Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“
Приказнарот: X!!! Еден Харалампие од скопската населба Хром свири на харфа. Тој е познат харфист. Христо од Крушево свири на хармоника. Мене најмногу ми се допаѓа хорското пеење. Еден хорист ми е пријател и вчера ми раскажа хумористична приказна.
Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Х да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.
Приказнава е стокмена за едно магаре што сакало да пее. Ами, магарето начуло дека неговиот стопан Христо многу сака хорско пеење, та ако научи да пее нема повеќе да носи самар. Да, ама за да се направи хор ти требаат уште гласови, па, така, магарето решило да ги покани и другите животни што живееле со него во истиот двор. За неколку дена хористи станале и кравата, и волот, и коњот, и кокошките заедно со петелот. Магарето рикало, кравата и волот мукале, кокошките грачеле, петелот кукурикал, а коњот диригирал. Христо кога ги видел… збеснал. Трпел еден ден, два… толку се трпело.
Ме слушате или да земам еден стап, а? – им подвикнал Христо на хористите. Мислите дека ве хранам за да ми пеете, а? Мене ми требаат млеко, јајца, треба да наберам дрва, да изорам, а не овде да слушам хорски песни. Ако ви се пее и игра тука ми е хармониката, ама час-два и толку.
Христо си зборувал, но никој не го слушал. Се слушале рикање, мукање, грачење… Времето си врвело, Христо се нервирал… Пробал да ги научи да играат хокеј на трева – ништо. Се обидел да ги научи да вртат хулахоп – ништо. Им купил хемиски пенкала и пробал да ги научи да пишуваат – ништо.
Ме слушате или да земам еден стап, а? – повторно им подвикнал Христо на хористите. Ова не личи на ништо! Цело село ви се смее! Пеете или правите хумористична емисија, а? Ако не престанете до утре ќе купам хиена и ќе ви ја пуштам во дворот. Сите нека ве изеде, а јас ќе се преселам и ќе избегам од вас дуриии во Хондурас.
Не помогнале ни хиената, ни Хондурас, хорчето продолжило да пее, а луѓето се собирале и по цел ден се смееле. Пукнала и пролет, сѐ си останало по старо. Хорот пеел, а Христо… Христо не знаел кој пат да го фати. Еден ден, за да се смири малку, ја зел хармониката и седнал под црешата на Васила Хрватот, го викале Хрват бидејќи в село дошол дуриии од Хрватска. И си седнал така под црешна, ја оптегнал хармониката и малку од малку заборавил на хорот и на хористите. Си ја засвирил својата песна, почнал да си ја пее, кога… славеј! Да, драги мои, запеал славеј. Христо престанал со свирењето и со пеењето…
Тажен си, а? – му рекол славејот. Тагата ти се познава од далеку.
Тажен… А, ти, повторно дојде, а? Е па, добре дојде!
Благодарам!… Ами, овде ми е најубаво, овде на црешата… Туку, имам лек за твојата тага.
Имаш лек?!… Ми ја знаеш макава?!
Хористите кога ќе ме чујат како пеам, ќе се засрамат и никогаш повеќе не ќе запеат. Тргнувај, одиме! – рекол што рекол славејот и летнал.
Стигнале до дворот на Христо. Славејот застанал на гранката на оревот што правел голема сенка, а Христо…
Хористи!… Имам една молба до вас! Престанете со пеењето само една минута. Нема да ве карам, нема да ве тепам, не ви викам хиена… само една минута.
Го послушале. Кога престанало хорското пеење на магарето, кравата, волот, на кокошките и на петелот, почнал да пее славејот. Толку убаво запеал, та цело село онемело. Се слушала само неговата песна. За среќа, по ова, престанале рикањето, мукањето и грачењето. Христо се расположил, ја зел хармониката и ја испеал својата песна, песната за цветините очи црешови. Ја сакал Цвета од Горно Маало, затоа. Што им рекол на хористите?!…
Кој знае да пишува, а? – ги прашал.
Јас – рекол петелот.
Тогаш земи хартија и хемиско пенкало и пишувај…. Пишуваш?… Секој е скроен за нешто. Некој да ора, некој да коси, некој дрва да носи, а некој да пее. Таков е животот – им рекол Христо на животните и тргнал со коњот и со магарето по дрва.
Како да не ми верувате?!… Ако ми верувате арно, ако не уште поарно! За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Х ги отклучуваме: Харалампие, Хром, Хрватска, харфа, харфист, хармоника, Христо, хор, хористи, храна, хартија, хумор, хиена, Хондурас, хемиско пенкало, хумористична приказна…
Наместо белешка за авторот
Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.