Од творештвото на писателот Александар Кујунџиски
Има задачи лесни како пердувчиња, но и тешки како планина!
Пердувчињата – кој не ги сака? Жарко ги сака и планините, но – да шета по нив, а не…
Некни од една тешка математичка задача му идеше да фати планина, но, сепак, не го стори тоа. Реши да се „фати во костец“ со зададените задачи! По секоја цена да ги совлада и да ги реши!
Најпрвин му телефонираше на Јане, но и тој не знаеше како се решаваат.
Кире му рече дека е сам дома и дека и тој сакал некого да праша.
И Андреја не знаеше да му помогне.
– Добро што ми се јави – му рече Гоце – и јас сакав да те прашам тебе.
Ангелина, пак, беше заборавила дека воопшто имаат домашна работа по математика.
Ненад имаше нешто решено, но не беше сигурен дека резултатите се точни.
Марија беше излезена надвор.
Ѝ се јави и на Наде – но, и таа овој пат не ги знаеше решенијата на зададените задачи.
Кога се врати мајка му од работа беше изненадена, бидејќи задачите по математика на нејзиниот син – за првпат дотогаш – не само што не беа решени туку и воопшто не му беа јасни.
– А му се јави ли некому од одделението? – го праша мајка му.
– Им се јавив на сите другарчиња – ѝ одговори Жарко. – Но никој не знаеше да ми објасни.
– Зошто ги прашуваш нив? Прашај го најдобриот математичар! – одново го посоветува мајка му.
Жарко како одеднаш да се штрекна.
– Најдобриот ли?! Тогаш, пак, ќе му се јавам на Кире! – рече решително Жарко.
– Тој најдобро ги знае овие задачи, нели? – се израдува мајка му.
– Не, не тој – ѝ објасни Жарко – туку татко му!
(Од книгата „Македонски раскази за деца“, преведена и на хрватски јазик)