Игор Атанасоски-Харе, музичар, композитор и текстописец
Познатиот македонски гитарист, композитор и текстописец Игор Атанасоски-Харе во македонската популарна музика е присутен триесетина години. Беше дел од „Банкрот блуз бенд“, а по распаѓањето на групата, нема познато име од македонската естрада со кое не застанал на сцената. Сепак, долго му требаше да се одлучи да го издаде својот прв соло-албум „Overdose oд bluz“, кој мина одлично, а насловната песна е на добар пат да стане евергрин, како и песната „Пријател“, која е негова своевидна лична карта.
Од „Банкрот блуз бенд“ до денес, колку се сменивте како музичар и автор?
– Се сменив многу, нормално, но не се смени само мојот однос кон музиката туку и кон животот. Созреваш, растеш, тоа се отсликува во она што го создаваш и што го работиш.
Трпеливо впивавте, сублимиравте сите овие години и сега имам впечаток дека имате многу да кажете. Се исплатеше ли чекањето?
– Имаше периоди кога мислев дека доцнам, но се исплатеше. Да, чекач сум навистина, и мислам дека е добро да си трпелив. А најмногу затоа што сакав ова што го оставам зад мене како музика да го издржи тестот на времето. Јас сум самоник, немам ни средно музичко, ни академија. Тие се некултивирани овошки, кои ако успеат да никнат и да дадат плод, тој е неверојатен, вкусен и трае.
Што точно баравте, која коцкичка недостигаше во вашиот мозаик?
– Сакав да си го најдам мојот јазик, и музички и во лириката што ја пишувам. И денес имам почит кон македонскиот јазик, љубов што ми ја пренесе мајка ми, професорка по славистика во пензија, која низ годините ја надградував. Секогаш кога ги слушав текстовите на Вртев, на Џамбазов, ќе го спомнам и Владо Јаневски како одличен лиричар, ме воодушевуваа, но јас не сакав никого да имитирам. Сакав да го најдам мојот пат. Со песните од првиот албум, се отворија сите коцки и сфатив кој сум и што сакам како уметник. Претходно лутав, одев низ жанрови…
Но, музички, блузот е вашата патека, зарем не?
– Блузот ме допре како емоција, со својата искреност. Но не сака секој да му ја кажеш вистината, луѓето во овој тежок живот сакаат некој да ги замае. Моите текстови се реални, бидејќи се производ на моите себеиспитувања. Не сакам да живеам како во некој меур од сапуница. Ако утре почувствувам дека тој внатрешен порив да творам исчезнал, ќе ја закачам гитарата на клинец и ќе одгледувам лути пиперчиња. Искрено, се надевам дека никогаш нема да се случи тоа.
Сепак, ви дошло некогаш да оставите сѐ и да ѝ завртите грб на музиката?
-Да, многупати, како што станував повозрасен некои мои другари станаа успешни бизнисмени, милионери и во еден миг си реков зарем сето ова што го правам никој не го забележува и е залудно? Но, за среќа, сѐ брзо помина, како мали сипаници, и сфатив дека за мене ништо нема поголема вредност од творењето, занимавањето со музика.
Вие сте еден од ретките наши музичари, кој живее од музика цело време.
– Да, 26 години и малку пред тоа сум самостоен и живеам само од музика. Стаж не плаќам, но кон државата сум чист. Никогаш не сум работел во институција, хонорарно една година работев во КИЦ. Имав убава дружба со колегите, научив многу за сликарството и тоа е моето единствено работно искуство надвор од музиката.
Македонија сте ја прошетале и долж и попреку, многупати. Имате ли впечаток дека луѓето се сменија, допираат ли до нив вашите пораки?
– Допираат, но имам чувство дека нацијата ни е многу тажна во моментот и самопочитта ѝ ја нема, за што се заслужни лошите политики во изминатите 27 години. Но и сите ние впрочем. Не треба секогаш прстот да го вперуваме во други, бидејќи сѐ што ни се случува, и добро и лошо, е производ и на нашето однесување. Јас во мојата микросредина се трудам да ги почитувам другите, пред сѐ соработниците, со сите да живеам според некои стандарди, а така го учам и синот Давид. Тој има 23 години и е едно успешно момче, кое цврсто чекори по својот пат. Талентиран е за музика, но не се занимава со неа. Работи како компјутерски инженер и добро му оди.
Како народот да се избори за својата среќа, без да се оптоварува со дневната политика?
– Секој треба да се избори за својата среќа. Ние како да очекуваме да ни се случи некое чудо и одеднаш да се разбудиме поинакви. Културата што ја создаваме секојдневно е многу поважна од политиката. Јас се занимавам со другата страна на човечкото битие и битисување и сметам дека токму во овие мигови е важно во ова грне на нашиот идентитет секој да остави по малку.
И покрај сѐ, вашите песни имаат ведрина и така дејствуваат на луѓето.
– Да, и најтажните имаат некоја светлина и надеж. Еден зрак на оптимизам што и мене ме води, бидејќи јас, пред сѐ, го сакам животот.
Нов предизвик за вас е албумот на соработки, некои веќе слушнавме. Задоволен ли сте како звучат новите песни?
– И повеќе од тоа. Некогаш имам чувство дека песните што ги создавам се поголеми од мене. Така беше со „Пријател“, ја напишав за само 30 минути и дури отпосле сфатив што сум направил. И овој пат сакам да направам добар кастинг, да најдам вистински лик да ја донесе песната, да ѝ даде душа. Сакам да бидат песните како рака и ракавица со пејачите за кои се наменети и мислам дека добро почнав. За Игор е „Староста доаѓа“, за „Нокаут“ – „Ти си таа што ми треба“, преубава песна со која го доловувам сенсот на Пере, некако му личи песната. Во план се десетина соработки, иако имам готови песни и за два албума, но не сакам да брзам. Немам зад себе ниту издавачка куќа, ниту менаџерска компанија и тоа ми дава комоција.
Која е разликата од периодот кога го подготвувавте првенчето и сегашниот ангажман?
– Првиот албум беше голгота низ која поминав, многу работи ги учев во од, требаше да се мисли на милион дреболии. Но сѐ направив сам, тоа е потешкиот пат, така креативно созреав и сега ми е полесно и уживам во секој момент, без стрес.
Сте пишувале и музика за театар, за реклами….
– Да, автор сум на музика за претставата „Троил и Кресида“, во режија на Златко Славенски, во МНТ, 1984-та на Млад отворен театар, награда за најоригинална театарска музика, за реклами… Моите сфери на интерес се широки.
Дали можеби тајната на вашиот успех е што сите овие години бевте со вистинските луѓе на вистинското место?
– Имав можност да работам со најдобрите, кои го положија тестот на времето, а тоа не се купува со пари. Три-четири години да работиш со Пеце Атанасовски не може да ти го даде ниедна школа. Како да си вклучен во самиот извор на македонштината. По секоја проба си одев дома пораснат за еден сантиметар. Па, соработките со Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Ристо Вртев, Тоше Проески, Игор Џамбазов… Незаборавни дружби, разговори по цела ноќ. Инаку, сум свирел и пред педесетина, но и пред 70.000 луѓе во Будва со Кирил Џајковски на „Си денс мјузик фестивал“.
Како гитарист, дали сте колекционер на инструменти, се врзувате ли за нив?
– Немам култ кон инструментот, гитарата за мене е дрво со жици. Чак Бери секогаш ја фрлал гитарата со багажот и велел: „Јас сум Чак Бери“! Но, да, имам 2-3 гитари што ме следат цел живот. Едната е уште од времето на „Банкрот блуз бенд“, на која е снимена песната „Гитаро моја“.
Го барате ли сѐ уште совршениот звук на гитарата, иако и сега звучите автентично – цврсто, чисто и ретро?
– Па, јас сакам да звучам ретро, го негувам тоа. Цел живот ја свирам истата гитара, ама звукот се менува, во зависност од тоа како јас вибрирам. Во моментот додека свирам сигурен сум дека сум вклучени на некој линк од „горе“.
Со „Гури Харе бенд“ имате напорна агенда периодов. Дали сите овие свирки ве држат во форма?
– Апсолутно, вежбам и дома, но еден настап заменува 10 проби. Круцијални се живите свирки за квалитетот на еден музичар.