Броените денови на распустот брзо минуваат, па затоа е добро да се прочита некоја од лектирите. Тоа ќе биде поинтересно ако потоа прочитаното се црта и се бои или, пак, се подготвува куклена претстава на таа тема

Освен новогодишните и божиќните празници, најголема радост за децата во овој период од годината е зимскиот распуст. По неколкуте месеци рано станување, учење и разни спортски и други активности, ете, конечно дојде времето за одмор и релаксација.
Зимскиот распуст се поврзува со долг утрински одмор во студените денови на јануари, но и со снежни лудории доколку времето го овозможи тоа. Да се надеваме дека деновиве природата ќе забели со снежна покривка, бидејќи децата се најсреќни ако распустот им е зачинет со снег и сигурно повеќето прават планови за сѐ што ќе се случува под ведро небо. Тоа е полн погодок за трошење енергија. Правењето Снешко, удирањето со снежни топки, валкањето по снегот… се нешта што ќе ги раскажуваат веднаш штом ќе се вратат на училишните обврски во второто полугодие.
Но во текот на зимскиот распуст на децата треба на креативен начин да им се исполни слободното време, деновите да им бидат интересни, но и поучни.
Познато е дека палавите момчиња и девојчиња најдобро ги полнат батериите со физичка активност, па доколку баба зима не е дарежлива со снег, тогаш има други варијанти. Утринско искачување на некоја планина е добро за престој на чист воздух, но и попладневна посета на лизгалиште е одлична шанса за релаксација. Црвените носиња и смрзнатите раце и нозе потоа задоволете ги со чај со мед или со чаша топло чоколадо.


Другиот дел од денот може да се искористи за дружење во домашна атмосфера. Извадете го вашиот албум со фотографии од детството и раскажувајте им на децата како вие сте ги поминувале деновите кога сте биле на нивна возраст. Може да се играат друштвени игри, да се читаат приказни, да се изгледа интересен детски филм. Игра што може да ви ги исполни домот со смеа и задоволство е пантомимата.
Во целото планирање на деновите од распустот не треба да изостане учењето.
Децата најдобро ги полнат батериите со физичка активност, па доколку баба зима не е дарежлива со снег, тогаш има други варијанти, но задолжително тоа треба да биде дружење со членовите на семејството и уживање во добрата забава
Но тоа не треба да биде класично, туку може низ игра да се повторат содржините што се изучувале во текот на првото полугодие. Броените денови на распустот брзо минуваат, па затоа е добро да се прочита некоја од лектирите. Тоа ќе биде поинтересно ако потоа прочитаното се црта и се бои или, пак, се подготвува куклена претстава на таа тема.
Оние родители, пак, што се во можност, можат да ги однесат децата на креативни работилници што се организираат во некои игротеки и приватни училишта, каде што тие ќе го истражуваат светот на главните јунаци на книгите, но ќе учат и англиски, моделирање со пластелин, танцување, глума….
Сепак, размислете добро која активност ќе ја преземете креативно да го исполните слободното време на вашето дете, затоа што тоа заслужува барем десетина дена внимание, дружба и поинаку поминати денови од оние додека оди на училиште.

М-р Катерина Спасовска Трпковска


Го чекаме снегот

Се прашуваат во градинките:
– Оваа зима се шегува.
Не се санкаш,
без палто излегуваш!

Се прашуваат учениците
во училниците,
во дворовите:
– Кој ги заборави снеговите?

Стрпливо.
Бргу ќе осамнат
белите ѕвездички, снегулчињата.
Чувајте ги капите и шалчињата.

Васил Мукаетов