Убиството на малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција само ги илустрира ограничувањата и недостатоците на овој поим, кој ЕУ толку сака да му го продаде на остатокот од светот

Мајкл Пил

Патниците излегуваа од утринските фериботи и автобуси во срцето на Валета, каде што маичките со куси ракави и летните фустани сè уште беа главна глетка во градот, кој се печеше на јужноевропското есенско сонце. Повеќето од нив минаа близу една стара барокна зграда, која сега е канцеларија на премиерот во главниот град на Малта, мистериозната медитеранска островска држава.
Зедов такси и се упатив кон север, по тивките патишта, каде што кактусите надвиснуваа преку камените ѕидови. Ја поминавме древната ридска населба Мдина, старата престолнина позната како тивок град, затоа што автомобилите практично се забранети во нејзините ѕидини, меѓу кои денес живеат малку луѓе. Основана од Феникијците пред повеќе од два и пол милениуми, таа била под римска, арапска, француска и под британска окупација. Како климата и малтешкиот јазик, Мдина е потсетник дека најмалата држава на ЕУ е културно подрачје што се наоѓа појужно од Тунис и е на само неколку стотици километри од Триполи.

Еден полицаец, кој стоеше на патот, нè запре додека се приближувавме до нашата конечна дестинација. Кога објаснив дека имав закажано состанок, тој ми дозволи да се упатам кон соседната куќа со паркинг пред неа. Еден млад човек дојде до портата за да ме поздрави и да ме предупреди да не газам преку трагите од тркала од автомобил, од страв да не ги контаминирам потенцијалните докази. Затоа тивко се наредивме во редица по должина на патеката со чакал, пред домот обвиен во жалост.

Новинарот Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова беа ликвидирани во Словачка во 2018 г.

ЛИКВИДАЦИИ НА НОВИНАРИ

Неполни 48 часа пред да пристигнам на Малта, мојот домаќин, Метју Каруана Галиција, трчал по истата патека откако неговата куќа била разнишана од голема експлозија во близината. Неговата мајка, новинарката Дафне Каруана Галиција, неколку мига претходно заминала во својот автомобил. Метју се стрчал и го здогледал белото „пежо“ на Дафне во пламен близу патот. Брзо му станало јасно дека таа била убиена во експлозија на бомба.
Во изминатите години пишував за политички убиства и известував од многу несакани, автократски држави. Но не очекував дека мојата прва голема задача по долго отсуство при враќањето во ЕУ во октомври 2017 година ќе биде за убиство на колумнистка и блогерка, чие семејство е убедено дека е ликвидирана само поради нејзината работа. Само неколку месеци подоцна, убиството на новинарката во Малта беше проследено со ликвидација на друг новинар во друга земја на ЕУ. Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова беа ликвидирани во Словачка во февруари 2018 година. Неколку дена пред првата годишнина од убиството на Каруана Галиција, бугарската телевизиска презентерка Викторија Маринова беше пронајдена мртва во парк во северниот град Русе – силувана и убиена, според надлежните. Исто како Куцијак, таа известуваше за корупција, вклучувајќи и за наводна измама поврзана со фондовите на ЕУ. Во април, еден 21-годишен Бугарин доби 30-годишна затворска казна за силувањето и убиството на Маринова, иако властите инсистираа дека злосторството не било поврзано со нејзината работа. Во меѓувреме, словачки бизнисмен е обвинет дека ги нарачал убиствата на Куцијак и на Кушнирова, додека четворица други осомничени чекаат судење за наводно извршување на злосторството.

Бугарската новинарка Викторија Маринова беше убиена во 2018 г.

УНИЈА СКАПАНА ОДНАТРЕ

Убиствата на новинарите и сомневањата околу нив брутално навестуваат уште поголема причина за тревога, а тоа е влошувањето на владеењето на правото во ЕУ. Блокот помина многу време, нагласувајќи ги своите наводни вредности за човековите права и демократијата. Тој постојано ги повикува земјите во светот да го следат неговиот пример. Но што ако 28-члениот европски клуб е скапан однатре?
Проблемите со ЕУ растат. Луѓето во многу земји од сите делови на Европа сѐ повеќе и повеќе се привлечени од демагози, кои поттикнуваат и напредуваат во политичките кариери преку непријателството кон странците. Некои од овие европски лидери, вклучувајќи го и унгарскиот премиер Виктор Орбан, биле поранешни дисиденти, кои се бореле против тоталитарните држави. Нивниот подем, заедно со поширокиот тренд на паѓање во беззаконие, го променија ликот на Европа или, можеби, едноставно ја симнаа нејзината маска.
Целата унија има сериозни проблеми. Подемот на авторитаризмот во земји како Унгарија, Полска и Романија со право предизвика критики во Брисел и пошироко. Во Будимпешта, Орбан се пофали со создавање „нелиберална демократија“, бидејќи неговата влада ја осуди имиграцијата, го демонизираше финансиерот Џорџ Сорос и ја поткопа независноста на судовите и медиумите. Варшава избрка, па потоа повторно врати дваесетина судии на Врховниот суд, како дел од тековниот ремонт на судството, за кое се тврди дека е потребно за да се прекине врската со репресивното комунистичко минато на државата. И Полска и Унгарија се соочија со дисциплински постапки пред другите држави-членки за наводно прекршување на основните вредности на ЕУ, но секоја од нив може да смета на другите да го блокираат секој можен потег за посериозни санкции, како на пример суспендирање на правото на глас на средбите во блокот.

(НЕ)НАМЕРНО ЗАБОРАВЕНО МРАЧНО МИНАТО

Проблеми има и во постарите земји-членки на ЕУ од Западна Европа. Тие се соучесници, а во некои случаи и движечки сили на грубиот пристап на ЕУ кон миграцијата. Тие, исто така, ретко гледаат внимателно кон сопствените проблеми со корупцијата, без разлика дали станува збор за дејства на британски, француски или германски компании во странство или за судири на интереси што ги мачеа политичарите, како Силвио Берлускони во Италија.
Потоа се појави и проблемот со историјата. Предавањата на Западна Европа за добро владеење и за морал одамна изгледаат како чиста пропаганда и лицемерство и за соседите и за поширокиот свет, а особено за регионите што претрпеа толку многу за време на империјалистичката окупација од владетелите на Британија, Франција, Шпанија, Холандија, Белгија и на Италија. Исто како што Британците честопати замижуваат пред сопствената историја за да се претстават како пример за одредени пожелни квалитети, така и другите влијателни земји на ЕУ имаат своја ласкава митологија. На една конференција во Брисел, француска учесничка ми рече дека е задоволна што е Европејка, затоа што само Европејците имале соодветни вредности што требало да се шират во остатокот од светот. Забелешката беше особено перверзна зашто само што завршивме со разговорот за Либерија, земја опкружена со држави што претходно биле окупирани од европските сили, вклучувајќи ги и бившите француските колонии, Гвинеја и Брегот на Слоновата Коска.
Проширувањето на ЕУ извади на површина многу такви стари тензии. Конфликтите се особено очигледни во помалите земји, каде што проблемите се концентрирани и полесно се гледаат. Една од нив е Малта, со електорат од само неколку стотици илјади гласачи, лоцирани на најјужната граница на ЕУ.
Во куќата на Дафне Каруана Галиција, Метју и неговите двајца браќа, Ендрју и Пол, седнаа со мене околу една голема масичка за кафе, за да разговараат за нивната мајка. Куќата беше убаво украсена од Дафне. Една од нејзините последни постапки беше да се купат садници за нејзината веќе богата градина.
Метју со црвени очи и низ солзи објасни зошто тој и неговите браќа и сестри се согласиле да зборуваат. Тие ги ценат намерите на политичарите и на другите луѓе во Европа, кои го осудија убиството на нивната мајка и го оценија како напад врз слободата на изразување. Но тие исто така ги оценуваат таквите изјави на политичарите за чудни. За браќата, оние политичари што го изразуваа својот шок беа премногу бавни за да ја сфатат големата опасност во Малта – и на други места – за оние што се трн во окото на моќните интереси. Метју објаснуваше преку метафората на конфликтот.
– Како да сте среде воена зона и кога некој војник ќе биде убиен, одеднаш велите дека тоа е напад врз демократијата. Војната почнала многу одамна и веќе долго трае – вели тој.

Новинарката Дафне Каруана Галиција беше убиена во експлозија на бомба- автомобил во Малта во 2017 г.

НОВИ ПРОШИРУВАЊА, СТАРИ ТЕНЗИИ

За многу странци што не гледаат внимателно, работите изгледаат добро на островите благословени од сонцето, лоцирани меѓу Сицилија и либискиот брег. Малта се приклучи кон ЕУ во 2004 година, како дел од големото проширување што го зголеми блокот од 15 до 25 члена. Економијата порасна брзо, иако на несигурни темели, како бумот со недвижнини, даночните олеснувања за странските инвеститори, погодните знамиња за бродската транспортна индустрија и шемата со „државјанства за пари“. Валета собра разни признанија за социјалната либерализација во областите како што се истополовите бракови и родовиот идентитет, што беше мошне голема промена за државата што не дозволуваше развод дури до 2011 година.
Како и другите минијатурни општества, малтешката политика долго време ја карактеризираше она што честопати еуфемистички се нарекува покровителство, но често станува збор за корупција. Тоа беше темел на речиси непрекинатото владеење од четврт век на Националистичката партија, кое заврши во 2013 година. Тогаш на власт дојде Лабуристичката партија, која, според критичарите, веднаш продолжи со слични сомнителни дејства.
Блогот на Дафне Каруана Галиција привлече широка публика со објави со политички опсервации и приказни за наводна корупција на највисоките нивоа. Нејзиниот адвокат вели дека до убиството на 53-годишната новинарка, тој ја бранел во најмалку 40 случаи за клевета, меѓу кои и 19 тужби поднесени од еден бизнисмен.
Таа ги засили истражувањата во 2017 година, кога и беше убиена. Темелејќи ги своите наоди на објавените документи од Панама, од адвокатската фирма „Мосак-Фонсека“, таа тврдеше дека функционерите во кабинетот на премиерот Џозеф Мускат и неговата сопруга добиле необјаснети суми пари, поврзани со Азербејџан, преку компании што ги поседувале во Панама. Сите обвинети лица негираат каква било кривична одговорност. Официјалната истрага ги ослободи од обвиненијата во 2018 година. Владата на Мускат одржа избори под мотото „Поддржете нѐ или казнете нѐ“ во јуни 2017 година по првичните обвиненија и извојува убедлива победа. По гласањето, Каруана Галиција најде нова цел: Адријан Делија, новиот опозициски лидер на националистите. Во моментот кога била убиена, против неа се водеа пет процеси за клевета. Еден месец пред да биде убиена, таа објави на блогот дека добивала закани од приврзаниците на Делија, при што во еден случај ѝ било порачано „да испие пилула со цијанид“. Делија тврди дека не знае ништо за нападите, за кои призна дека не изгледале добро.
До громот наречен брегзит, наративот на ЕУ беше дека е потребно постојано проширување и подобрување на блокот. Унијата почна со шест држави во 1958 година (како Европска економска заедница), па се зголеми на девет во текот на 1970-тите и на 15 во 1990-тите. Многу бивши држави од Источниот блок се приклучија заедно со Малта во 2004 година. Дури и кога Велика Британија преговараше за излегување, Европската комисија соработуваше со шест држави од Западен Балкан, кои сакаа да се приклучат. Откако земјите ќе се зачленат, ЕУ има малку расположливи мерки за контрола на нивното однесување.

КАДЕ ИСЧЕЗНА ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО

Европската комисија и порано изрази загриженост за Малта. Извештајот за корупција во 2014 година го истакна ризикот од дискрециското право на дејствување на извршната власт во однос на независноста на официјалните истраги на островите. Оттогаш, комисијата рече дека повеќе нема да објавува такви извештаи. Овој потег предизвика низа критики. Тоа беше одраз на „едностраното разоружување“ на Брисел и откажување од неговиот арсенал за да се справи со невладеењето на правото во земјите-членки, оцени интернет-магазинот „Еуобсервер“ по убиството на Каруана Галиција.
Проблемите со владеењето на правото во ЕУ беа своевиден мамурлак од постсоветското задоволство од триумфот на западниот модел. За младите Европејци како мене, кои влегуваа во полнолетството во удобни услови во 1990-тите, тие години беа претставени како пресвртница во човечката историја во кои работите се случуваа пред и по неа. Но дури и со моето незнаење и наивност, секогаш чувствував дека нешто не е во ред. На пример, почувствував нееднаквости во можностите кога се вработив во студентски супермаркет. Го почувствував истото тоа кај бездомниците што ги видов кога се преселив во Лондон и го чувствував тоа во вознемиреноста што ја видов на новинарските патувања, како кога известував од фабриката за автомобили „Халвуд“ на Мерсисајд, каде што голем број работни места беа под закана.
Тие чувства се продлабочија кога првпат почнав да патувам надвор од Европа и од САД. Тригодишниот живот во Нигерија во почетокот на 21 век се покажа како вистинско искуство. Тоа беше земја во која афоризмот „Ниту еден услов не е постојан“ беше измислен како парола за вечното ветување за подобрување. Но изреката имаше и друго значење – за прецизноста на секојдневниот живот во земјата што беше погодена од конфликт и сиромаштија, наспроти нафтените богатства. Кога луѓето ме прашуваа кои се главните лекции од мојот престој во Нигерија, мојот одговор неизбежно вклучуваше некаква верзија на „ранливоста на сѐ околу мене“. Тоа чувство за живеење на работ се прошири во многу европски земји, бидејќи работните места станаа понесигурни, платите стагнираа, а социјалните услуги се намалија.

КАКО СЕ ДОЗВОЛИ ДА НАДВЛАДЕЕ ПОПУЛИЗМОТ

Овие се само некои од силите што дозволија измамниците да дојдат на власт, носени на грбот на наводниот популизам. Борбата против лажните решенија за кои тие се борат е блокирана од прифаќањето или од едноставното демонизирање на нивните позиции од некои членови на шокираните елити. Сево ова им штети на прогресивните каузи и уште повеќе ги отуѓува луѓето што тие сега се обидуваат повторно да ги привлечат.
Штетата предизвикана од демонизацијата на популизмот (што е поразлична од заслужената критика против опортунистите и расистите што го шират) ја видов на дело додека живеев во Тајланд. Таксин Шинаватра, самопрогонетиот долгогодишен премиер, долг период беше критикуван од своите стари непријатели поради неговите популистички политики. Тие вклучуваа субвенции за ориз, евтина здравствена заштита и микрокредити за малите бизниси. Изненадувачки, тие му обезбедија милиони гласови во големите рурални области, долго занемарувани од Бангкок. Зачестените напади врз овие политики како морално лоши (наспроти, на пример, лошо менаџирани и склони кон корупција) само им се удрија врз глава на критичарите. Тие само го открија гневот на неговите непријатели кон оние што ги сметаа за неуки рурални гласачи, наместо да му наштетат на Таксин на неговите политики со сериозни недостатоци.
Слична социјална фрактура може да се види во наративот на Западот по 2008 година. Суровоста и лицемерството изложени во повоениот либерален модел им дадоа покритие на политичарите, кои дрско се повикуваа на најлошите инстинкти на луѓето и понудија нова можност за манипулација со утврдени интереси, кои сфаќаат дека популистичката позиција е корисна како средство за дискредитирање на противниците. Истовремено, со неа се одвлекува вниманието од обвинувањата за коруптивно однесување.

ЕВРОПСКИТЕ ВРЕДНОСТИ НЕ СЕ УНИВЕРЗАЛНИ

Во Малта три осомничени лица беа уапсени во декември 2017 година и беа обвинети за убиство на Каруана Галиција. Тие се изјаснија за невини. Деталите за случајот против нив, вклучувајќи ги и нивните наводни мотиви, до денес остануваат нејасни. Синовите на Каруана Галиција побараа јавна расправа, независна од полицијата, Владата и политичарите на Малта, за да се даде „целосна и јасна слика“ за смртта на нивната мајка. Тие рекоа дека истрагата треба да испита дали Владата го прекршила нејзиното основно право на живот според европската легислатива. Во јуни Парламентарното собрание на 47-члениот Совет на Европа (на кој Малта е членка), исто така, повика на независна истрага и ја осуди „климата на неказнивост“ поради сомневање за корупција во Малта. Малтешките власти рекоа дека се подготвени да спроведат таква истрага, но тие сакаат да се осигурат дека таа нема да го попречи случајот против обвинетите за убиството на Каруана Галиција.
Внатрешните поделби во ЕУ за тоа како нејзините членки се саморегулираат повторно се продлабочуваат. Како што државите се судираа едни со други, така стана сѐ појасно дека т.н. европски вредности не се ниту универзално прифатени, ниту се она што луѓето фантазираат дека се. По долгогодишно известување од автократски држави од различни делови во светот, почувствував дека многу луѓе во Европа, вклучувајќи и во Британија, која е заглавена со брегзит, сè уште го потценуваат ризикот дека е доволен само еден момент за една стабилна земја да се лизне и да се претвори во нешто многу пострашно.