Соговорниците што ја анализираа одлуката на судот во Лерин признаваат дека „одлуката за отфрлање на барањата за укинување на Центарот за македонски јазик“ е големо поместување на грчката држава во соочувањето со реалноста за постоењето на македонскиот јазик. Накратко, според нашите соговорници, судот кажува дека не може да се спречи постоењето на македонскиот јазик, ниту во Грција ниту во ЕУ!
Големо поместување на грчката држава во соочувањето со реалноста за постоењето на македонскиот јазик
Центарот за македонски јазик од Лерин, Грција, доби една правна битка за да го продолжи своето постоење, која му беше наметната со барањата на неколку ултранационалистички грчки движења, грчки здруженија од Австралија и Канада и од Златна зора, за укинување на неговата регистрација. Пред неколку дена судот во Лерин ги одбил сите тужби и барања за укинување на Центарот, кој е основан минатата година, со првична идеја за организирање бесплатни онлајн курсеви за изучување на македонскиот јазик во Грција. Правната форма на постоење на Центарот за македонски јазик е всушност невладина организација, чија регистрација грчкиот суд ја дозволи минатата година.
Имајќи ја предвид историјата на негирање на постоењето на македонскиот јазик, воопшто од страна на Грција, а особено антагонизмот спрема говорењето на македонски јазик во рамките на грчката држава, одлуката на судот во Лерин предизвика пријатно изненадување кај Македонците во Грција. На социјалните мрежи Македонците од Грција коментираат дека одбивањето на барањата за укинување на Центарот е пријатно изненадување од грчкиот правосуден систем. Со позицијата на грчкиот судски систем, што при оваа одлука се темели на законитост и правдина, се изразуваат надежи дека ќе се отворат повеќе училишта за македонски јазик за конечно македонскиот јазик да стане дел од образовниот систем во Егејска Македонија и новите генерации да го учат македонскиот јазик.
Судот кажува дека не може да се спречи постоењето на македонскиот јазик, ниту во Грција ниту во ЕУ
– Мораме да признаеме дека одлуката на судот во Лерин да ги отфрли барањата за укинување на Центарот за македонски јазик е големо поместување на грчката држава во соочувањето со реалноста за постоењето на македонскиот јазик. Накратко, судот кажува дека не може да се спречи постоењето на македонскиот јазик, ниту во Грција ниту во ЕУ. Можеби и на судијата што ја донел оваа одлука интимно не му било сосема по волја што мора да одлучи така, но Грција како дел од Европската Унија мора да ги почитува правните регулативи на Унијата за правата на малцинствата, каде што правото на изучување на мајчиниот јазик е од исклучително значење. Сепак, мора да бидеме свесни дека долг е патот македонскиот јазик да влезе, т.е. да се изучува во образовниот систем во Грција. Но останува луѓето Македонци таму да не се откажуваат од желбата за изучување и афирмирање на македонскиот јазик, а ние, оттука, од Македонија, да ги искористиме алатките што ни се даваат во рамките на Преспанскиот договор да им помогнеме во нивните заложби. Оваа пресуда на грчкиот суд, за која треба да почекаме да стане и правосилна, ми ги подгрева и надежите дека не е далеку денот кога ќе можеме да отвориме и лекторат по македонски јазик во Грција, за почеток, можеби во рамките на културните центри во македонските дипломатски претставништва – вели професорот Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик.
Сѐ уште не можеме да кажеме дека се решени сите спорни прашања за статусот на македонскиот јазик во Грција
Професорката Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик смета дека е значајна одлуката на грчкиот суд да продолжи со работа Центарот за македонски јазик и никако не треба да се запостави, но, сепак, не можеме да кажеме дека се решени сите спорни прашања за статусот на македонскиот јазик во Грција.
– Многу е важно и претставува голем успех што ќе продолжи да работи Центарот за македонски јазик во Грција. Претпоставувам дека ваквата одлука на грчкиот суд се должи на притисокот од Европскиот суд за човекови права, односно постоењето на Центарот е дел од обврските за почитување на правата на малцинствата, што им го гарантира Советот на Европа. Сепак, вистинска рамноправност и признавање на македонскиот јазик би биле постигнати кога би имало можност во Грција тој да се изучува на ниво на високо образование, барем да има можност за образовање преведувачи од македонски на грчки јазик и обратно. Никако не смее да се намали важноста на успехот за продолжување на постоењето на Центарот за македонски јазик, но не можеме да кажеме дека се решени и сите спорни прашања за неговиот третман во Грција – вели професорката Елка Јачева-Улчар.
Зоран Спасовки, научен советник во Институтот за македонски јазик е похрабар во својот оптимизам за значењето на пресудата на грчкиот суд во корист на Центарот за македонски јазик и смета дека со неа се дава јасна порака за шанса за правата на Македонците на територијата на Грција.
– Мислам дека пресудата прво претставува важна промена. За првпат по толку време Грција го признава постоењето на македонскиот јазик, секаде, а и де факто на своја територија и не се обидува да го скрие тој факт и со ова дава јасна порака за шанса за правата на Македонците на нејзина територија. Одобрувањето на работата на македонскиот културен центар таму би требало да значи дека веќе не се проблематизира македонското малцинство во нивната земја и неговите права. На таа одлука треба да се гледа само позитивно – вели Зоран Спасовски од Институтот за македонски јазик.