Неопходно е македонската позиција
погласно и почесто да се слуша во ЕУ
Почнувајќи од Хрватска и Словенија, кои сега се членки на Унијата, но со кои имаме блиско заедничко минато и кои реално се запознаени со македонските билатерални предизвици со непосредните соседи, потребно е политичарите што ја предводат македонската надворешна политика (претседателот, премиерот, министерот за надворешни работи), почесто и погласно да потсетуваат на праведната македонска национална позиција
Во текот на целата „европска епопеја“ на Македонија, која трае речиси триесетина години, од прогласувањето на независноста, не може да се избегне впечатокот дека македонските политичари многу често нејасно и некатегорично ги претставувале македонските национални позиции пред европските фактори и пред европската јавност. За разлика од воздржаниот однос по националниот интерес на македонскиот народ што го практикуваа македонските политичари, нивните колеги од соседството не се стеснуваат да ги декларираат пред европските и меѓународните институции своите претензии спрема македонскиот идентитет, постоење, па и територијата на која егзистираат Македонците. Како актуелен резултат од таквото однесување и на македонските и на соседските политичари, Македонија и македонскиот народ се доведени во ситуација на континуирани национални отстапки за да се интегрираат во меѓународните и европските структури, како ООН, НАТО, ЕУ.
Во една од најновите епизоди од особено контроверзниот процес на македонските евроинтеграции, бугарскиот претседател Румен Радев во писмо испратено до лидерите на земјите-членки на ЕУ побара пристапниот процес за Македонија да не се одвива врз, како што вели тој, „политика на лобирање“, заложувајќи се за своевидно ембарго за македонските институции и функционери да ја претстават својата страна пред меѓународните институции. Но, самиот факт што бугарската политика не се откажува од користење на сите средства и можности за дискредитирање на Македонија меѓу земјите-членки на ЕУ (кои прво велеа дека не ги разбираат позициите на Бугарија, но најдоа начин сите нејзини услови да ги вметнат во преговарачката рамка за Македонија) го наметнува прашањето дали водечките луѓе на македонската политика ги користат доволно можностите како земја-кандидат за членство во ЕУ да ги изнесат појасно и погласно македонските национални позиции. Јасно е дека таквите можности како земја-кандидат се поограничени од оние на Бугарија, како членка на ЕУ, но со оглед на фактот дека нашата стратегиска определба за членство во ЕУ е заснована врз принципите и вредностите на кои е заснована Унијата, македонската страна треба јасно да искаже во Брисел дека токму врз Македонија се кршат европските темели.
– Ги пропуштаме можностите да ја искажеме македонската позиција, која е заснована на историската вистина, и не ги користиме шансите за наша национална афирмација во системот на ЕУ што ни ги даваат некои од земјите-членки. Чешка и Словачка на еден од самитите на ЕУ издадоа декларација дека „ЕУ не треба да ги пишува националните истории“, ниту на земјите-членки, ниту на кандидатите, токму кога Бугарија настојуваше да ни го наметне тоа во заклучоците на самитот за време на германското претседателство. Македонските политичари, за жал, никогаш потоа не се повикаа на таа декларација и сега сме заплеткани со т.н. француски предлог, со кој повторно сме уценувани со бугарските услови, спротивни на принципите и вредностите на ЕУ – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја на Македонија.
Развојот на настаните и континуираниот притисок за исполнување на непринципиелните и нестандардни услови во предложената преговарачка рамка, за Македонија да ги започне преговорите со ЕУ, укажуваат дека македонските политичари треба да работат на реафирмација на поддршката од докажаните пријателски земји-членки на Унијата. Почнувајќи од Хрватска и Словенија, кои сега се членки на Унијата, но со кои имавме блиско заедничко минато и кои реално се запознаени со македонските билатерални предизвици со непосредните соседи, потребно е политичарите што ја предводат македонската надворешна политика (претседателот, премиерот, министерот за надворешни работи) почесто и погласно да потсетуваат на праведната македонска национална позиција. Секако дека Македонија треба да ги исполни реформските задачи во пристапниот процес во ЕУ, но еднакво е важно да ги зачува сите атрибути на македонското национално постоење и позиција на суверена држава.