Новите генерации матуранти за поубав изглед се подложуваат и на естетски корекции
Матурската прослава е круната на завршувањето на средното образование. Младите од безгрижни средношколски денови мора да изберат дали ќе се насочат кон високо образование или ќе започнат да работат, со што полека созреваат и стануваат возрасни. Но пред да се случи таа неминовната транзиција, се слави матурата, оној важен чин на кој сите сакаат да изгледаат најубаво што може. Првенствено, тренд почнат за организирање забава на луѓето што завршуваат средно образование, а денес матурите се навистина гламурозни и безобразно скапи настани, за кои родителите, но и учениците воопшто не штедат пари. Од година на година настаните чинат сè повеќе, а на облеката и шминката им се посветува огромно внимание. Некои матуранти изнајмуваат и лимузини и скапи возила за да се појават на настанот и гордо да продефилираат. Некои матуранти низ годините беа покреативни, па на вечерта на нивната матура се појавија на кочии, некои во автобуси, но сите во придружба на голема тајфа трубачи по нив. Оваа генерација матуранти ќе го направат тоа по свое сценарио или по урнек на претходните.
Главниот финансиски товар за време на матурите и прославите, секако, го имаат родителите на матурантите. Најчесто тие не штедат при исполнувањето на желбите на своите деца, но, секако, секој го прави тоа во рамките на своите можности.
– Нашата ќерка оваа година е матурантка и настанов навистина ќе ни одвлече многу пари од домашниот буџет. Домашната сметка на пазар не излегува и навистина излезе така. Некои модни парчиња облека навистина нѐ чинеа цело богатство, а планиравме нешто поскромно. Многу повеќе ќе нѐ чини од планираното, па затоа ќе си скратиме нешто од плановите за одмори за да ја одбележиме матурата. Еднаш се слави матура и затоа треба да се памети – вели родител на матурантка од една скопска гимназија.
Најмногу средства се одвојуваат за изгледот на матурантите, односно кај момчињата за костум, кошула и обувки, а кај девојчињата мора да се потроши многу повеќе, бидејќи им се неопходни пари за шминка, фризура и различни модни додатоци.
Цените, секако, варираат во однос на тоа каков бренд е облеката, во кој салон се прави фризурата и кој шминкер ги шминка матурантките. Во последно време подготовките за овој настан одат дотаму што матурантите плаќаат илјадници евра и пластични операции, односно корекции на нос, уши или гради за да изгледаат најдобро за „големата“ вечер.
Во просек, за да се подготви една матурантка за овој настан, цените на фустаните изнесуваат од 2.500 до 15.000 денари да се купи готов, а доколку се одлучи да се оди кај шивач, цените се движат од 100 до 300 евра. Различно може да чинат шминка и фризура, а цените исто така варираат во однос на тоа каде и кој ги прави. Така, шминкањето може да чини од 500 до 1.500 денари, а исто толку пари треба да се издвојат за правење нокти. Секако, треба да се вкалкулираат и некои други придружни трошоци. Чевлите исто така може да бидат скапи, но се дел од целосниот имиџ на матурантите, па, така, тие може да чинат од 2.000 денари па нагоре, до петнаесетина илјади денари. Ништо помалку не ги чини купувањето чевли и матурантите. Но важно е и за нив каков костим ќе одберат – дали ќе биде брендиран, а тој може да чини од 5.000 денари, па нагоре. Кошула може да најдат и за 1.000 денари, но тука се и трошоците за придружните додатоци, како што се ремен, вратоврска и чевли, кои исто така може да чинат над 6.000 илјади денари.
Родителите и славениците на матурите најчесто избираат на вечерта на матурата да го одбележат денот или со домашна прослава или во ресторан. Тука мора да се споменат и неизбежните трошоци за организација на овие настани, кои во поевтините ресторани изнесуваат околу 400 денари од порција, а во поскапите и поелитни стигнуваат и до 30-40 евра по човек. Оние што ќе одлучат прославата да ја организираат во домашни услови, во просек за дваесетина луѓе, прославата може да ги чини околу 10 илјади денари. Не треба да се заборави дека некој денар треба да се потроши и за подарок за партнерот, а треба да се плати и изработката на матурското табло.
Во изминативе години, поради големите трошоци и цените за целосната организација на матурските забави, се појавија и здруженија што собираа средства за матуранти што немаат доволно пари соодветно да се подготват. Матурантите што имаат потреба од каква било помош при подготовката, можат да се пријават за да добијат облека или шминка за настанот.
По споредувањето на сите трошоци при организација на една матура, може да се заклучи дека е неопходна една просечна македонска плата за целиот настан да биде солидно организиран, матурантот да изгледа според нормите и да се вклопи во целокупниот момент.