Влатко Давидовски
(Д-р Влатко Давидовски работи во областа на консалтингот за бизнис-трансформации при глобални корпоративни компании-лидери на светскиот пазар и има работно искуство повеќе од 15 години. Има докторат по економија, магистратура во областа на информатиката на еден од 10-те најдобри универзитети во светот, постдипломско образование во областа на менаџментот и двојни додипломски студии.)
За последните 27 години како мантра се повторуваа зборовите „дојдовме до дното, не може да биде полошо“. Поминавме низ транзицијата, кога се случи економско разорување на земјата и почна долгогодишното уназадување на македонското стопанство.
Имавме воен конфликт со што дополнително се разниша и така кревката стабилност на нашата земја. Поминавме низ некој вид политичка диктатура каде што гласот на оние што мислат поинаку беше замолкнат и каде што државата енормно се задолжи за сметка на огромни суми испрани под покритие на т.н. „проекти за разубавување на фасадите“ на главниот град. Изгледаше како да не може да биде полошо.
За жал, ова досега можеби е само детска игра во однос на тоа што пред нас претстои.
Денес Македонија, македонскиот народ, сите ние сме исправени пред еден од решавачките моменти во нашата историја, каде што директно сме пред избор да ја зачуваме или изгубиме вековната борба за сопствена татковина, јазик, идентитет и за нашето слободно опстојување. Дали по петвековното османлиско ропство, по Балканските војни, по фашизмот во Втората Светска војна е можно повторно да се најдеме во ситуација каде што ќе бидеме загрозени како народ? Ситуацијата е покритична отколку што можеби навидум изгледа. За разлика од минатите битки, каде што најголем предизвик ни била борбата со странскиот окупатор (иако не смее да се заборават штетите од домашните колаборационисти низ историјата), денес најголемата битка, за жал, ја водиме со себеси. Ако за време на подемот на фашизмот и на расизмот се величи надмоќта на едни нации над други и се уништуваат оние помалку вредните, денес сме исправени пред една полоша форма на геноцид. Денес се соочуваме со ситуација каде што како народ се ставаме пред избор за самоукинување, на самогеноцид, на поништување на она што нѐ дефинира под изговор за „можеби подобро утре“.
Не е тешко да му се продаде светла иднина на сиромавиот. Лесно е да му се дадат лажни ветувања на народ што е на работ и кој, се чини, нема друг избор: на уценетиот административец што ќе направи сѐ да ја зачува својата работа и да го прехрани своето семејство, на стечаецот и на невработениот, кои не можат да прекрпат од први до први, на младиот што нема друга шанса за развој освен да ги спакува куферите за во странство, на омаловажениот интелектуалец што живее во општество каде што е подобро да си сè, отколку интелектуалец, на заборавениот од сите земјоделец, кој ѝ дава живот на оваа грутка земја. Како жедниот што бара вода во пустина така и овој народ чека симбол на добра надеж, светло на крајот на тунелот, перспектива за подобро утре. Но дали со референдумот на 30 септември, со спогодбата со Грција, но и со договорот за добрососедство со Бугарија, се нуди токму долгоочекувано олеснување и подобро утре или напротив тие се само закрила на еден лош избор, со кој ризикуваме да нѐ воведе во уште поголема криза и далекосежни последици по нашата татковина и идните поколенија?
Времето ќе покаже, но ова се фактите на кои никој не може и не смее да остане слеп.
Првиот момент што можеби не е очигледен но треба да ни биде јасен, преку преименувањето во „Северна Македонија“, ќе се избрише вековната историја на нашата земја. Никаде низ вековите не се споменува земја, држава ниту географска одредница под такво или слично име со кое може да се идентификуваме, никој од нашите предци не се нарекувал „граѓанин на Северна Македонија“, ние прифаќајќи го референдумот стануваме една нова творба што нема свое минато и историја. Со спогодбата се бришат вековни врски со нашето минато, се бришат и придобивките од АСНОМ.
Понатаму, никаде во спогодбата не се прифаќа постоењето на македонска нација. Напротив, она што навистина е застрашувачки е што од спогодбата од Нивици, но и договорот со Бугарија ќе следува бришење на заштитата на македонското малцинство во Уставот, што е директен удар по постоењето на македонска нација. Без постоењето на македонското малцинство не може да постои ни македонска нација, ние стануваме само граѓани што ги губат врските со себе, со своите во соседните земји и со заедничкото минато. Низ грчките медиуми бришењето на македонската нација веќе е опишано како победа, а за истото тоа и самиот Ципрас има изјавено дека „со спогодбата не се признава постоењето на македонска нација“. Прашањето до секој од нас е дали такво нешто е прифатливо?
Една од поголемите невистини што се споменуваат во медиумите, од страна на политичарите во обид да се заштити спогодбата, се околу тоа дека македонскиот јазик конечно ќе биде признаен со оваа спогодба. За оние што барем малку се заинтересирале за проблематиката, веднаш препознаваат дека се работи за обид за манипулацијата бидејќи македонскиот јазик е веќе признаен од страна на Обединетите нации уште во 1977 г., и тоа токму во Атина.
Особено застрашувачка е отворената врата за ревидирање на историјата на нашата татковина. Спогодбата од Нивици (како и договорот со Бугарија), предвидува создавање комисии за ревидирање учебници, книги, мапи, документи од историска и од географска гледна точка. Секој од нас треба да вложи малку умствен напор за да си го претстави тоа. Утре нашата историја нема да биде онаква каква што ние ја знаеме. Нашите деца ќе ги учат поинаку, како што е прифатливо за соседите, не така како што навистина се случило и како што татковците и дедовците раскажувале. Ние ќе бидеме единствената земја во светот, која на ваков начин е подготвена да го заборави своето минато, да избрише топоними што постоеле со векови, да ги заборави своите во соседните земји, но и да го заборави теророт што се случил врз македонскиот народ низ вековите. Тоа не само што ќе даде простор да ја поништиме сопствената историја, туку ќе создаде простор за нови уцени во идните обиди на Македонија во европските интеграции. Ако досега постоеше една „главна причина“ за уцена (името на нашата земја, Република Македонија), утре тоа ќе може да биде кој било момент од нашата историја, додека не направиме компромис до последната точка и целосно не го избришеме целосно својот идентитет и минато.
Со спогодбата од Нивици директно им удираме шлаканица на 133 земји што ја имаат признаено нашата татковина под нејзиното уставно име. Тие 133 земји го ризикуваа својот однос со Грција низ годините за да ни помогнат нам како народ да го оствариме своето основно право на слобода, самоопределување и сопствена држава, свој јазик, историја и култура. Со успешен референдум ние им вртиме грб на нашите пријатели. Прашањето е како ќе имаме и најмало право да очекуваме нивна поддршка во иднина, ако сме подготвени прекуноќ да го погазиме нашиот збор и да ја потцениме нивната жртва за нас. Кој сака за пријател некој што не знае да се држи до својот став и определба?
Следно прашање е уставната валидност на референдумот. Во референдумското прашање се пропишани три прашања во едно: првото за спогодбата од Нивици, второто за приклучување кон ЕУ (економски сојуз) и третото за приклучување кон НАТО (воен сојуз). Она што загрижува е дека е направено директно прекршување на Законот за референдум на Република Македонија по најмалку два члена, членот 3: „Ако се гласа за повеќе прашања, за секое прашање се гласа на посебно ливче“ и членот 4: „Прашањето на гласачкото ливче мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓанинот може да одговори со ЗА или ПРОТИВ“. Карактерот од типот „консултативен“ е несоодветен за веќе потпишана спогодба. Уставниот суд на Македонија на 19 септември 2018 г., уште еднаш потврди дека е само алатка на власта (како што се случуваше и за време на претходната гарнитура) и дека нема глас во сопствената земја, губејќи го и така слабиот кредибилитет меѓу народот. Од ова произлегуваат две прашања, како можеме ние да дозволиме до тој степен правно неодговорно да се однесуваме кон најбитни прашања што ја засегаат иднината на целата земја и второ, како можеме да очекуваме ЕУ да нѐ прифати како партнер, кога ние не можеме да ги исполниме нивните правни норми и да го почитуваме сопствениот закон.
Еден од највчудовидувачките факти е тоа што за референдумот не е отворена апсолутно никаква дебата во општеството, за тоа што спогодбата со Грција значи за нашата татковина и уште побитно, какви се последиците од успешниот референдум. Како Македонија ќе треба да го промени Уставот, кои закони и членови ќе треба да се ревидираат, од што сè овој народ ќе треба да се откаже, како ќе се спроведува политиката на елиминација на примена на непожелни називи и симболи, како ќе се менуваат книгите и учебниците, како ќе биде засегната културата на нашата земја, дали сите тие промени згора на тоа ќе треба и да бидат финансирани со и така ограничените средства на овој народ? Не е изненадување дека единствен начин со кој власта се обидува да го протне референдумот на мала врата кај народот е преку манипулација со аргументи. Наместо да се зборува за последиците од спогодбата и што тоа значи за нашата земја, се прават реклами за евентуални придобивки од Европската Унија, членството каде што дури и во случај на успех на овој референдум не е загарантирано. За прием впрочем е потребно да се исполнат ред услови, кои никој, освен народот на оваа земја не може да ги исполни и кои ќе останат и натаму како предуслов. Секој заинтересиран може да прочита извештај за напредокот на Македонија од Европската комисија и да се увери кои услови ние не ги исполнуваме, како: владеењето на правото, остварувањето на фундаменталните права, економскиот развој итн. Фрапантно е каква медиумска пропаганда и притисок се врши деновиве, кулминација на што се обидите за притисок врз вработените и повиците за поткуп на гласачите, како и билбордите со невистинита информација (како на пример за бесплатното здравствено осигурување). Загрижува и тоа што се создава конфузија дека со референдумот се решава влез во ЕУ, а не прифаќање на една штетна спогодба. Уште поалармантно е како се прават обиди да се замолкне мислењето на оние што не се согласуваат со референдумот како единствен избор.
Следен момент е што ќе се случува и доколку спогодбата помине и прифатиме промена на името? Да се потсетиме, во 2011 г. Меѓународниот суд на правдата го прифати аргументот на Република Македонија дека Грција го прекршила членот 11, став 1 од Привремената спогодба од 1995 г. кога приговорила на зачленувањето на Република Македонија во НАТО во април 2008 г. Прашањето е што ќе ја спречи Грција да ја блокира Македонија во идните обиди за европски интеграции. Што ќе се случи при промена на власта во Грција и доколку на чело дојдат противници на спогодбата, што е сосема нормално да се очекува во текот на годините потребни да ги исполниме многубројните услови и стандарди потребни за влез во ЕУ?
Време е како народ да ги отвориме очите и да ѝ погледнеме на вистината со отворено срце и разум, и да не дозволиме да бидеме поведени од лажна надеж. Името за овие 27 години не ја разруши нашата економија, не го предизвика одливот на мозоци, не ги порасна канцерогените заболувања, не го опадна наталитетот во земјата, не ги загади фрапантно воздухот и природата. Името не ги остави во пустош нашите патишта и инфраструктура, не ја корумпираше целата држава, не го донесе криминалот на секој чекор. Тоа не го обезвредни образованието и не ги доведе до непостоење основните човекови права во нашата татковина. Мора да бидеме реални и да се запрашаме, може ли промена на името да ги реши сите тие проблеми, како што деновиве политичарите му наметнаа на народот.
Се вели дека Македонија нема алтернатива. Членството во ниту еден сојуз, нема да ги реши болните проблеми прекуноќ, никој нема да ни ги реши проблемите наместо нас. Напротив, решението на тие проблеми е предуслов да бидеме успешни како земја и да бидеме поканети за членство. Залажувањето мора да престане, единствен што може да ги реши нашите проблеми сме самите ние, со својата пот и труд. Време е да ги засукаме ракавите и да преземеме сѐ што можеме за оваа земја, кој со што може, но како минимум со чесна и упорна работа, посветеност, љубов и почит кон татковината. Тогаш кога ние чесно ќе ја поставиме Македонија на здрави нозе, а не да очекуваме друг да ни го среди дворот дома, и другите неколку земји што не нè признале ќе немаат друг избор освен да станат наши пријатели. А доколку сегашните политичари немаат способност да го направат тоа и им е потребен „камшик“, нека се повлечат заедно со својата неспособност и нека им дадат шанса на нови кадри да покажат што знаат и умеат.
За крај, ако во бурни и крвави времиња во минатото не сме се откажале од тоа кои сме и што сме, денес, во мирно време имаме уште помалку изговор да го направиме тоа. Нема друг одговор на референдумот, освен бојкот и искористување на демократското право да се игнорираат обиди за наметнување прашање што не заслужува одговор. Време е да се испочитуваме самите себеси за да нѐ почитуваат другите. Да кажеме да за соработка со сите, посебно со нашите соседи, но само по принцип на заемна почит. Верувам дека и мнозинството граѓани на нашата земја нема да решат брзоплето и да прифатат прашање што навлегува во нивната и во честа на нашата татковина.
И не се очекува секој да се согласи со горенаведените факти. Напротив, секој има право на свое размислување и своја одлука. Но фер е да се побараат три работи. Прво, одговорност на секој од нас е да си ја изврши својата граѓанска должност и да ја прочита спогодбата од Нивици, како и договорот со Бугарија и да ги увиди последиците врз народот, нашата татковина и идните поколенија. Второ, секој треба да се запраша како ќе ја објасни одлуката пред своите деца и внуци, бидејќи на 30 септември не решаваме само за себе туку за идните поколенија, кои заслужуваат да имаат свој идентитет и достоинство. Трето, секој од нас треба да си го постави прашањето, што направив јас во овие години за мојата земја и што јас ќе направам за оваа земја почнувајќи од денес.