Зошто наместо функционална, имаме формална демократија? (Без демократија во партиите нема демократски развој на државата)

Изборите несомнено се фокус на политичкиот живот и постојан предизвик на сите чинители учесници во тој политички живот. Најмногу за државните институции, за изборната администрација, за политичките партии, за медиумите и за домашната и меѓународната јавност. Тие се неизбежна тема за анализа преку опсервација на политичките категории, процеси, субјекти и нивните интеракции и појавни феномени и трендови. Во таа смисла и со право ги заслужуваат епитетите комплексен, разновиден и контрадикторен феномен

Македонски состојби: Глобали и детали за изборната вртоглавица (2)
(Homo politicus наспроти Homo transitionis)

Во фељтонот авторот
сестрано ги анализира појавите, процесите и односите во нашата држава и општество во целост, давајќи
одговори на повеќе
провокативни прашања:
има ли демократија во
политичките партии, зошто немаме демократска политичка култура, за анемичното општество и дали нашето општество е „едно општество за сите“, за алката/условот што недостига за владеењето на правото…

Пред повеќе од 80 години Харолд Ласвел ја напиша книгата „Политика: Кој добива, што, кога, како?“. Оваа книга јасно и недвосмислено покажува на една вистина: во политиката се работи за победници и губитници. Сите политички системи, вклучувајќи ги и перфектно демократските, не можат да бидат секогаш праведни за сите луѓе (Џенет Батолф Џонсон, Х.Т. Рејнолдс, Истражувачки методи на политичката наука, Академски печат, Скопје, 2009). Неизбежно, политиката некого фаворизира, а некого не. Оваа опсервација е многу важна од аспект дека е потребно да се открие кои политички партии и поединци најмногу профитираат од политичката борба во Македонија. Без разлика дали се тоа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, или пак ДУИ, ДПА, ПДП (во минатото), а сега веќе и Беса, Алтернатива и Алијансата за Албанците? Уште поважно е зошто профитираат, како и на кој начин?
Токму затоа изборите несомнено се фокус на политичкиот живот и постојан предизвик на сите чинители учесници во тој политички живот. Најмногу за државните институции, за изборната администрација, за политичките партии, за медиумите и за домашната и меѓународната јавност. Тие се неизбежна тема за анализа преку опсервација на политичките категории, процеси, субјекти и нивните интеракции и појавни феномени и трендови. Во таа смисла и со право ги заслужуваат епитетите комплексен, разновиден и контрадикторен феномен.
Тука, во корелација ги поставив Железниот закон на партиската олигархија/Владеење на малкутемина од Роберт Михелс, како „негативна слика“, и „Политичките партии и интересните групи“ од Саво Климовски, Тања Каракамишева-Јовановска, Александар Спасеновски, како „позитивна слика“, за политичките партии и нивната улога, место и функции во политичкиот систем на една држава. Ќе видите, има и зошто, т.е. има основани причини. Но, да продолжиме со причините за искривената слика на нашата демократија.
4. Друг нагласен и остар проблем што го наметнаа горенаведените избори се национализацијата и парцијализацијата на партискиот систем. Кога и по 34 години во Македонија партискиот плурализам сѐ уште е недоволно социјално и демократски втемелен, тој станува лесен плен на националните елити, кои до максимум се спротивставени и конфронтирани со цел да ги одбранат и зачуваат својата национална и државна позиција и политичка и економска моќ. Во таков недемократски амбиент се случува несакан натпревар помеѓу национализмот (македонски, албански) и плурализмот, натпревар во кој плурализмот постојано ја губи битката за вистинската демократија.
5. Во изборниот процес, од неговиот почеток до самиот крај, се виде дека во најголема мера авторитарното комуницирање на владејачката гарнитура, надвладеа над демократското комуницирање и информирање, својствени за вистинската демократија. Медиумскиот простор во најголема мера беше преплавен од информациите на државната, политичката и економската владејачка елита во Македонија (констатацијата се однесува како за парламентарните, така и за локалните и претседателските избори). Најконкретно, државниот монополизам го задуши комуникацискиот полицентризам. Еве конкретен пример за последните парламентарни избори: Изразено во бројки, владејачките парии СДСМ (129 часа претставувана во медиумите) и ДУИ (119 часа претставувана во медиумите) беа сеприсутни, во споредба со 72-та часа на претставување на ВМРО-ДПМНЕ во медиумите. Ова е комуникациска и медиумска нееднаквост и дискриминација ин флагранти. Неопходно е радикално редефинирање на досегашните застарени концепции на образецот на демократско комуницирање и информирање, кое ќе се ослободи од формализмот и субординацијата на владејачката политичка елита.

6. Во предизборниот период и во текот на самиот изборен процес вообичаено гледаме грда симбиоза на „црна пропаганда“ со негативна кампања. Повеќе се напаѓаат политичките противници, отколку што се афирмираат сопствените политики. Најчесто употребувано средство во кампањата се политичкото етикетирање, дезинформациите и лагите за противниците, до ниво на стигматизирање и анатемисување. Таквата состојба најчесто предизвикува изборен „бумеранг-ефект“. Наместо да се добијат позитивни ефекти, да се мотивираат повеќе избирачи да гласаат, со цел да се освојат повеќе гласови, се случува спротивното. Тоа е правилото од „лошо“ и „лошо“ не можеш да добиеш „добро“, како што од ништо и ништо не се добива нешто. На генерален план тоа значи дека концептите на „црната пропаганда“ и негативната кампања, секогаш даваат домен на одбивање (latitude of rejection), во кој перцептивната комуникација поради негативниот контекст најчесто продуцира изместено, искривено, а понекогаш и искривоколчено перципирање, кое резултира со одбивност, а не со привлекување.
7. Политичките партии во Македонија на крајот од втората и почетокот на третата декада во 21 век се соочуваат со низа нови предизвици, проблеми и состојби, кои од нив бараат нов начин на организирање, посовремено функционирање и испорачување нови, иновативни и креативни јавни политики. Од нив се бараат нови политички, економски, социјални и еколошки концепти. Некои од тие предизвици, проблеми и состојби имаат корени во промените (успешни – неуспешни; целосни – нецелосни; формални – суштински; завршени – незавршени) на природата на општествениот и политичкиот систем. На тој план најголемиот број партии досега не се снаоѓаат најдобро и најефикасно.
8. Партиите во Македонија навлегоа во еден неповратен процес на опаѓање. Тоа опаѓање има идејни, организациски, изборни, културни и институционални симптоми и причини, кои никогаш и никој досега во Македонија темелно и докрај ги нема истражено и анализирано. (Такво нешто ќе биде направено во книгата „Политички партии во Македонија – владеење, покровителство, пад“, која ќе биде објавена до крајот на 2024 г.)

9. Партиите во Македонија се маргинализирани на теренот кај гласачкото тело, имајќи ја предвид нивната добра позиционираност во периодот 1990 – 2011 г. Зафатени се од синдромот: „Лидерот станува партија; Партијата станува лидер. Лидерот станува држава“, со што се враќаме во времето на Луј XIV и „Државата тоа сум јас“. Следствено, краен штетен симптом на оваа штетна и недемократска појава е јасното физичко пропаѓање на партиите на терен. Јасно е дека не постои само една форма на партиска организација, ниту пак идеална форма на партиско организирање. Уште појасно е дека сите партии се во потрага на нов modus operandi на организирање на членството и комуницирање со гласачите. Најголема пречка во тој процес е партиската бирократија, која ја има контролата врз зоната на организациска сигурност и затоа е многу моќна и влијателна, како врз членството, така и кон лидерот (види „Политички партии, стари концепти и нови предизвици“, Р. Гартнер, Х.Р. Монтеро, Хуан Х. Линц, Академски печат, 2009, Скопје). Сепак, треба да се истакне дека ВМРО-ДПМНЕ е првата партија што излезе од таа криза (локалните избори во 2021 година го потврдуваат тоа), а СДСМ, Левица и ДУИ дури сега влегуваат во таа и таква криза, што е не така добар показател пред претстојните претседателски и парламентарни избори 2024.
10. Партиите, кога ја практикуваат власта, сѐ повеќе имаат голема примарна позиција во јавните служби и јавните претпријатија, што доведува до стекнување неконтролирана моќ и нивна картелизација. Тоа е феноменот на parteienstaat или partitokrazia – ситуација во која политичките партии доминираат над државата и ги потчинуваат главните сегменти на институциите и општеството, од типот на јавна администрација, јавни претпријатија, образование, здравство, социјала, медиуми и сл. Од оваа болест најпрвин беше зафатена СДСМ (од периодот на Сојуз за Македонија – 1994 – 1998г. и од 2017 до денес), подоцна и ВМРО-ДПМНЕ (период 2011 – 2016), а ДУИ е во перманентна parteienstaat состојба од 2002 до денес. Во нив главен збор имаат партиските елити, кои се стекнуваат со голема, дури нереална моќ (партиска, државна, политичка, економска, финансиска). Тоа е состојба на симбиоза на партиски и државен естаблишмент.
Пожелно е да се објасни гореспоменатиот „Олигархискиот феномен на политичките партии (Железниот закон на партиската олигархија)“ од Роберт Михелс, од причина што мислам дека токму тој феномен ни се случува денес, во парламентарниот систем на демократија во Македонија. И секако, да појаснам, не дека политичките партии во Република Македонија не покажаа ништо од своето појавување на плуралната сцена и дека се тотално неуспешни. Напротив. Почетокот беше блескав, со многу елан и огромна енергија. Се конституира Собрание, се избра претседател на истото тоа, се избра претседател на Република Македонија (од втор обид), од втор или трет обид се избра потпретседател на Претседателот на РМ, се спроведе референдум за независност, се донесе Уставот на РМ, се донесоа три декларации за сувереност, независност и меѓународно признавање на РМ, се состави првата „експертска“ влада и тука некаде заврши првата успешна фаза од дејствувањето на политичките партии во Македонија. Веднаш потоа проблемите, домашни, на внатрешен план, и меѓународни, надоаѓаа еден по еден, и ретко кој од нив, успешно и целосно, беше решен. Како најголеми проблеми се покажаа меѓупартиските неуспешни договори, неискрениот дијалог и отсуството на политичка сериозност и одговорност при настапите и решавањето на државните и националните прашања.

На овој феномен го спротивставив видувањето на нашите тројца автори, кои во нивната книга даваат слика, реална и идеална, за тоа како треба да се организира една партија, како да дејствува, што да работи и како да ги сработува задачите што ги поставуваат политичкиот систем и општеството во целина.
Е, сега, дали состојбата на овој план кај нас во Македонија е „црна“, „бела“, „црно-бела“ или јас би рекол „драп во штрафти“? Одговорот е повеќе од очигледен. Само ни треба соодветна диоптрија за негово перципирање и восприемање.

(продолжува)