Според пишувањето на германскиот неделник „Дер Шпигел“, суперлигата од 2021 година би се состоела од 11 клуба-основачи, кои нема да испаѓаат 20 години, плус пет дополнителни екипи-гости, а би била формирана и втора лига
Европска суперлига во фудбал? За вакво нешто од поодамна се зборува по фудбалските кулоари и покрај постојаниот раст и популарноста на постојната Лига на шампионите (ЛШ) на Европската фудбалска унија (УЕФА), посебно кога станува збор за заработката, која од година на година ги пробива сите граници. Според протечените документи (своевиден „фудбал ликс“) што ги објави германскиот неделник „Дер Шпигел“, 11 елитни европски клуба би можеле да се отцепат и да формираат своја суперлига што би почнала да се игра во 2021 година.
За формирањето таква и слична лига со години се говори, но шансите за нејзино создавање се чини се сѐ поблиску до реализација. Но кои тимови ќе бидат вклучени во таа лига и како ќе влијае тоа на ЛШ? Според неделникот, во новата лига, надвор од рамките на УЕФА би играле 16 екипи поделени по групи, а потоа би се играла нокаут-фаза, слично како во ЛШ. Суперлигата ќе се состои од 11 клуба-основачи, плус пет дополнителни екипи-гости. Клубовите-основачи нема да испаѓаат од лигата, односно местата ќе им биле загарантирани 20 години.
Според извештајот на неделникот „Дер Шпигел“, во протечените документи ги има потписите на 11 клуба, и тоа од 2018 година. Тоа се двата шпански гиганта, Барселона и Реал Мадрид, англиските Арсенал, Челси, Ливерпул, Манчестер сити и Манчестер јунајтед, италијанските Јувентус и Милан, францускиот ПСЖ и германскиот Баерн. Плановите наведени во документите покажуваат дека клубовите имаат намера да регистрираат компанија за организирање европска суперлига, во која тие ќе бидат постојани членови во следните 20 години.
Дополнително на клубовите-основачи би им се придружиле уште пет клуба-гости, на ротирање, а се споменуваат Атлетико Мадрид, Борусија Дортмунд, Интер, Рома и Марсеј. Во извештајот, исто така, се споменува и т.н. втора лига, во која би играле „гостински тимови“ за да обезбедат пласман во суперлигата.
Гласините за формирање нова лига, на елитни клубови во Европа, ескалираа во 2016 година кога челниците на водечките англиски клубови се состанаа во Лондон со американскиот бизнисмен, Чарли Стилитано, основачот на летниот турнир на Интернационалниот куп на шампионите, пишуваат европски медиуми. Оттогаш освен разговорите, не е направено ништо конкретно, но мејловите што ги разменуваат клубовите покажуваат дека идејата за суперлига не е отфрлена.
Неодамна Баерн преку претседателот Карл-Хајнц Румениге негираше дека некои од најголемите европски клубови ќе се отцепат и ќе формираат суперлига. Клубот од Минхен и во саботата преку соопштение демантира поврзаност со идејата.
Се претпоставува дека учесниците во суперлигата ќе можат да сметаат на многу повеќе пари отколку од ЛШ доколку играат поредовно со најуспешните клубови во светот. Суперлигата би им конкурирала на американските НФЛ и НБА и би имала поголема корист од доходните договори за телевизиски права. Едно од клучните прашања е што ќе се случи со ЛШ? Во документите што ги објави „Дер Шпигел“, никаде не се спомнува ставот на УЕФА, која ја организира ЛШ. Се претпоставува дека суперлигата нема целосно да ја укине ЛШ, а нејасно е и тоа како сето тоа ќе влијае на националните лиги.