Крајна цел ми е да се закитам со медал од Олимписките игри. Имам можност да фатам два олимписки циклуса, првиот е Токио 2020, а вториот Париз 2024. Само здравјето да ме послужи, вели најуспешниот македонски каратист
Блесна на неодамнешното Европско првенство (ЕП) во Нови Сад. На неговите гради сјаеше златниот медал додека на победничкиот пиедестал, гледајќи во жолто-црвеното знаме, гордо ја пееше македонската химна. За каратистот на КК Штип во дисциплината борби, 26-годишниот Емил Павлов, ова беше второ злато, по она во финскиот град Тампере 2014-та, а вкупно трет медал од ЕП, по бронзата во францускиот град Монпелје во 2016 година, со што стана најуспешен македонски каратист.
Тој е и повеќекратниот првак на Македонија, кој, патем, може да се пофали и со бронза од Европските игри во Баку, Азербејџан 2015-та, со злато од последната Балканијада и со триумфи на повеќе реномирани турнири. Скромниот, тивок, но бестрашен борец на татамите, чиј главен стил на борба е дистанцата, поради што каратистите и го нарекуваат „доктор на добра дистанца во борба“, секако не мисли да застане тука. Неговиот поглед сега е насочен кон Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020 во Токио, каде што каратето првпат ќе биде дел од програмата на Игрите. Но патот дотаму, ни малку нема да биде лесен за штипскиот апсолвент на Филолошки факултет (група Македонски јазик и книжевност), кој е и носител на спортска пензија за исклучителни постигнувања во каратето.
Како почнавте да тренирате карате, кој е виновникот и како изгледаше тоа?
– Кога бев во второ одделение, многу другарчиња од мојот клас тренираа карате. Отидов и јас, видов, ми се допадна и оттогаш го засакав овој спорт, а од сите тие другарчиња од мојот клас, само јас продолжив понатаму со каратето. Вина имаат и моите родителите, оти ми дадоа зелено светло и ме поддржуваа сето време.
Дали беше потешко да се освои златото во Тампере или во Нови Сад?
– Златните медали од Тампере и од Нови Сад имаат иста тежина. Разликата е во тоа што во Финска не бев свесен дека можам да станам европски првак, не чувствував никаков притисок и бев поуспешен. Сега, пак, знаев дека можам, го знаев патот до врвот, имав голем психолошки притисок, но ете, успеав вторпат да го освојам најсјајниот медал.
Кој беше вашиот идол кога ги правевте првите чекори на татамите?
– Уште кога бев, моите сегашни тренери, браќата Сашко и Жарко Арсовски беа моите карате-идоли.
Дали веќе го чувствувате товарот на славата?
– По овој успех во Нови Сад, чувствувам дека сум направил нешто големо за македонскиот народ и држава, имав голем пречек во мојот роден град, како што му доликува на вистински спортист. Многу луѓе искрено ми честитаа, се фотографираа со мене, што навистина ме прави да се чувствувам горд, а патем ми влева и ми дава уште поголема мотивација да продолжам да ги радувам овие луѓе со нови, големи резултати.
Која е вашата крајна цел во каратето? Ќе ве видиме ли на ЛОИ во Токио?
– Крајна цел во каратето ми е да се закитам со медал од Олимписките игри. Имам можност да фатам два олимписки циклуса, првиот е Токио 2020, а вториот Париз 2024-та. Додека не освојам олимписки медал, нема откажување од каратето. Само здравјето да ме послужи…
Имате ли некој посебен ритуал или амајлија, за кои верувате дека ви носат среќа пред големите натпреварување?
– Јас верувам во господ и секогаш пред некое големо натпреварување одам во црква, палам свеќа, се помолувам, затоа што сметам дека во спортот мора да се има и среќа на патот кон восочините.
Како реагираа вашите најблиски кога разбраа дека сте освојувач на златниот медал?
– Моите најблиски во семејството, заедно со роднините и со соседите, мојот успех го прославиле заеднички и мошне весело. Се славело со музика и со ора до раните утрински часови.
Кој друг спорт, освен каратето, го обожавате, сакате да го гледате или да се занимавате рекреативно со него?
– Фудбалот многу го сакам, го следам и го играм. Имам голем број пријатели, кои играат во клубови во Македонија, но и надвор од државата. Кога имам време, постојано сум на фудбалските терени низ Македонија.
Што е потребно за каратето во Македонија да стане помасовно и поквалитетно?
– Потребна е поголема поддршка од медиумите, а со исклучок на одредени, ние ја немаме. Мислам дека треба да се професионализира, оти ние сме професионалци, но не сме платени така. Голем број репрезентативци и тренери во исто време тренираат и одат на работа, затоа што не можат да живеат само од каратето, а тренерите треба постојано да се надградуваат и да учат едни од други.
Што би им препорачале на идните млади македонски каратисти?
– Пред сѐ да тренираат макотрпно, бидејќи без работа не се постигнува ништо. Потребно е да веруваат во себе, патот до успехот е многу трнлив, но никогаш да не се откажуваат и да живеат професионално.
Патот до врвен каратист
Патот до врвен каратист е многу тежок, оти се немаат многу финансиски средства како во другите спортови. Најтешко беше на почетокот, кога требаше сѐ сами да си плаќаме за настапите на турнирите. Родителите не беа финансиски многу моќни постојано да ми помагаат, но благодарение на пријателите и на роднините, некако се снаоѓавме за настапите. Но не само тоа, каратето бара и многу откажувања од животните задоволства. Мојот живот како спортист бара многу жртви, посветеност, истрајност и затоа ретки се тие што можат целосно да нѐ разберат нас спортистите. Сепак, не жалам за тоа, едноставно живеам за каратето, за победнички мигови, за големи резултати – нагласува Павлов, кој е носител на црн појас од пред осум години.
Љубител на доброто кафе
Во слободните мигови најчесто сум со моите најблиски, со пријателите, со мојата девојка. Голем љубител сум на доброто кафе, затоа и почесто сум на кафе-дружење со пријателите. Често знам да заминам и на убави туристички места во и надвор од Македонија. Голем љубител сум и на фудбалот, така што постојано ги следам настапите на штипските екипи – вели Емил.