Фудбалската репрезентација вечерва ја пречекува соодветната селекција на Гибралтар во меч од 6-то коло на Лигата на нациите. Со еден бод ќе се потврди првото место, а со победа Македонија сигурно ќе биде домаќин на полуфиналниот дуел од плејофот за пласман на ЕП 2020

На Македонија ѝ е потребен само уште еден бод од вечерашниот натпревар против Гибралтар (арена „Филип Втори“, 20.45 часот), последен во групата 4, лига Д, во фудбалската Лига на нациите (ЛН), за освојување на првото место што води во повисок ранг, во лигата Ц. Покрај тоа, првото место ќе значи и пласман на фајналфорот, со преостанатите репрезентации-победници во групите во лигата Д, и разигрување за место на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) 2020 година.

Македонија на гостувањето во Лихтенштајн, во тврд натпревар, забележа очекувана победа, со 2-0, осма (со едно реми) на меѓусебните дуели (вкупна гол-разлика 33-5). Македонските фудбалери демонстрираа психолошка стабилност, играа мирно, ја дочека својата шанса и заслужено победија. Тие покажа дека лекцијата од дебаклот на гостувањето во Ерменија и поразот со 0-4 ја научиле и не дозволија да ја испуштат големата шанса освојувајќи значајни три бода.

Првото место практично е освоено, но Гибралтар никако не смее да се потцени и во мечот да се влезе опуштено. Поука за Македонија треба да биде горчливото искуство на Ерменија, која минатиот месец во Ереван загуби од Гибралтар со 0-1, прва победа во нивната историја, што за Ерменците најверојатно ќе значи само второ место во групата. Потоа Гибралтар забележа уште една победа, дома над Лихтенштајн (2-1) што е уште една опомена дека не треба да се потценат. Во петокот беа поразени од Ерменија (2-6), но повторно постигнаа два гола (пет на три меча) што кажува дека треба сериозно да се сфатат.

Македонија ќе биде без капитенот Горан Пандев (жолти картони) на вечерашниот меч со Гибралтар. Влогот е голем, Македонија е пред голем успех, можеби најголем во историјата, а тоа е исчекор напред, бегство од европското „фудбалско дно“, пласман во лигата Ц, и шанса да се разигрува за место на финалниот турнир на ЕП 2020.
Од групата 1, Грузија веќе го обезбеди првото место, во групата 2, Белорусија (11 бода) синоќа му гостуваше на Сан Марино, а Луксембург (девет бода) на Молдавија. Во групата 3, утре дуелот во Приштина помеѓу Косово (11 бода) и Азербејџан (девет) ќе го одлучи победникот. 


Лихтенштајн – Македонија 0-2

Стрелци: Барди 50. минута, Несторовски 91. минута. Црвен картон: Вајзер 49. минута. Жолти картони: вајзер, Куинтанс, Пандев. Стадион: „Рајнпарк“ во Вадуц. Гледачи: 2.100. Судија: Петр Арделеану од Чешка.
Лихтенштајн:. Бухел, Брандл (од 75. минута Ерне), Гопел, Куинтанс (75. Еберле), Сале (75. Ло Русо), Вајзер, Салановиќ, Мејер, Рихштајнер, Полверино. Селектор: Рене Паурич.
Македонија: Димитриевски, Ристевски, Муслиу, Бејтулаи, Тричковски (76. Спировски, 84. Тошевски), Трајковски, Пандев, Хасани (76. Велковски), Николов, Барди, Несторовски. Селектор: Игор Ангеловски.