат да функционираат во согласност со протоколите усвоени од Комисијата за заразни болести, кои се усогласени со Министерството за образование и наука.
– Деновиве одиме на работа. Ја разгледуваме програмата, размислуваме што би можеле да скратиме за да не се оптоварени децата, а и немаме ист број наставни денови како во „нормални“ услови. Во училиштето има доволно средства за дезинфекција, за да бидат заштитени наставниот кадар и учениците што ќе доаѓаат на настава. Веќе се ставаат етикети што го означуваат правецот на движење по протоколот, се знае кое одделение од кој влез ќе влегува. Се назначуваат наставници редари, се даваат задолженија на вработените за тоа кој што би правел. Се делат паралелките на групи – вели наставничка во основно училиште во Бутел.

Неодамна министрите за здравство и за образование и наука, Венко Филипче и Мила Царовска, рекоа дека ако има дете или наставник сомнителни на ковид-19, епидемиолог ќе направи процена кој ќе оди во изолација и кои други мерки ќе треба да се преземат. Во случај наставникот да мора да оди во самоизолација, ќе мора да има заменски наставник, кој ќе продолжи да ја одржува наставата. Нема да се дозволи групирање на повеќе одделенија, односно повеќе од 20 деца во клас.
Деновиве интензивно се работи и на националната платформа за учење. Некои училишта се подготвени за физичко присуство и доставуваат барања да им се дозволи физичко присуство, а други, пак, се подготвуваат за учење со помош на националната платформа до која ќе имаат пристап сите ученици.
– Со физичко присуство ќе може да се започне секаде каде што дозволуваат просторните услови на училиштето, како и епидемиолошката состојба во тоа место. За децата од прво до трето одделение, училиштето ќе има обврска да организира учење на далечина на оние ученици чии родители се изјасниле дека ќе следат настава од дома. Додека го држат часот, наставниците ќе може да ги вклучат и оние што се дома во исто време.

Може да го снимат часот и да им го испратат на оние ученици што учат од дома или, пак, да одржат час само за учениците што следат настава од далечина – рече Царовска.
Часот ќе трае 30 минути во основното образование, а во средното 35 минути. Малиот одмор ќе трае пет минути, а големиот одмор 15 минути. Учениците ќе имаат оброци во училница, а храната треба да биде спакувана.
Бирото за развој на образованието прави план периодов за оценувањето. Учениците ќе треба да бидат присутни во училиштето кога ќе им бидат проверувани знаењата.


На факултетите комбинирана настава, во согласност со епидемиолошката слика

На универзитетите низ земјава наставата ќе се одвива комбинирано, дел онлајн а дел со физичко присуство. Ќе се следи и епидемиолошката слика и во согласност со тоа ќе се одвива академската година. На универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ практичната настава ќе биде реализирана со физичко присуство во мали групи, во согласност со протоколите, но и онлајн, во зависност од предметот. Теоретската настава ќе се одвива онлајн. Колоквиуми ќе се полагаат со физичко присуство.
На штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ за зимскиот семестар се планира теоретската настава, односно предавањата, индивидуалната настава и други облици и обврски што се соодветни на специфичноста за наставно-научната и уметничката област да се спроведуваат онлајн. Практичната настава (вежбите, лабораториски, клинички) ќе се одвиваат комбинирано (и онлајн и со физичко присуство во согласност со здравствените протоколи).