Во јавноста и во кулоарите сѐ повеќе е присутен наративот дека уставните измени би можеле да следуваат во првите 100 дена од мандатот на новата влада. Многу сигнали упатуваат на таков развој на настаните, но она што е повеќе од извесно и јасно е тоа дека меѓународната заедница нема намера да се откаже од промената на Уставот како услов земјава да почне да ги отвора преговарачките поглавја
Кои се показателите дека ни претстои инвазија наД највисокиот правно-политички акт во првите 100 дена од новата влада
Темата за уставните измени останува и натаму да биде актуелна, со оглед дека државата презеде обврска во согласност со францускиот предлог, така што меѓународниот фактор продолжува да инсистира на брзо затворање на тоа прашање веднаш по завршувањето на изборниот процес.
Во моментот кога стана јасно дека во актуелниот собраниски состав нема двотретинско мнозинство за да се направи промена на Уставот и да се впишат Бугарите, спласна и притисокот однадвор, со цел да се обезбеди простор за мирен предизборен период, но, од друга страна, официјален Брисел, како и Вашингтон, во ниту еден момент не забораваат да напоменат дека преземената обврска мора да се спроведе, без оглед кој ќе дојде на власт.
Токму поради таквите пораки, кои постојано стигнуваат од меѓународните партнери, повеќе од извесно е дека новата власт, која и да биде, ќе биде под силен притисок уставните измени да ги направи уште во првите сто дена и на тој начин сета преостаната енергија да се насочи кон воспоставување владеење на правото, борба со корупцијата и реобновување на институциите што се доведени пред целосен колапс, за што земјава веќе добива сериозни предупредувања.
Постои договор уставните измени да се направат во првите 100 дена?
Сигнали и индиции дека е можно прашањето за уставните измени да се стави на дневен ред веднаш по воспоставувањето на новата власт има повеќе, а она што е повеќе од сигурно е тоа дека меѓународниот фактор нема намера овој процес да го држи отворен во недоглед.
– Ние мислиме дека уставните измени ќе се случат по изборите – изјави неодамна првиот човек на Левица, Димитар Апасиев.
Притоа додаде дека опозицијата тактизира тоа да не се направи пред изборите, а дека потоа ќе се пристапело кон овој процес, и тоа, како што тврди лидерот на Левица, го потврдила и власта, поточно министерот за надворешни работи Бујар Османи кога кажал дека постои договор уставните измени да се направат во првите сто дена.
– Тоа ќе се направи за да се откочи тој процес, а потоа граѓаните ќе заборават – потенцираше Апасиев.
Уште еден индикатор што треба да се има предвид во целиот политички колаж е изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во едно неодамнешно интервју најави дека се подготвени со Бугарија да разговараат за ова прашање и да најдат решение што ќе биде прифатливо за сите.
– ВМРО-ДПМНЕ е подготвено веднаш по формирањето на новата влада да седне со властите во Софија, се разбира доколку има желба од нивна страна, да разговара, за да видиме како ќе излеземе од оваа мртва состојба во која оваа влада и авантурите на Османи, Пендаровски и Ковачевски ја доведоа Македонија во евроинтегративниот процес – истакна Мицкоски.
Да не се испушти сигналот за уставни измени што произлегува од заклучоците на Европскиот совет од декември минатата година, како и од Вашингтон, САД
Да не се испушти од анализата и уште еден значаен дополнителен сигнал дека се остава простор новата влада уште на почетокот на мандатот да го затвори прашањето за уставните измени за да може да следува процесот на отворање на преговарачките поглавја се заклучоците на Европскиот совет од декември минатата година.
Во ниту еден заклучок не се споменува ниту една земја посебно, но кога станува збор за Македонија, беше вметната посебна реченица со која беше нагласена потребата да се спроведат уставните измени, што јасно говори на што ќе инсистира ЕУ веднаш по изборите во земјава.
– Замислете, ниту една Србија не беше посебно спомната во заклучоците, која знаеме дека има отворено прашање со Косово, а под лупа е и нејзиниот однос со Русија, но затоа за Македонија беше вметната реченица со која се бара да се направат уставните измени. Тоа е јасен сигнал дека новата влада по мајските избори ќе мора ова прашање да го затвори многу брзо, веројатно во првите сто дена. Тоа се совпаѓа со периодот на летните одмори, граѓаните ќе бидат поопуштени, половина нема да бидат во земјава, така што некој смета дека тоа е добар момент најбезболно да се заврши целата работа – велат некои од соговорниците што се запознаени со евроинтегративниот процес на земјава.
Следната недела во Македонија доаѓа и Џејмс О’Брајан, помошник-државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД) за европски и евроазиски прашања, при што се очекува главна тема на неговите разговори со македонските политичари да бидат политичките случувања во земјава, а главен фокус ќе бидат токму уставните измени. Тој неодамна веќе испрати јасна порака дека уставните измени за САД се важни и дека Македонија што поскоро мора да ја спроведе оваа преземена обврска.
Зошто стивна Софија?
Сигнал дека се подготвува атмосфера за уставни измени по изборите во земјава е стивнувањето на провокациите од соседна Бугарија, која, делумно и по советите од Брисел и од Вашингтон, се држи настрана од случувањата во земјава. Тоа го потврдува и неодамнешното одбележување на годишнината од убиството на Мара Бунева, кое мина мирно и без присуство од страна на групи од Бугарија, кои изминатите години правеа голем број провокации во центарот на Скопје токму на одбележувањето на овој настан. Очигледно бугарската страна смета дека зовривањето на атмосферата меѓу двете земји отиде предалеку и во такви услови уставните измени станаа невозможна мисија.
Ова се само неколку моменти што упатуваат на заклучокот дека уставните измени се крчкаат веднаш по изборите и дека странците нема да толерираат какви било нови одложувања.
– Она што стигна како порака од ЕУ и САД, тоа е дека, покрај владеењето на правото и борбата со корупцијата, прво што треба да се направи е да се спроведат уставните измени. Нема еден политичар што не го споменал тоа. Обврската е преземена, самите од билатерален направивме мултилатерален проблем и сега треба што поскоро да излеземе од ќор-сокакот, оти државата тоне сѐ подлабоко. Опозицијата досега тврдеше дека се противи на уставни измени под „бугарски диктат“, но веројатно ако утре ја освои власта, може таа да наметне некој свој „диктат“ и така брзо да го затвори ова прашање. Политичка практика е секое горливо прашање да се затвора уште на почетокот на мандатот, за да може подоцна да се турка преостанатата агенда и да може полесно да се амортизира негативната реакција во општеството – посочуваат соговорниците.
Според нив, опцијата во првите сто дена да се пристапи кон промена на Уставот е многу реална.
– Може да се најде решение, веројатно тука и Бугарија треба да биде малку пофлексибилна околу некои формулации и да се добие вин-вин ситуација за сите страни. Може да не се инсистира толку на протоколите, а преговарачката рамка да си остане или да се најде некое друго креативно решение. Многу веројатно и странците ќе помогнат за да се најде излез од ќор-сокакот веднаш по изборите, за да може земјава подоцна да се посвети на многу посуштински прашања – заклучуваат соговорниците.