Генерал-полковникот Владимир Алексеев е новиот човек што ќе биде задолжен за собирање разузнавачки податоци за Украина за потребите на рускиот претседател Владимир Путин. Името на Алексеев се споменува во нападите и обидите за атентати на Западот. Велика Британија и Европската Унија го обвинуваат дека ги следел нападите со хемиско оружје во Салисбери, во 2018 година, се наведува во текстот на новинарот Андреј Солдатов за Центарот за анализа на европската политика, со седиште во Вашингтон.
– Тој е искусен специјалец, а од САД го обвинуваат за директно кибернетско вмеѓување во американските избори во 2016 година – вели Солдатов.
Алексеев е унапреден во прв заменик-шеф на ГРУ во 2012 година, кога руското министерство за одбрана се обиде да ги засили своите шпионски способности со „тврди момци“ што се подготвени и „да убијат“
– Алексеев учествувал во воената акција во Сирија и бил вмешан во судирот во Донбас. Неговите колеги го сметаат за брутален и самоуверен до безобѕирност. Силите што се поврзани во руската шпионска заедница сега се задолжени да извлечат победа од калта на најлошиот воен и разузнавачки неуспех на нивната земја од Втората светска војна – вели Солдатов.
Поставувањето на ГРУ на местото на водечката руска разузнавачка агенција во Украина е голем удар за престижната ФСБ, која е шпионска служба од повисок профил.