Откако ќе се поминат сите административни процедури, вакцината против коронавирусот на „Фајзер“ од март ќе биде достапна и за граѓаните во Македонија. Најпрво се предвидува вакцинирање на здравствените работници, хронично болните и на постарата популација
Договорот „Ковакс“ што го има потпишано Македонија предвидува вкупно 833.000 дози од вакцината против ковид-19 за 20 отсто од населението, бидејќи е потребно да се примат по две дози. Сепак, овие 833.000 дози нема да стигнат сите одеднаш, вели претседателката на Комисијата за имунизација д-р Александра Грозданова, туку со динамика и план во согласност со нашите капацитети, а според неа, првите дози реално би требало да се очекуваат во првото тримесечје (јануари – март) од идната година.
– Во првите 20 проценти се предвидува вакцинирање најпрво на ризичните групи, како здравствените работници, хронично болните и постарата популација. Потоа, секако, се планира набавка на дополнителни количества вакцини и за другата популација – вели д-р Грозданова.
Таа вели дека Македонија ќе ја добие онаа вакцина што ќе биде прва одобрена. Непосредно пред одобрувањето за употреба во итни случаи се вакцините на американските компании „Фајзер“ и „Модерна“, како и на британската компанија „Астра Зенека“.
– Во моментов сè уште овие вакцини одат во две дози, што би значело дека имаме потврден заштитен ефект само од шест месеци, но се очекува дека понатаму ќе биде вакцина што ќе се прима еднаш годишно – објаснува д-р Грозданова.
Сепак, професорката на Фармацевтскиот факултет при УКИМ предупредува дека она со што ќе се соочат земјите од светот се логистичките предизвици при достапноста на оваа вакцина, имајќи предвид дека до крајот на 2021 година е предвидено дека ќе бидат потребни повеќе од две милијарди дози од оваа вакцина, што создава огромен финансиски притисок, но и огромен предизвик во однос на производството, дистрибуцијата и складирањето. Некои од овие вакцини бараат и посебни услови на дистрибуција, некои од нив се развиваат како вакцини што треба да се чуваат на минус 80 степени, а дополнителен предизвик се достапноста и апликацијата.
– Вакцинацијата со оваа вакцина ќе биде една од најголемите логистички операции што ќе треба да ги спроведе здравствениот систем, за што веројатно ќе ни треба помош и од други сектори – да се примат вакцините, соодветно да се чуваат, да се транспортираат, дистрибуираат до местото каде што ќе се аплицираат на лицата што претходно ќе бидат селектирани како ризични групи што треба да ја примат вакцината, и ние веќе сериозно работиме на ова поле. Ние ги ангажиравме сите економски оператори што и сега ги чуваат и ги дистрибуираат вакцините. Тие изразија максимална подготвеност и согласност да го поддржат овој систем.
Комуницирано е со сите вакцинални пунктови и една американска фондација. Добивме помош со фрижидери со температура до –70 за вакцината на „Фајзер“, единствена што е на таа температура, но ние мора да обезбедиме услови и за таа вакцина. Така што сметам дека во делот на прием, во делот на чување на вакцините, дистрибуција до местата каде што ќе бидат аплицирани, планот веќе е подготвен, но многу веројатно е дека во текот на идната недела ќе организираме и една вежба на терен како ќе изгледа тоа – наведе министерот за здравство Венко Филипче.
Вакцинирањето ќе го спроведат лекари и медицински сестри што во овој момент не работат со ковид-пациенти, а за што ќе биде организирана и обука.
– Предизвикот за ваква брза и масовна вакцинација ќе биде за сите земји, вклучувајќи и за нашата. Ние токму поради тоа веќе започнуваме со анализа на капацитетите со кои располагаме, како технички така и хумани, за да имаме увид каде и на кој начин ќе треба да се интервенира. Верувам дека со правилна организација ќе успееме да одговориме и благовремено да се подготвиме за оваа сериозна активност – вели д-р Грозданова.