Фото: Филип Димкоски

Во фокусот на настанот беше одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на македонскиот прославен поет Ацо Шопов, па во негова чест студентите што го изучуваат македонскиот јазик читаа негова поезија на македонски, романски и на англиски јазик

Меѓународна соработка

Во Националниот музеј на романската литература во Букурешт, на 7 декември, со пригодна програма беше одбележан Денот на македонскиот јазик во Романија, во организација на Лекторатот по македонски јазик во Букурешт и македонската амбасада во оваа земја.
Во фокусот на настанот беше одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на македонскиот прославен поет Ацо Шопов, па во негова чест студентите што го изучуваат македонскиот јазик читаа негова поезија на македонски, романски и на англиски јазик. Поетот Филип Димкоски изведе поетски перформанс со стиховите од познатата песна на Шопов, „Небиднина“, а беше прочитана и поезија на Димкоски, на македонски и на романски јазик.
Вршителот на работите Муарем Меџити од Амбасадата на Македонија во Романија ја истакна важноста од развивањето на културно-општествените релации меѓу овие две држави.
– Во рамките на оваа програма ја одбележувме стогодишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, еден од великаните на нашето книжевно творештво, како и 80-годишнината од раѓањето на Никита Станеску, великан на романската литература. Македонија и Романија се две пријателски земји што споделуваат заеднички вредности. Со Романија споделуваме богата заедничка историја и извонредна традиција, а сето тоа им дава суштина и вредност на длабоките врски меѓу нашите народи – изјави Меџити.

Македонскиот јазик мост меѓу две култури

Денот на македонскиот јазик е определен со Декретот на претседателот на Романија, Клаус Вернер Јоханис, уште во 2018 година. Како што наведе лекторката по македонски јазик на Факултетот за странски јазици и литература во Букурешт, Елена Ѓорѓиовска – оттогаш македонскиот јазик станува мост што уште повеќе ги спојува македонската и романската културна заедница, зацврстувајќи ги односите меѓу двете земји и покажувајќи дека правото на славење на мајчиниот јазик и култура е право што зближува и ја збогатува меѓусебната културна размена.
– Датумот на славење, 8 Декември, е поврзан со денот кога Македонската православна црква го одбележува својот патрон Свети Климент Охридски Чудотворец и сметам дека не постои поубав датум за одбележување на овој ден бидејќи од старословенскиот период, од Св. Кирил и Св. Методиј, преку Св. Климент и Св. Наум, погледите и дејноста на Пулевски, Крсте П. Мисирков, Прличев, Цепенков, Миладиновци, Рацин, до Блаже Конески и кодификацијата на македонскиот јазик во 1945 година, тој – македонскиот јазик, дишел и дише низ времето и историјата, обидувајќи се како жив организам да се развива, да страда и да се радува заедно со народот и луѓето што го зборуваат – рече Ѓорѓиовска.
Таа изрази голема благодарност до Амбасадата на Македонија во Романија и до принцот Шербан Димитрие–Стурза, почесен конзул на Македонија во Констанца.

Пријателството на Шопов и Станеску

Врската меѓу македонската и романската книжевна сцена се зацврстува уште од 1982 година со пријателството помеѓу Ацо Шопов и романскиот поет Никита Станеску, кој во истата година е добитник на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“. Во чест на ова нивно пријателство, на пријателството помеѓу Шопов и Станеску, на пријателството меѓу Македонија и Романија во состав на настанот се прочитаа и две песни од Никита Станеску, во препев од романски на македонски јазик на Јане Теохаревски – историчар на уметноста и голем афирматор на македонскиот јазик и култура во Романија.
– Ми беше огромна чест што заеднички успеавме да го организираме овој настан бидејќи независно дали сме дома или некаде по светот, мајчиниот јазик е она што сме ние, тој е нераскинлив дел од нашата свест. Тоа е јазикот на кој најгласно се смееме, јазикот на кој најсилно љубиме и најискрено тагуваме и јас не можам да бидам посреќна што тој јазик, мојот јазик имав можност да го прославам овде, во Романија заедно со драги луѓе што го сакаат и почитуваат – истакна лекторката Ѓорѓиовска.


Магистрален сонет од перото на писателката Бистрица Миркуловска по повод 100 години од раѓањето на големиот автор

 

Поетот Ацо Шопов

Партизан-поет низ огнот поминал
Очите – херојски го воделе.
Единствениот копнеж младешки
Телата кон вечност ги насочил.
Океани кријат тајни големи
Тишината болки недоречени.

Ако си цвет мораш да свенеш
Цветот секогаш прикрива грубости.
Окитот низ бојот сронат болувал.

Шуми тешка крв низ вените
Оче наш – моето тело моли
Погледни – дрво на ридот самува…
Отаде сонот е само тишината…
Ветерот носи убаво време.

Секогаш со добра мисла и почит
Бистрица Миркуловска