Фото: ЕПА

За граѓаните на Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Индија и за десетици други земји низ светот, 2024 година е голема изборна година со високи влогови. За Димитар Најденов, бугарски пратеник и сопственик на ресторан, тоа значи само уште едно повторување на истиот филм: Бугарија во јуни ги одржува шестите општи избори за три години со гласање за нов парламент. Вкупниот број избори во тие години е уште поголем – осум – ако се вклучат и оние за претседател и за Европскиот парламент.
– Истото одново и одново. Јас сум многу уморен – рече г. Најденов, згрозувајќи се од помислата дека наскоро ќе се врати да го прави она што го прави пред секој ден на изборите – поставување кампањски шатор на централниот плоштад во Бургас, пристаништен град на Црно Море, и секој ден стоење со часови молејќи ги минувачите за нивните гласови.
– Го направив ова толку многу пати, па луѓето почнаа да се сожалуваат на мене – вели тој.
Но за жалење се и бугарските гласачи. Тие продолжуваат да гласаат само за да откријат дека политичарите што ги избираат не можат да формираат стабилна влада. Па назад на изборите. Повторно и повторно.
Бугарија е дел од поширокиот проблем споделен низ поголемиот дел од Европа, особено поранешните комунистички земји на исток: длабоко разочарување од политичарите, па дури и од демократскиот процес. Но како најсиромашна земја во Европската Унија и исто така една од најкорумпираните, Бугарија разви невообичаено акутен случај на демократска дисфункција и незаинтересираност.
На површина, малку ги дели двете главни политички партии во Бугарија во нивната наведена идеологија. Со исклучок на ултранационалистичката партија Преродба, чија поддршка се зголеми во текот на три години постојани избори, сите исповедаат силна поддршка за членството на Бугарија во НАТО и Европската Унија и непријателство кон Русија поради нејзината целосна инвазија на Украина. Но тие се остро поделени за тоа како да се справат со корупцијата, за која секој ги обвинува своите ривали, и како да ги исчистат државните институции од нејзиното влијание.
Одзивот на гласачите опадна на 40 отсто на последните општи избори, одржани пред помалку од една година, од 83 отсто на првото посткомунистичко гласање за парламентот во 1991 година. Сепак, нискиот одѕив беше мошне константен во текот на неодамнешниот бран на гласање, што сугерира дека иако мнозинството гласачи гледаат малку поента во изборите, разочарувањето на јавноста падна и многумина сè уште не се откажале.

– Имаме многу нестабилно гласачко тело во потрага по спасител – рече Ружа Смилова, професорка по политички науки на софискиот универзитет во бугарскиот главен град.
По превирањата што следуваа по падот на комунизмот, Бугарите се насочија кон нивниот поранешен крал, Симеон Саксобург-Гота, кој, по половина век во егзил, се врати да формира политичка партија. Тој беше избран за премиер во 2001 година со ветувања дека ќе ја трансформира земјата за само 800 дена. Тој не го стори тоа, иако ја внесе Бугарија во НАТО во 2004 година. Ја загуби изборната поддршка и се повлече од политиката.
„Месијанските фигури“, рече г-ѓа Смилова, „обично само создаваат разочарување и ги наведуваат луѓето да бараат друг спасител“. Алтернативно, тие ги наведуваат луѓето да ја изгубат вербата во системот и да се одјават од политиката.
Само 27 отсто од Бугарите, според минатогодишното истражување на „Глобсек“, истражувачка група, имаат доверба во својата влада. Тоа беше помалку од 35 отсто во 2020 година и под 39 отсто луѓе што им веруваат на властите во соседна Романија, друга често проблематична поранешна комунистичка земја. Романија неодамна забележа пораст на поддршката за екстремно десничарската партија пред парламентарните и претседателските избори подоцна оваа година. Но нејзината влада, несигурна коалиција на левичари и централно-десничарски либерали, за разлика од бугарската, успеа да се тетерави четири години.
Употребата на избори за, досега залудно, обид да се скрши бугарскиот политички ќор-сокак е барем знак дека земјата ја прекина вештачката стабилност на комунистичката ера, кога истата партија секогаш победуваше и владееше неприкосновено од 1946 до 1989 година. Но некои стравуваат дека гласачите, презаситени од постојаното отфрлање, би можеле да се одлучат за иден лидер што ќе вети железна рака и ред, како што направија гласачите во Словачка на легислативните избори во септември.
– Се грижам дека по толку многу избори луѓето ќе бидат подготвени да кажат: „Одлично, конечно имаме силно, стабилно раководство“ – рече Весела Чернева, која беше советничка за надворешна политика на краткотрајната бугарска коалициска влада и сега е заменик-директорка во Софија на Европскиот совет за надворешни односи.
Кога Европската Унија во 2006 година ја одобри апликацијата за членство на Бугарија, нејзиниот премиер во тоа време, Сергеј Станишев, изјави: „Ова е вистински и конечен пад на Берлинскиот ѕид за Бугарија“.
Меѓутоа, на многу начини, ѕидот сè уште стои благодарение на едно од најштетните и најтрајни наследства на комунизмот – заробувањето на државните институции од вкоренети политички и деловни интереси.

– Посткомунистичката транзиција сè уште не е завршена. Не се работи веќе за комунизмот како идеологија, туку за тоа дали институциите треба да бидат независни – рече друг поранешен премиер, Кирил Петков, мислејќи на судовите, регулаторните агенции, обвинителствата и државните компании.
Петков, образован на „Харвард“, лидер на партија што вели дека сака да ја скрши контролата на интересите на органите за спроведување на законот и правосудството, стана премиер во 2021 година за,како што требаше, да добие четиригодишен мандат на чело на коалициска влада обединета под слоганот „нулта толеранција за корупцијата“. Тој издржа седум месеци.
– Системот е многу отпорен како што откривме во изминатите неколку години. Тоа генерира корупција и клиентелизам, така што нема критична маса за реформа на статус кво – вели Димитар Бечев, предавач на Факултетот за глобални и регионални студии на Универзитетот „Оксфорд“.
Министерството за финансии на САД минатата година воведе санкции за пет актуелни и поранешни бугарски функционери од целиот политички спектар, вклучувајќи и двајца поранешни министри, поради „нивната голема вмешаност во корупција“, вклучувајќи и, како што рече, поткуп на судии и функционери.
Објавувајќи го необичниот потег за замрзнување на имотот на влијателни личности во една членка на Европската Унија, Министерството за финансии рече дека „различните профили на петте мажи и нивната долгогодишната важност во бугарската политика го илустрираат степенот до кој корупцијата станала вкоренета низ министерствата, партиите и државните индустрии и ја демонстрираат критичната потреба од политичка волја за спроведување на реформите на владеењето на правото и за борба против корупцијата“.
Претходниот круг американски санкции во 2021 година беше насочен кон Дељан Пеевски, поранешен медиумски магнат и лидер на бугарска политичка партија, која, наводно, ги застапува интересите на турското малцинство. Пеевски, според американското Министерство за финансии, „редовно се занимавал со корупција, користејќи трговија со влијанија и мито за да се заштити од јавен надзор и да врши контрола над клучните институции“.
Најиздржливиот иден спасител на Бугарија е Бојко Борисов, трикратен премиер и поранешен телохранител, кој прв се издигна како градоначалник на Софија, претставувајќи се себеси како бугарскиот Бетмен – жесток, безмилосен одмаздник, кој ќе го ослободи Готам од корупција и нестабилност. Наместо тоа, тој се бореше со долга серија корупциски скандали во кои се вмешани тој и неговите блиски сојузници. Една од најсрамните избувна во 2020 година, откако во медиумите се појави фотографија на која се гледа како премиерот спие гол во својата официјална резиденција покрај ноќен штанд со пиштол. На други фотографии е прикажана фиоката на ноќниот штанд исполнета со банкноти од 500 евра и златни инготи. Борисов рече дека обично чувал пиштол во близина, но дека фотографиите биле преработени, отфрлајќи ги како политички мотивирани оцрнување. Тој рече дека гласачите, а не објавените слики, ќе одлучат за неговата судбина, фалејќи се дека „никој не може да ме победи на избори“. Тој ги загуби следните избори, на крајот отстапувајќи му ја власта на Петков, основач на Ја продолжуваме промената, партија што ги собра гласачите ветувајќи дека ќе ги прекине коруптивните врски меѓу политичарите и бизнисот и ќе ги ослободи судството и другите државни институции од влијанието на политиката и парите.