Поради повреди на колеги, десното крило Хорват беше десен бек на Загреб и го одигра најефикасниот меч во својата 16-та европска сезона (12 гола на мечот со Сегед) и првпат сезонава влезе во тимот на колото во ЛШ
Капитенот на Загреб, десното крило Златко Хорват, викендов го сврте вниманието на ракометната јавност одигрувајќи го најефикасниот меч, во својата 16-та европска сезона, во кој 12 пати ја затресе мрежата на гости кај Сегед, во дуелот од 13-то коло. Но посебна тежина на неговата најефикасна партија дава фактот што својата најдобра партија Хорват ја одигра на нему неприродната позиција – десен бек.
Вакви „рокади“ ретко се случуваат во ракометот и тоа најчесто во ситуации на отсуство поради повреди на играчи. Исто така, не е голем и бројот на „универзалци“ што еднакво квалитетно можат да одговорат на две позиции. Еден од конкретните примери за универзален ракометар е францускиот репрезентативец Кентин Мае (Фленсбург), кој еднакво добро ги покрива левата крилна и централната бековска позиција.
Европската ракометна федерација (ЕХФ) во тимот на колото, покрај Хорват, ги избра левото крило на Левен, Гудјон Валур Сигурдсон, кој 10 пати реализира во дуелот со Висла, потоа левиот бек на Мешков, Петар Ѓорѓиќ (10 гола против ПСЖ), централниот бек на Мотор, Ајденис Маласинскас, десното крило Марио Шоштариќ од Сегед, пикерот на Кил, Партик Винчек и голманот на Мешков, Иван Пешиќ (12 интервенции). Та.Д.