Фото: Игор Бансколиев

Имајќи го предвид фактот дека Бугарија за неколку месеци може да биде исклучена од Советот на Европа бидејќи продолжува да не ги спроведува пресудите во полза на македонското малцинство донесени од Судот за човекови права од Стразбур, како и сè поочигледната нервоза во врска со интернационализирањето на барањата за малцински права на Македонците во Бугарија, сега, според повеќе индикатори забележани од аналитичарите, „може да се очекува канонада од нови напади и провокации со единствена цел, по секоја цена да се прикаже дискриминација над бугарското малцинство во Македонија“

Комитетот на министри при Советот на Европа ги оцени како неосновани тврдењата на Бугарија и констатира:

Бугарија планира да ги интензивира активностите на меѓународен план за што поуспешно да ја продаде приказната за наводна дискриминација на бугарското малцинство во земјава и на тој начин да ја стави Македонија под засилен надворешен притисок за нови и нови отстапки кон официјална Софија.
Претходната бугарска стратегија околу историските прашања и наметнувањето бугарски историски наратив и за македонската историја не помина во Европа, па затоа Софија сврте друга страница и почна да игра на добро проверената карта на малцински права.
Сепак, се чини дека и покрај сите напори и вложени средства во разни проекти, кои преку разни инсценирани активности требаше да го потврдат наводниот дискриминаторски однос од македонска страна кон македонските граѓани со бугарска самосвест, Европа не падна пред оваа бугарска претстава и се задржа исклучиво на барањето Бугарите да се внесат во македонскиот устав, колку да ѝ понуди решение на официјална Софија.
Последната ваква шлаканица дојде од Комитетот на министри при Советот на Европа, кој ги оцени како неосновани тврдењата на Бугарија дека во Македонија постоела системска дискриминација на бугарското малцинство.
Имајќи го предвид фактот дека Бугарија за неколку месеци може да биде исклучена од Советот на Европа бидејќи продолжува да не ги спроведува пресудите во полза на македонското малцинство донесени од Судот за човекови права од Стразбур, како и сè поочигледната нервоза во врска со интернационализирањето на барањата за малцински права на Македонците во Бугарија, сега може да се очекува канонада од нови напади и провокации со единствена цел, по секоја цена да се прикаже дискриминација над бугарското малцинство во Македонија.
Прв тест ќе биде 16 февруари, денот кога истекува рокот за пререгистрација на бугарските здруженија „Иван Михајлов“ и „Цар Фердинанд Трети“, кои без оглед што крајниот рок се приближува, сè уште не поднеле барање за пререгистрација на здруженијата со некое поинакво име, кое нема да се поврзува со фашистичкиот период во Втората светска војна.
Софија засега мудро молчи и чека да види како ќе реагираат македонските институции и ако тие постапат во согласност со законот и ги укинат овие здруженија, ќе следуваат извештаи до Брисел, Вашингтон, Берлин, Париз, во кои ќе се истакнува дека бугарското малцинство во земјава е дискриминирано бидејќи „македонските власти му ги забрануваат здруженијата“.
Адвокатот и борец за правата на македонското малцинство во Бугарија, Тони Менкиноски, смета дека македонскиот народ ја презрел бугарската перфидна игра постојано да прави замена на тезите и себеси да се прикажува како жртва.

– Македонскиот народ во однос на сите бугарски провокации досега одлично изигра, за разлика од македонската држава и нејзините институции, кои се понесоа страшно дефетистички. Ова што го прави Бугарија во Советот на Европа, со барањето да се утврди системска дискриминација над Бугарите во Македонија и кое нормално беше отфрлено, всушност требаше многу одамна да го направи Македонија, таа да побара од Советот на Европа утврдување системска дискриминација над македонското малцинство во Бугарија оти има основа за тоа. Таа дискриминација вистински постои, а не да се наметнува некаква наводна системска дискриминација над Бугарите во Македонија. Тоа требаше да го направиме како држава. Како народ се однесуваме мудро, но Република Македонија како држава потфрли. Каде беше македонската дипломатија да реагира – прашува Менкиноски, притоа додавајќи дека во сите соседни држави постои системска дискриминација врз македонското малцинство.
Според него, ова што сега Бугарија го прави во Македонија со провокациите и инсценираните инциденти нема да престане и во наредниот период бидејќи официјална Софија сака да понуди што повеќе факти со кои би потврдила дискриминација на Бугарите во земјава
– Бугарите прават поле за фактологија. Тие немаат фактологија и ова им дојде како кец на десетка, да кажат, еве, Бугарите се дискриминирани во Македонија. Ние отидовме многу понапред како народ и излеговме многу цивилизирани во целата оваа работа, така што сметам дека ништо повеќе нема да им помине – категоричен е Менкиноски.
Негово мислење е дека зад сите активности на официјална Софија, всушност, се крие паничниот страв дека конечно ќе мораат да го прифатат постоењето на македонското малцинство на своја територија, а со тоа, всушност, да го признаат постоењето на македонскиот народ.

– Бугарија е во паника. Нејзината империјалистичка политика кон Македонците во Република Македонија и нејзината геноцидна политика кон Македонците во Република Бугарија доаѓа кон својот крај. Цивилизираниот свет не ѝ верува на Бугарија. Тие сега бараат начин како да го избегнат делот што се однесува на регистрација на македонските организации во Бугарија. Регистрирањето на македонските организации во Бугарија значи и признавање на Македонците од страна на бугарските власти и тоа е главната поента. Бугарија има проблем, таа мора да се демократизира и мора да ги почитува основните човекови права на сите индивидуи таму, без разлика дали се Македонци, Турци или други, исто како што бара права за бугарското малцинство во Македонија и другите земји – констатира Менкиноски.
Првиот човек на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, смета дека Бугарија има добро разработена стратегија за потезите што ќе ги презема во однос на Македонија во периодот што следува.
– Во меѓувреме ќе има „мал милион“ нови епизоди, провокации и одамна испланирани потези на држава што има стратегија за сето тоа, која нас ќе нè става во нови и нови блокади, недоумици и збунетости, бидејќи ние немаме таква стратегија и сите овие „случаи“ нè наоѓаат затечени. Изгледа толку (не) знаеме и можеме – посочува Кржаловски.


Радев: Ќе побарам од ЕУ мониторинг за правата на Бугарите во Македонија

Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека на вонредниот состанок на Европскиот совет во Брисел ќе го отвори прашањето за, како што рече, зголемената агресија и антибугарската кампања, која, според него, се води во Македонија. Тој додаде дека ќе побара од ЕУ да воведе мониторинг за да се гарантира почитувањето на правата на македонските Бугари.
– Очекувам категорична и институционална реакција од властите во Македонија и итни активности за откривање на сторителите. За жал, во моментов не гледам политичка волја и има неусогласеност меѓу политичките амбиции и заложби на РСМ и реалноста во која живеат македонските Бугари таму. Негирањето на постоењето на овие проблеми само го одложува решението, доведува до чувство на неказнивост, а само стимулира злосторства од омраза – рече Радев.