Авторите Киро Донев, Славка Арсова, Вера Андон, Ксенија Маказлиева Трајчева, Весна Мундишевска Велјановска, Душко Трифуновски и Трајче Кацаров, со чии книги растеле многу деца, кога биле мали, имале свои омилени херои од книгите, со чија помош го осознавале светот околу себе
Омилени лектири на македонските писатели за деца и за млади
Ви откриваме кои им се омилените лектири на македонските писатели за деца.
Летото е време за игри, време за сонце, вода и песок, време за езера, планини и реки… Веќе не сум дете. Веќе одамна немам задолжителни лектири за летниот распуст… Ама штом дојде лето, се потсетувам на времето кога летото беше време и за читање на лектирите од списокот што ни го дала наставничката…
Која ми е омилена? Ммм… тешко прашање… Размислувам за „Чорбаџи Теодос“ на Васил Иљоски, од која сѐ уште паметам реплики… Имав можност да ја играм и на сцена и да ја играм улогата на мудриот Арсо, а оваа драма сум ја гледал и на телевизија. Тука се „Том Соер“, но и „Прости ми, канаринке“, „Бојан“… И сепак, одлуката „паѓа“ на „Големи и мали“ од Бошко Смаќоски. Тоа е лектирата што десетици пати сум ја прочитал, десетици пати сум ја гледал нејзината филмувана верзија и често се потсетувам на реченицата на чичкото судија: „Секој заслужува по малку среќа“. Веројатно поради таа реченица, тоа е мојата омилена лектира.
Ете, драги другарчиња, ви кажав која е мојата омилена лектира. А која е нивна омилена лектира, ги запрашавме македонските писатели за деца: Киро Донев, Славка Арсова, Вера Андон, Ксенија Маказлиева Трајчева, Весна Мундишевска Велјановска, Душко Трифуновски и Трајче Кацаров.
Вера Андон: „Прости ми, канаринке“ од Видое Подгорец
Нашата поетеса Вера Андон неодамна ја објави својата најнова сликовница „Ноли и детелинката“, во издание на „Топер“, а летово го користи за одмор на Водно, за разладување во Преспанско Езеро, но и за создавање нови песни за младите читатели. Таа со радост ни раскажа за нејзината омилена лектира.
– Мојата омилена лектира од детството е „Прости ми, канаринке“ од Видое Подгорец. Толку ми се имаше допаднато, што решив за летниот распуст да му ја читам на братучед ми Илче од Охрид. Читајќи, тага ми го растрепери гласот, ми го исуши грлото, ми ги насолзи очите – се расплакав… И сѐ уште не знам зошто толку се засрамив од тие мои солзи… Но знам дека писателот Подгорец засекогаш ми се всели во срцето – со возбуда и со носталгија раскажува поетесата Андон.
Душко Трифуновски:
„Белото Циганче“ од Видое Подгорец
Младиот автор Душко Трифуновски се труди едновремено да пишува и за децата и за возрасните. И успева во тоа. Па, така, минатата седмица ја промовира најновата книга „Слана јазол“, а деновиве од печат излезе неговото првенче за деца „Бела и Зборко“.
Денес, како вработен во издаваштвото и како наставник по македонски јазик, тој е оној што треба да предложи лектири и да ги насочи учениците, но, еве, за „Колибри“ открива која е неговата омилена лектира.
– Моето детство помина во едно прекрасно село и токму во тој период ја читав „Белото Циганче“ од Видое Подгорец, лектира што треба да ја прочита секое дете, особено децата растени во град. Баба Мулон ми остави длабок впечаток поради цврстиот карактер, со желба да израсне здраво и силно дете. Тоа дете е Таруно. Можеби средината во која се наоѓав тогаш ми влијаеше токму „Белото Циганче“ да ми прирасне за срце, но неколкупати се навраќам на неа и ја читам во еден здив – ни раскажа Душко Трифуновски.
Трајче Кацаров: „Туника“
од Видое Подгорец
И познатиот македонски писател за деца и возрасни Трајче Кацаров, кој за своите дела има добиено голем број награди и признанија, а неговите книги се преведени и во странство, го издвои Видое Подгорец како омилен писател кога тој бил учесник. А еве и зошто.
– Детството ми помина под топлото крило на мојот ангел чувар – мојата нана Блажа, мајката на мојата мајка. Таа беше религиозна жена. Првото мое образование беше религиозно. Гревот ни беше основната лекција. Кога тргнав на училиште, особено кога се сретнавме со предметната настава, учителите преку уроците што ни ги сервираа, не оставаа некој да скршне од патот на Дарвиновата теорија. Така, навечер пред легнување се крстев и ја кажував напамет „Оче наш“, наутро ги повторував лекциите од кои учевме дека човекот е одговорен, а не некој друг, за неговите постапки. Распнат помеѓу гревот и моќта на волјата, се довлечкав до мојата прва љубов. Имаше сини очи, руса коса, спастрена во „коњско опавче“ и најубава насмевка на светот. Имаше име во кое се содржеше зборот љубов, или јас така ја ословував. Седеше во првата клупа веднаш до вратата на училницата. За време на одморите, јас бев портирот на училницата обележена со бројките 5. – 3. Ме плашеше, дотогаш, непочувствуваната болка. Ме плашеше сѐ додека за време на летниот распуст не ја прочитав „Туника“ на Видое Подгорец. Ни беше за лектира. Мене ми остана во сеќавање како мојата прва другарка со која можев да ги споделам спомените од мојата прва љубов. Кога почна учебната година и кога учителот по мајчин јазик ме праша која книга од лектирите ми остави најголем впечаток, одговорив дека не се сеќавам на ниту една. „Туника“ беше моја интима – вели Трајче Кацаров.
Славка Арсова:
„Колибата на чичо Том“
од Хариета Бичер Стоун
Писателката за деца и за возрасни Славка Арсова месецов го прослави својот осумдесет и осми роденден, и тоа на необичен начин. Нејзините некогашни ученици од ГУЦ „Здравко Цветковски“ токму на денот на роденденот – трети јули, одлучија да ја поканат својата класна Славка Арсова и да го прослават нејзиниот роденден, а наедно да одбележат и четириесет и четири години од нивното матурирање. Но без разлика колку години има човек, книгите од детството силно се врежуваат во нашата меморија и ги паметиме додека сме живи. Можеби не се сеќаваме на ликовите и дејствата во книгата, но книгите ги паметиме по некое чувство што го разбудиле тие во нас. И додека сегашните генерации ја читаат нејзината книга „Мобилките пред пештерата“ како незадолжителна лектира, Славка Арсова се навраќа на нејзиното детство и ни раскажува за нејзината омилена лектира.
– Во времето кога бев дете, во книжарниците и во библиотеките немаше книги за деца од македонски писатели. Меѓутоа, имаше многу книги од странски писатели, преведени на македонски јазик. И сега, во моиве поодминати години, се сеќавам на: „Toм Соер“, „Гуливеровите патувања“, „Робинзон Крусо“, „Девојчето со кибритчињата“, на „Алиса од земјата на чудата“ и др. Не паметам која книга сум ја прочитала или не, но со сигурност ја паметам и никогаш нема да ја заборавам книгата „Колибата на чичо Том“ од Хариета Бичер Стоун. Овој роман се чита без здив и ликовите никогаш не исчезнуваат од паметењето, како и трагичната судбина на Црнците во Америка. Многу длабоко и психолошки, авторката ги насликала јунаците од романот. Најимпресивен е ликот на чичо Том. Сега како да ми се појавува пред очите – добриот чичко Том, чесен, трудољубив, секогаш верен кон оној што го сака и почитува. Одушевува неговата великодушност кога се жртвува за сите. Од друга страна, тој знае и животно да му се спротивстави на секој што го понижува црниот човек и кој смета дека Црнците се само за работа и се сметаат за стока – сликовито ни раскажа писателката Арсова.
Киро Донев: „Том Соер“
од Марк Твен
На популарниот автор и новинар Киро Донев, со чии книги растеа и растат многу генерации, не му требаше нималку време за да ни одговори која е неговата омилена лектира.
– „Авантурите на Том Соер“ на Марк Твен е книгата што сум ја прочитал над дваесет пати. Дружината на Том Соер и на Хаклбери Фин и нивните палавштини крај реката Мисисипи беа поттик да ја оформиме нашата дружина Кир Сте Жи (скратено Киро, Стеван и Живко) и, наместо крај Мисисипи, слични лудории да приредуваме крај нашата селска река во Моноспитово, која се влеваше во Моноспитовско Блато. Едноставно, јас и моето друштво се имавме идентификувано со ликовите од делото на Марк Твен. Јас толку многу ја позајмував книгата, што веќе беше збунувачки за училишниот библиотекар. „Само ти ја земаш оваа книга, а никој друг не ја чита. Што си се запнал толку во неа“, ме праша еднаш Атанас Младеновски, библиотекарот во училишната библиотека во Муртино, кој ми беше и наставник по македонски јазик. „Не знам. Многу ја сакам“, одговорив – раскажува Донев.
Но авантурата на Киро Донев со книгата „Авантурите на Том Соер“ не завршува тука.
– Многу сакав таа книга да ја имам за себе. Бидејќи в село не се продаваа книги, а немав друга можност, сторив еден грев. Ја украдов книгата од училишната библиотека. На крајот од годината наставникот замоли да се вратат позајмените книги затоа што ако ги нема, тој ќе треба да плати отштета. Јас од срам не кажав. По многу години, кога станав уредник на „Просветно дело“, со мојата екипа отидовме во Крива Паланка. Бидејќи мојот наставник од Муртино беше родум од Крива Паланка, веќе држеше настава во својот роден град. Го посетивме неговото училиште. Тој пред неговите ученици почна да ме фали, а јас црвенеев и тогаш признав за „сторениот грев“. Реков: „Eве ја таа ’украдена‘ книга со печат од училишната библиотека. И сега, еве, ви подарувам десет мои книги за вас и уште триесетина за вашата училишна библиотека“. А наставникот се расплака, велејќи: „Кирче, знаев дека ќе биде свирче од тебе. Камо и сега децата да крадат книги“.
Kсенија Маказлиева Трајчева: „Басни“
од Ла Фонтен, Езоп и од Крилов
Kсенија Маказлиева Трајчева, уредничка на списанија и книги за деца и авторка, низ долгогодишната работа имала можност да се сретне со многу книги и да ги чита и препрочитува уште додека се во ракопис, но, како што спомнавме, книгите од детството имаат посебен мирис на носталгија и чудесна магија, па ни се топло чувство од минатото, но и патоказ за иднината.
– „Басни“, избор од творештвото на Ла Фонтен, Езоп и на Крилов, е лектирата на која често ѝ се навраќам во животот. Црно-бело илустрираната книга, задолжително четиво во четврто одделение, е книгата на која ќе се сеќавам цел живот. Малите басни, кои во себе носат големи мудрости, со поука посебно издвоена под секоја од нив, ми го покажаа патот кон вистинските вредности во животот, кои ме водат и ден-денес. Ме научија дека секој има свое место и мисија на овој свет. Секој заслужува почит и никој не треба да се потценува или преценува, важно е секој да умее да донесе што пореална процена, како за себе така и за другите во своето опкружување. И за победа и за пораз, потребни се поддршка и тим, сам никој ништо не постигнува. Важно е да се усвојат високи човечки вредности и критериуми, за да се направи што подобра процена, а тоа толку лесно се учи и усвојува токму низ басните на безвременските Ла Фонтен, Езоп, Крилов… – вели Ксенија Маказлиева Трајчева.
Весна Мундишевска Велјановска:
„20.000 милји под морето“ од Жил Верн
Авторката Весна Мундишевска Велјановска, покрај тоа што пишува за деца и за возрасни, таа е и графичка уредничка и авторка на кориците на многу нејзини книги, но и на книги од други автори. Таа е и професорка, па, така, книгите ги спознава и според содржината, но и според формата. Дали некоја корица или, пак, содржината биле пресудни да се заљуби во одредена книга, ни кажа во краткиот разговор.
– Моето детство беше полно со детски игри, но и многу книги. Читав многу, и од задолжителните лектири и уште многу други изданија. Затоа тешко ми е да издвојам само еден наслов. Прво што ми падна напамет беа бајките од Браќата Грим и од Ханс Кристијан Андерсен, волшебните приказни од словенските народи, а со посебна возбуда се потсетив на книгите од Жил Верн како „Пат околу светот за 80 дена“ и „20.000 милји под морето“. Всушност, најмногу сакав книги полни со мистерии и доживувања, со откривање егзотични места и необични обичаи, книги што исцртуваат нови непознати светови, книги во кои ликовите се храбри, одлучни, со немирен дух, кои сакаат предизвици, но и ликови што отсликуваат карактери со големи срца, мудрост и визионерско гледање напред, пред своето време. Така читајќи, среќна, создавав своја авантура преполна со шармот на детската љубопитност. Затоа читајте и будни сонувајте ја радоста на вашата фантастика – порачува на крајот Весна Мундишевска Велјановска.