На Премиер-лигата во Берлин, 15-те македонски каратисти остварија вкупно осум поединечни победи, што е под очекувањата
Од престижната и мошне квалитетна Премиер карате-лига, која викендов се одржа во германскиот град Берлин, 15-те македонски каратисти (седум во машка и осум во женска конкуренција) се вратија само со осум поединечни победи и без можност да се борат за едно од првите три места.
Во силна конкуренција на 763 натпреварувачи од 72 држави, по две победи забележаа само Драгана Манговска (категорија до 50 кг) и Вероника Костовска (до 61 кг). По еднаш на татамите се радуваа Сара Радичевска (до 50 кг), Ангела Мојсовска (до 68 кг), Симона Заборска (до 55 кг), Јована Георгиева (до 55 кг) и сестрите Наташа и Моника Стефановски (до 61 кг, односно 68 кг).
Кај мажите, пак, никој не оствари два триумфа, додека по еднаш славеа Мартин Несторовски (над 84 кг), Петар Спасеновски (до 84 кг) и Петар Заборски (до 75 кг), додека Емил Павлов (до 60 кг), Берат Јакупи (до 84 кг), Виктор Крстевски (до 84 кг) и Жарко Арсовски (над 84 кг) беа поразени уште во 1-то коло.
Секако, повеќе се очекуваше од двократниот европски сениорски првак Емил Павлов, носителот на сениорско сребро и бронза од ЕП и злато од Медитеранските игри годинава, Берат Јакупи, како и од носителот на бронзен медал од СП 2010, Жарко Арсовски. Но сѐ уште има време за подигнување на формата.
Со овој настап во Премиер-лигата, каде што учествуваа првите 100 на ранг-листата на ВКФ (Светската карате федерација), се заокружи изборот на репрезентативците во машка и женска конкуренција што ќе ги бранат боите на Македонија на СП во Мадрид, Шпанија (6-11 ноември). На потег е селекторот на репрезентацијата Сашко Арсовски.