Оваа скапоцена монографија е подготвувана да се совпадне со реткиот јубилеј – десет
столетија од основањето на манастирот и 25 години од возобновувањето на монашкиот живот. Во неа се сместени над двесте текста и уште толку фотографии, со што се дава
пресек на новинарската кариера на Киро Кипроски, новинар, патописец и публицист, доајен на македонското новинарство, кој е нераскинливо врзан со Бигорски уште од
неговото најрано детство
Промовирана монографијата „Иконата
на Бистра – закрилник на православието“ на новинарот Киро Кипроски
Дворот на Бигорскиот манастир е полн со народ. Се слави денот на патронот на манастирот Свети Јован Крстител. Покрај редовите богослужби, празничната атмосфера ја збогати и радоста на верниците. Токму ваква беше сликата во Бигорскиот манастир изминатиот викенд.
Но имаше уште еден повод за славење. Промоцијата на монографијата „Иконата на Бистра – закрилник на православието“, произлезена од книжевната работилница на новинарот Киро Кипроски. Станува збор за редок пример на посветеност, на професионализам, но пред сѐ на љубов кон темата што се обработува, во случајов бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“.
Голем дел од материјалите од книгата се објавени во весникот „Нова Македонија“ последниве десетина години. Оваа скапоцена монографија е подготвувана да се совпадне со реткиот јубилеј – десет столетија од основањето на манастирот и 25 години од возобновувањето на монашкиот живот. Во неа се сместени над двесте текста и уште толку фотографии, со што се дава пресек на новинарската кариера на Киро Кипроски, новинар, патописец и публицист, доајен на македонското новинарство, кој е нераскинливо врзан со Бигорски уште од неговото најрано детство. Кипровски со оваа книга ја испишува четвртвековната историја на возобновеното монашко братство.
Со емоција во гласот, Киро Кипроски посочи дека оваа книга е сведоштво за неговата долгогодишна работа како новинар, но и на издигнувањето на Бигорскиот манастир во вистински сведок на православието во земјава.
– Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител – Претеча“ зазема посебно место во мојата душа и срце. Откога знам за себе, знам и за древното македонско светилиште, кое го граделе, надградувале, одржувале Мијаците, посебно жителите на Галичник, од каде што се моите корени. Незаборавни ми се спомените кога како детенце дедовците Русе Ќипроски и Нестор Шулевски и бабите Цвета Ќипроска и Стојана Шулевска и родителите Стево и Милица ќе ме однесеа на патрониот празник на манастирот (10 и 11 септември). Тоа беше голема радост, со многу непреспиени ноќи исполнети со исчекување. Манастирската црква, чардаците, дворовите беа исполнети со многу народ, а ние дечињата си игравме и трчавме по манастирската калдрма – пишува Кипроски во монографијата.
На промоцијата, пак, рече дека во манастирот го донел Свети Јован да следи и да биде „контролор“ на сето она што се случува таму.
Марјан Велевски, уредникот на весникот „Нова Македонија, како еден од промотерите на оваа монографија, посочи дека многу важна карактеристика во творештвото на овој доајен на македонското новинарство и публицист е што тој особено внимание му посветува на трагичниот настан од 2009 година, но и сето она што следуваше потоа.
– Со посебен жар авторот пишува за кобниот пожар од 2009 година, кој за кусо време во неврат го однесе конакот, наречен Горен палат, при што целосно изгоре библиотеката, како и вредните фрески во трпезаријата, но сепак недопрено остана највредното – црквата „Свети Јован Крстител“ и монументалниот иконостас, единствен во православието, чудотворната икона и колекцијата мошти на десетици и десетици светии… Но со не помалку жар, туку со нескриена радост и љубов авторот известува и за сите акции и донации за обнова на манастирот, кој благодарение на заедницата, а и на дарежливите поединци го доби денешниот лик – посочи Велевски. Славното бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите предци и столб на нивната православна вера и самобитност, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската вистина и да ја јакне верата меѓу народот.