Дедо Иљо Малешевски и Димитар Поп Георгиев со востаничка чета_CB

Деновиве се навршуваат 147 години од Разловечкото востание на македонскиот народ за слобода и човекови права. Востанието започнало во 1876 година, во источниот дел на Македонија, со центар во селото Разловци, Делчевско. Споменатото востаничко движење било неуспешно, но со него македонското национално движење влегува во една понапредна историска фаза, која го отворила патот на оружената револуционерна борба, која на крајот заврши со Првото заседание на АСНОМ и создавањето на македонската современа држава

Од историските архиви: 147 години од првото македонско востание

Како главен организатор и водач се пројавува истакнатиот македонски национален деец и револуционер Димитар Поп Георгиев. Тој искажал одлучност за кревање востание, но бил свесен дека организирањето на востаничкото движење е комплексна работа. За таа цел требало да се набави оружје, да се испита расположението на луѓето во регионот каде што имал намера да започне со востаничките активности. Затоа тој бил свесен дека најпрво биле потребни средства и подготовка на населението. За таа цел тој ги повикал во Солун попот Стојан од селото Разловци и Костадин Иљов Карчевски од Берово. На двајцата им кажал за својата намера да крене востание. Стојан и Костадин му дале безрезервна поддршка. Инаку, Поп Георгиев во Солун основал и еден револуционерен кружок со цел да се забрзаат подготовките за востанието, во кој влегле Димитар Поп Георгиев и неговите браќа, потоа Костадин Карчовски, Петар Димитров Солунски, Стојан Цоцов, Гоге Ширков, браќата Еврови, како и учителките Недела Петкова и Станислава Караиванова.
– Беровски бил свесен дека не можел лесно да обезбеди финансиски средства за својата намера да крене востание. Затоа направил нешто што многумина не би го направиле. Го жртвувал својот имот – вели проф. д-р Далибор Јовановски од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје
Беровски побарал од попот Стојан да оди во Берово и да го продаден неговиот имот. За таа цел Беровски му дал на поп Стојан полномошно писмо, кое, наводно, било со датум како да е од Цариград, со цел да се прикрие трагата. Тој не избирал цена. Единствен услов што, преку поп Стојан, Беровски го поставил за можните купувачи бил да причекаат тој да се врати во Берово, со цел да им ги даде потребните документи. Кон оваа голема саможртва на Димитар Поп Георгиев Беровски се приклучил и самиот поп Стојан, кој соопштил дека и тој ќе даде неколку свои крави и масло за потребите за финансиски средства. Попот Стојан успеал да го продаде имотот на Беровски и средствата, преку својот син Костадин Поп Стојанов, му ги пратил на Димитар. Треба да се спомене дека поп Стојан, исто така, бил задолжен од Беровски да се погрижи за подготовка на пријателите, како и за набавка на барут и кремен за пушките.

Беровски бил активен во Солун каде што набавувал оружје, олово, барут, санитетски материјал и други потребни средства. Беровски не се грижел само за набавка на оружје за востанието. Како човек што имал одредено воено искуство, врз база на искуството од Белград, каде што видел и други работи што не можел да ги забележи во османлиската држава, тој сметал дека востанието требало да има свое знаме.
– Во тоа време бев дал снимка од некрунисан лав на Славка Караиванова со мајка ѝ Недела да ни извезат знаме на жолто свилено платно, а лавот со црвена свила и со натпис „Македонија“. Тоа беше за секого тајна – пишува за ова Беровски.
Проф. д-р Далибор Јовановски посочува дека постои и еден интересен детаљ околу активностите на Славка Караиванова и нејзината мајка. Недела Петкова во своите спомени споменува една средба со рускиот конзул во Солун, Јакубовски, кој ја известил за клеветата на еден од општинарите дека се мешала во политички работи. Недела запишала: „Тоа не беше лага. Ние шиевме едно македонско знаме – црвен лав на тенко свилено платно. Но тоа беше шиено навечер и никој, освен поп Петар не знаеше за тоа. Знамето и денес се чува кај синот на Димитар Малешевски, родум од Берово (Македонија)“. За важноста на востаничкото знаме, историчарот Јовановски вели дека кога е во прашање знамето на востанието, без разлика што оригиналот не е во Македонија, може да ја забележиме неговата важност не само како симбол на востанието.

– На него за првпат се става името Македонија, без разлика дали тоа се однесувало на народот или, пак, само на областа. На тој начин тоа добива поголемо значење за идното зацврстување на македонската посебност во однос на другите. Симболите имале, имаат и, најверојатно, ќе имаат голема важност за националните идентитети – нагласува проф. д-р Далибор Јовановски.
Во записите на Костадин Поп Стојанов за ова востание, кое тој го нарекол Прво македонско востание, може да забележиме дека постарите луѓе расправале како слушнале оти руските цареви имале „клетва од дамнина да го ослободат христијанскиот свет од Турците“. И покрај неуспехот, и покрај малиот обем во однос на подоцнежното Кресненско востание, Разловечкото востание го отвори патот кон развојот на оружената борба, која подоцна доведе и до создавање македонска држава, а на тој начин и можност за засилување и зацврстување на македонската национална посебност во однос на другите – вели проф. д-р Далибор Јовановски од Институтот за историја. Д.Ст.


Споменикот на Димитар Поп Георигиев во Скопје

Димитар Беровски – организаторот и водачот на Разловечкото востание

Димитар Поп Георгиев Беровски бил роден во поимотна беровска фамилија. Желбата на неговиот татко била тој да стане поп, но синот имал бунтовнички карактер, особено видливо при неговиот престој во царска Русија кога бил исфрлен од Духовната семинарија во Одеса. Големо влијание врз неговите револуционерни и ослободителни погледи имал престојот во Белград. Во српската престолнина, под покровителство на српскиот кнез Михајло Обреновиќ дејствувале повеќемина балкански револуционери, а меѓу нив бил и бугарскиот деец Георги Раковски. Во Белград пристигнале и дедо Иљо Малешевски и Спиро Геров, како и други македонски бунтовници. Тој од Белград се вратил во родното Берово. Таму работел како учител, но активно учествувал и во општествениот живот. Познато е неговото ангажирање во борбата на локалното население против струмичкиот патријаршиски митрополит Јеротеј Комбајнос.
Беровски бил и иницијатор за обнова на Охридската архиепископија, преку Унија на христијаните Македонци со Ватикан, кои во 1874 година отцепиле од бугарската црква мали делови од серската, мелничката, струмичката, воденската, кукушката и солунската област и ги приврзале кон Ватикан. Во Солун создал кружок чија цел била организирање востанија против османлиската држава. Од овие активности произлегло и Разловечкото востание, а подоцна се вклучил во организирањето на Македонското (Кресненско) востание (1878), при што бил избран за началник на востанички штаб. По неуспехот на Македонското востанието се префрлил во Ќустендил, каде што живеел и работел сè до својата смрт на 19 декември 1907 година.