СПОРЕДБЕНО ИСТРАЖУВАЊЕ ЗА ПЛАТИТЕ И СТАНДАРДОТ НА НАСТАВНИЦИТЕ НА КРАЈОТ НА 19 ВЕК И ДЕНЕС
Изминатиот период пошироката јавноста беше преокупирана со преговорите и барањата на наставниот кадар во државата за повисоки плати и подобар статус во општеството. Но каков бил животниот стандард на наставниците и учителите во Македонија, во османлискиот период, поточно во последното десетлетие на 19 век? Дали нешто се променило кон подобро или можеби кон полошо во поглед на економската положба на наставникот од тогаш до денес?
Во последно време, а особено со последните настани и штрајкот на наставниците се актуализира прашањето за платите на вработените во образовниот сектор. СОНК подолго време бараше усогласување на платите во образованието (основно, средно, високо образование и наука, како и ученички и студентски домови) врз основа на зголемување на минималната плата на национално ниво, по што на 11 април се започна и со штрајк во училиштата и градинките. Просечната нето-плата исплатена во образованието во февруари 2022 година, според податоците од Државниот завод за статистика, изнесува 28.067 денари.
Но таа е просечна плата за целиот сектор образование. Според најновите податоци и последните зголемувања, наставниците во основно образование земаат плата од 24.786 денари плус минат труд, а наставниците во средно образование земаат плата од 25.642 денари плус минат труд. Од друга страна, поради најновите случувања и инфлацијата, трошоците за живот растат. Минималната синдикална кошница во периодот од февруари 2021 до февруари 2022 година е порасната за 7,25 отсто и таа во февруари 2022 година изнесувала 36.146 денари.
Меѓутоа што се случувало со платите на наставниот кадар во минатото? Дали економската положба и животниот стандард на наставниците се имаат подобрено? Во продолжение ќе направиме анализа и споредба на платите и животниот стандард на наставниците и учителите во османлиска Македонија, поточно во последното десетлетие на 19 век и денес, со цел да видиме дали нешто се променило кон подобро или можеби кон полошо во поглед на економската положба на наставникот од тогаш до денес. Го избравме токму овој период бидејќи положбата на населението тогаш била мошне тешка. Со слабеењето на централната власт во 19 век се зголемувале грабежите, безредијата, локалните бегови и феудалци се одметнувале и не ја признавале централната власт, имало повремени економски кризи и инфлација во првите четириесетина години на 19 век. Со еден збор, положбата била исклучително тешка за обичното население. Не случајно во колективната свест на Македонците овој период останал запаметен како тежок, мрачен и лош период. Меѓутоа да видиме што се случувало со наставниците и каква била нивната економска положба кон крајот на 19 век?
Во триесеттите и четириесеттите години на 19 век во Македонија започнало да се отвораат општински училишта во кои наставата се изведувала на народен, мајчин јазик. Отворањето световни училишта на народен јазик особено се засилило во шеесеттите години. Со засилувањето на странските пропаганди во Македонија започнал да се зголемува и бројот на училишта што ги отворале тие. Во периодот од 1870 до 1893 година видот и бројот на училиштата, како и бројот на македонските деца опфатени во нив мошне се зголемил, а прилично се подобрила и материјалната база на школството во Македонија. Бидејќи во османлиска Македонија немало универзитети, врвот на образованието што македонските ученици можеле да го достигнат во својата татковина бил во средните училишта. Покрај црквите, средните училишта биле најмоќното оружје во пропагандната војна за Македонија. Ние нема да се осврнуваме на проблемите околу тоа какви биле наставата и пропагандите во училиштата, и ќе се осврнеме на платите на наставниот кадар.
Платите во основните и средните училишта во османлиска Македонија не биле секаде исти. Тие варирале од наставник до наставник и од година на година, во зависност од неговите квалитети, степенот на образование, но и од степенот на интерес на странските пропаганди за одредено место. Затоа платата на некој учител можела да биде и мошне ниска, и тоа било така особено во некои села, каде што и самите учители биле со слабо образование, па за да преживеат морале дополнително да обработуваат и некоја нива. Постоеле разлики и помеѓу платите на наставниците во основните училишта и гимназиите, и најчесто платите во гимназиите биле повисоки. Српскиот вицеконзул на Кралството Србија во Скопје за положбата на стручните учители во поголемите населени места во 1888 година запишал:
Различно е со положбата на стручниот учител во една поголема касаба (варошица), каде како во Тетово, има повеќе од нив учители, некоја врста Управители. Овие учители се стручни: виделе малку повеќе свет, по пристојно се облекуваат… А и нивните сопруги, малку повеќе образовани од останатите жени во местото, тие во извесен степен секаде мораат како госпоѓи или како што овде велат како „мадами“ да се однесуваат и облекуваат…
Во Битолската српска машка гимназија во учебната 1898/99 година просечната месечна пондерирана плата на наставниците изнесувала во сегашна вредност 52.747 денари. Меѓутоа ова е просечната плата, па така највисоката плата во оваа гимназија изнесувала 71.992 денари, а најниската 32.383 денари, што иако е најниската плата оваа година, споредено со основната плата на наставник во гимназија денес, е повисока за 26,28 отсто. Во 1900 година просечната пондерирана плата изнесувала 50.847 денари, додека пак највисоката плата останала иста како и во 1898/99 година, а најниската плата, која ја примал само еден наставник, изнесува 17.075 денари. Во истиот период во Битолската егзархиска машка гимназија просечната пондерирана плата изнесувала 76.141 денар, највисоката плата, пак, изнесувала 159.056 денари и таа ја примал управникот на гимназијата, додека најголемиот број од наставниот кадар земал плата што се движела во интервал од 65.064 до 70.788 денари. Можеме да забележиме дека просечната пондерирана плата во Егзархиска машка гимназија била за 196,9 отсто повисока од денешната основна плата. Во Српската машка гимназија во Скопје, пак, нешто подоцна во учебната 1910/11 година просечната пондерирана плата изнесувала 50.883 денари.
Кузман Шапкарев во учебната 1882/83 година со осум часа настава во Солунската машка гимназија примал просечна месечна плата од 111.607 денари. Додека, пак, револуционерот Трајко Китанчев во истата гимназија истата учебна година со 18 часа примал просечна месечна плата од 128.248 денари.
Но што се случувало со основните училишта и каква била платата таму?
Во основните училишта платата била пониска од онаа во гимназиите, а варирала во зависност од истите погоре споменати причини, но и од средината во која се наоѓало училиштето, односно дали било во град или во село. Револуционерот Даме Груев во учебната 1891/92 година работел како егзархиски учител во неговото родно село Смилево и земал просечна месечна плата од 22.367 денари, што е за 9,75 отсто пониско од денешната основна плата на наставник во основно училиште. Меѓутоа говориме за училиште што се наоѓало во село. Платите во градовите биле и повисоки. Така, наредната 1892/93 година Даме Груев се вработил во Егзархиското училиште во Прилеп и земал годишна плата од 358.388 денари, или просечна месечна плата од 29.866 денари, што во споредба со денешната плата е повисоко за 20,49 отсто. Петар Поп Арсов, пак, во учебната 1895/96 година работел како директор на прилепските егзархиски училишта со просечна месечна плата од 114.245 денари.
Во Скопје во 1888 година месечните плати на учителите во Егзархиското училиште се движеле просечно од 61.556 до 76.932 денари. Во Тетово истата година просечната пондерирана месечна плата на општинските учители изнесувала 36.937 денари. Во селото Галичник, пак, до 1890 година учителот Павле Ажиески (внук на Партениј Зографски) примал просечна месечна плата од 30.299 денари, а потоа од 1891 година 37.454 денари.
Но пред да донесеме заклучок за висината на платите и стандардот на наставниците во последното десетлетие на 19 век во османлиска Македонија и денес, да ги разгледаме и цените на основните производи. Главно цените во овој период биле стабилни, со одредени варирања на цените на некои земјоделски производи, како резултат на произведеното количество во одредена година. Во 1900 година на Битолскиот пазар еден кг бела пченица се продавала по просечна цена од 53 денари, еден кг вардарска пченица се продавал по просечна цена од 71 денар, еден кг јачмен се продавал по просечна цена од 31 денар, еден кг пченка се чинела просечно 34 денари, еден кг ’рж чинел просечно 37 денари, односно вкупно просечната цена на житни производи изнесувала 45 денари за еден кг. Во март 2022 година просечната цена на лебот и житата за еден кг изнесувала 121 денар и има значителен пораст на цените на житните производи за околу 169 отсто во однос на 1900 година.
Во 1900 година еден л маслиново масло од Елбасан чинело 315 денари, a еден кг овча маст се продавала по просечна цена од 470 денари. Понатаму, во 1900 година еден кг грав се продавал по просечна цена од 50 денари, а во март 2022 година просечната цена на гравот за еден кг била 135 денари. Тоа е пораст за 170 отсто во однос на 1900 година. Просечната цена на еден килограм говедско месо во 1900 година било 187 денари, а еден кг јагнешко месо се продавало по цена од 224 денари. Денес, поточно во март 2022 година просечната цена на повеќе различни видови месо изнесувала речиси 370 денари, што повторно е повисоко од тогашните цени. За охридската пастрмка нема податоци за цената во 1900 година, меѓутоа цената во 1898 година за еден кг изнесувала 426 денари. За виното и ракијата исто така не успеавме да најдеме цени од 1900 година, но најдовме за 1895 година. Тогаш на битолскиот пазар еден кг тиквешка ракија се продавала по цена од 184 денари, а битолската ракија по цена од 304 денари, додека пак еден кг вино се продавало по цена од 112 денари. За разлика од тогаш, во март 2022 година повторно цените се повисоки и еден литар ракија просечно чинела 530 денари, додека пак еден литар вино чинело 123 денари.
Според приложените цени на некои производи за крајот на 19 век и цените на истите производи денес, доаѓаме до заклучок дека цените на производите денес се значително повисоки. Од друга страна, кон крајот на 19 век и самиот почеток на 20 век платите на наставниците во голем број основни и средни училишта во османлиска Македонија далеку ги надминуваат платите на наставниците денес. Сето тоа нѐ доведува до заклучок дека денес многу помалку се цени професијата наставник, а истовремено животниот стандард на наставниците наместо да биде подобрен во однос на османлиска Македонија, тој се влошил и доколку инфлацијата продолжи да расте тој и понатаму ќе се влошува уште повеќе.
Автор: Дамјан Бужаровски
(Авторот е дипломиран економист на департманот сметководство и ревизија и магистрант по монетарна економија, финансии и банкарство на Економскиот факултет – Скопје)
Како е направена пресметката
Сите суми и вредности во текстот се изразени во сегашна вредност во денари. Бидејќи во Османлиската Империја во тој период официјална валута била златната лира, доколку ги оставевме вредностите во тогашни лири не би можеле да споредуваме со денес, затоа што денес во Македонија се употребува денарот. Затоа според тогашниот девизен курс лирата е претворена во британски фунти, кои имаат континуитет до денес. Потоа на британските фунти со инфлациски калкулатор е пресметана нивната сегашна вредност и оваа добиена вредност според моменталниот девизен курс на фунтата спрема денарот е претворена во денари.