Најголемата опасност за црвено-црните ќе доаѓа од бековските линии, каде што предничат поранешните вардарци, Циндриќ и Душебаев, како и Лијевски и Јурецки, а на линијата од шест метри е тешко задржливиот Агинагалде
Победничкиот импулс на црвено-црните во годинашнава Лига на шампионите (ЛШ), ќе биде пред нов предизвик утре (17 ч.), во градот Киелце, каде што ќе ги одмери силите со истоимениот полскиот првак. Вардар и Киелце досега во ЛШ се сретнале шест пати, а поуспешни се Полјаците со четири победи и два пораза. Посебно се издвојува четвртфиналниот меч во сезоната 2014/15, кога вардарци и дома и на гости загубија со по два гола разлика. Сепак, вкупната гол-разлика е во корист на црвено-црните (169-163).
Во европскиот првак од 2016 година и двапати трет во ЛШ, предводен од искусниот стратег Талант Душебаев, играат 12 интернационалци (четворица Шпанци, тројца Хрвати, по двајца Словенци и Белоруси и еден Србин). Годинава се засили со пет нови ракометари, меѓу кои и левиот шпански бек Даниел Душебаев, брат на Алекс, кој, исто така, игра во Киелце.
Најголемата опасност за црвено-црните ќе доаѓа од бековските линии, каде што предничат поранешните вардарци, централниот хрватски бек Лука Циндриќ (66 гола лани во ЛШ, сега 11), моментно водечкиот стрелец во ЛШ, десниот бек Алекс Душебаев (79/29), потоа полските бекови, десниот Криштоф Лијевски (30/7), односно левиот Михал Јурецки (74/11) и тешко задржливиот шпански пикер Хулен Агинагалде (45/6), како и цврстата, а на моменти и остра полска одбрана.
Иако тимот има само еден двометраш (201 см, хрватскиот лев бек Марко Мамиќ, кој според последните информации поради повреда нема да игра), просечната височина на екипата (191,4 см) е речиси идентична со вардаровата (191,9 см), иако скопјани имаат дури петмина двометраши.
За разлика од Вардар, кој досега забележа четири победи, и тоа Монпелје и Веспрем на гости и Кристијанстад и Левен дома, има најмалку примени голови (101) во групите А и Б и води во групата А со максимални осум бода, Киелце сезонава ги совлада Левен и Кристијанстад дома, како и Монпелје на гости, а загуби на гости од Веспрем.